Бугарија во април и во мај ќе врши масовно тестирање за коронавирусот – а што чекаме ние?
Бојко Борисов ги реши дилемите дали да се остане на најсигурниот, но бавен и скап ПЦР тест, или да набави брзи тестови, кои исто така се сигурни. Дилемата е решена едноставно – наместо „или“, прифатен е пристапот „и“. Борисов ќе набави 3 милиони тетсови, од три вида. Кај нас, брзи тестови прават приватните болници, а јавното здравство засега ги прима и одново ги тестира лицата кои се позитивни. Дел од медиумите, пак, приватните болници ги обвинуваат за „профитерство“. Засега остануваме без одлука за масовно тестирање, иако има такви иницијативи.
За разлика од кај нас, каде што се уште се форсираат таканеречните ПЦР-тестови, кои се сметаат најсигурни во поглед на утврдувањето дали некој е заразен од коронавирусот, а присуството на т.н. брзи тестови на пазарот на медицински услуги се смета за „профитерство“, во други земји, како што се Јужна Кореја и Јапонија, на пример, од почетокот се применува стратегија на масовно и агресивно тестирање, при што се комбинираат и едните и другите тестови. За спектакуларните резултати на Јужна Кореја во справувањето со болеста веќе пишувавме.
Но, вчера (27 март), Бугарија исто така реши да оди на масовно тестирање. Повеќе бугарски медиуми, меѓу кои и mediapool.bg, објавија дека во април и мај ќе почне масовно тестирање на луѓето во таа земја за Ковид-19, при што ќе се користат три вида тестови. Бугарија планира да набави 3 милиони тестови, а расходите за месечно тестирање ќе бидат околу 21 милион левови, односно околу 12 милиони евра.
Стратегија – зошто „или“ кога може „и“?
Новата стратегија ја промовираа претседателот Бојко Борисов и началникот на Штработ против ширењето на болеста, генералот Венцислав Мутафчиски. Со стратегијата се става крај на полемиките околу т.н. брзи тестови, кои Штабот до сега се воздржуваше да ги користи. Но сега, за брзите тестови какви што сега се користат и кај нас, Мутафчиски објасни дека откриваат заболени во раната етапа и дека веќе се порачани 40 машини за обработка, кои се очекува да пристигнат за две до три недели, заедно со 300.000 тестови.
Накусо, стратегијата е едноставна – наместо „или“, се оди на „и“. Според СЗО и CDC, единствениот целосно сигурен начин да се утврди дека некој е заразен со коронавирус е тестот наречен „с real time PCR“, кој кај нас се користи во јавното здравство. Проблемот е што овој тест е бавен, изискува апаратура и многу добро обучен персонал, објасни генералот Мутафчиски. Тој тест секако ќе се користи цело време додека трае заразата. Но, на тој начин во Бугарија има можност да се вршат по околу 1.000 до 1.200 тестирања дневно, при полн капацитет на лабораториите кои работат. Тоа значи 30.000 тестови месечно.
Вториот начин на тестирање е со флуоросцентна имунохроматографска анализа на база на антиген. Пробата се зема на истиот начин, со секрет, но идентифицирањето е многу брзо – за 5 минути. За тестирање се користи мал апарат, а сега се разработуваат и поудобни – слично како кај тестовите за бременост. Вакви тестови би се правеле масовно, 10-20-30 илјади дневно, како што ќе варираат различните етапи на болеста. Овие тестови ќе дадат можност за брзо откриване на заразени, прецизираше Мутафчиски.
Третиoт тип тестови исто така се брзи, но откриваат антитела кај веќе одболедувани пациенти кои стекнале имунитет. Овие луѓе ќе можат да работат и ќе дадат основа да се разлабават мерките една по една и економијата и општествениот живот да се ослободат. Се планира дневно вакви тестови во Бугарија да се прават по 20 до 40 илјади.
Во првата порачка се предвидени 600.000 ПЦР тестови и 400.000 брзи тестови. Премиерот Борисов рече дека ќе се преговара за набавка на уште 500.000 тестови, после првата нарачка од вкупно 1 милион тестови. Според зборовите на Борисов, тестовите ќе се купат директно од државата производител.
Ем вршат работа, ем обвинети за „профитерство“
Кај нас, Клиничката болница „Жан Митрев“ врши тестирања со тест за кој декларира дека нуди детекција на новиот смртоносен коронавирус со RT-qPCR тест според протоколот на CDC. Овој тест чини 1.500 денари. Според досегашните искуства, позитивните резултати се препраќаа на тестирање и во државното здравство и тестирањата и резултатите се потврдуваа како точни. Наспроти тоа, во дел од медиумите Жан Митрев беше обвинет за „неетичко профитирање“.
Завчера (26 март) и Клиничката болница „Аџибадем Сиостина“ објави дека набавила 15.000 тестови за детекција на Ковид – 19. „ Тестот кој се користи е високопрецизен брз хроматографски тест за детекција на IgG и IgM антителата кои се создаваат од коронавирусот (COVID-19). Комбинираната употреба на IgG и IgM тестот може ефикасно да детектира присуство на вирусната инфекција или претходен контакт со вирусната инфекција преку имунолошкиот статус на телото, декларира болницата. Синоќа, пак, од „Аџибадем Систина“ дознавме дека се извршени првите 48 тестирања и дека позитивните резултати (3) веќе се испратени до Институтот за јавно здравје. Веројатно и во овој случај јавото здравство ќе ги презема случаите со позитивни наоди од приватното здравство и со сигурниот ПЦР тест ќе се утврдува дали резултатите се точни. Ако ништо друго, позитивните брзи тестови се строга индикација дека бавниот ПЦР тест ќе детектира зараза. Но, во меѓувреме „позитивните“ ќе имаат можност да преземат поригорозни мерки на самоизолација, а ако имаат симптоми и да се јават на лечење.
Сепак, во дел од медиумите, сега и „Аџибадем Систина“ е на удар. Борбата за интереси во здравството и не е некоја новина, но проблем е што ова се загрозува идејата за помасовно тестирање во Македонија, наспроти фактот дека и СЗО признава дека масовното тестирање значајно придонесува за сузбивање на заразата. Примерите од Азија што ги спомнавме тоа недвомсилено го покажуваат. Оттаму и геслото на СЗО е „Тестирај, тестирај, тестирај“.
Заборавивме на „Тестирај, тестирај, тестирај“?
Плусинфо неофицијално дознава дека и меѓу нашите експерти од областа на вирусологијата постојат директни иницијативи до здравствените власти да се прифати стратегијата на масовно тестирање. Но, како што дознаваме, се уште постојат силни отпори кон ваквиот пристап, наспроти фактот што сега и други субјекти од приватниот здравствен сектор најавуваат дека ќе набават брзи тестови и ќе почнат со тестирање на тие што имаат можност да платат.
Впрочем, има само еден начин државата да ги почитува препораките на СЗО и да им го земе инаку непостоечкиот „профит“ на приватните болници – таа самата да набави и брзи тестови и да спроведе масовно тестирање, токму по примерот на соседна Бугарија. Ќе биде и тоа наскоро, вели еден наш извор, но по наш обичај, со многу колебање и донење.