БУЏЕТОТ Е ВО ДОБРА КОНДИЦИЈА, НО НЕМА ЗА СЀ Димитриеска-Кочоска очекува државната каса да се полни според планот
Министерката за финансии очекува инфлацијата да се задржи на исто ниво до крајот на годината.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска денеска оцени дека Буџетот не е во лоша кондиција и оти наплатата на даноците се одвива согласно проекциите.
– Не би рекла дека буџетот е во лоша кондиција, но нема за се, исто како и дома. Никогаш буџетот на Македонија немал простор за се, не е ова првпат. Можеби јас како министер сега сум порестриктивна, не сакам да се трошат пари непродуктивно затоа што по короната бевме сведоци на тоа дека пари се трошеа многу непродуктивно – одговори Димитриеска – Кочоска на новинарско прашање.
Таа додаде дека сега само потранспарентно се зборува за работите за кои претходно некои не сакале да зборуваат.
Во рамки на се што е возможно и расположливо, потенцираше, правиме максимум, „а последниот податок за инфлацијата јасно покажува дека тоа што ни беше цел го постигнавме“.
Прашана за очекувањата за инфлацијата до крајот на годината посочи дека очекува да биде во границите од претходниот месец.
– Кога работите во услови на јавен долг кој цело време се движи под 60%, ние не го зголемуваме, како секоја претходна влада. Многу е тешко да ги менаџирате сите работи за да ја издржите психолошката граница. И во такви услови многу е подобро да проектирате малку попесимистичко сценарио и секогаш да се радувате дека ќе биде подобро од тоа што сте го проектирале затоа што немаме комоција. Друго е да имавме сега, денес, 50 или 55% јавен долг во однос на БДП, па сега уште 5% да имаме простор да си правиме математика. Ние немаме и поради таа причина малку одиме со попесимистичко сценарио иако проекциите на ММФ и на Светската банка се под нашите за инфлацијата до крајот на годината. Верувам дека ова што го добивме последниот месец ќе остане горе долу во тие граници – рече министерката за финансии.