Бујарскиот предлог за уставни измени – бесмислица по принципот „ако проџе, проџе”

Не мислам дека Бујар Османи не знае што зборува и дека е искрено добронамерен. Мислам дека и тој си го гледа само сопствениот интерес, а не државниот. Бидејќи држава без Македонците - нема.

2,071

Го слушнав предлогот на Бујар Османи да се вметнела клаузула во Законот за спроведување на Уставот, според која „доколку во времетраење од 5 години Бугарија продолжи да ја попречува Македонија со нешто што не се однесува на ЕУ, Парламентот да ги суспендира уставните измени“.

Да разјасниме неколку работи:

1. Бугарските политичари (огромен дел од нив) јавно изјавуваат дека Македонија и Македонците се политички проект на Тито и на Коминтерната, а претходно биле Бугари во бугарска земја, односно „Македонец“ бил географски термин, кој, според нив, означувал „Бугарин од Македонија“.

2. Преку преформулирањето на барањата од „променете ја историјата и признајте го нашето гледиште“ во преговарачката рамка со „внесете ги Бугарите во Уставот, за да им се гарантирани човековите права“ (кои им се и сега, но за да прават сцени дека не биле измислуваа етнички моменти во тепачки како таа на Пендиков – за кој Османи утредента отиде во болницата во Софија, каде беше летнат со владин авион на бугарската влада, да го посети и да го „легитимира“ измислениот етнички момент), Бугарија повторно ќе се обиде да го спроведува својот план за етничко и културно, односно идентитетско понижување и негирање на Македонија и на Македонците, преку механизмот „човекови права“. Односно ќе биде нивно „човеково право“ да не учат историја во која Гоце Делчев не е Бугарин“, или пак ќе биде „човеково право“ да не се слави 11 Октомври, бидејќи предизвикувал омраза кон, нели, уставно запишаното население во Македонија. А ако славиме – вето.

До тука сме јасни, нели? Ова се аксиоми, не се теореми, за секој опулен и писмен човек.

3. Предлогот да се вметне член во Законот за Устав кој би ги „избришал“ после 5 години, ако добиваме вето за „неевропски прашања“ (а човековите права секогаш соседите ќе ги прикажат како европски, дури и кога се за случаи како Пендиков, или Спаска Митрова од пред 15 години) е бесмислен, бидејќи и да се во Уставот, ако Софија за нив бара да се укине 11 Октомври, ние нема да го направиме тоа. Па безначајно е дали ќе се или нема да се.

4. Поважно, стекнати права не се одземаат. Односно, ако влезат во Уставот, па Бугарија, која не го признава пописот (официјален став на Радев) побара за нив квоти за вработување како да се 120.000 и со други механизми привлекува Македонци (и други, како во Албанија) да се јават за „Бугари“ за да се вработат, после тие „5 години“ на Османи, нема да бидат избркани од работа. Како што не се избркани ни рамковните кои не одеа на работа 15 години. Ако се стекнат со права за историја, празници, јазик итн. … исто така тие права не можат да бидат одземени. Така што, нема ниту една логика зошто после 5 години би биле бришени од Уставот, освен како некаква бесмислена обланда за нас, механизам кој нешто ќе ни гарантирал.

5. Единствен механизам во моментов кој може да ги задоволи барањата на Софија базирани на неточни информации, односно пропаганда, дека овде по улица тепаме Бугари на секој чекор, а сепак да покажеме проактивност и согласност во убедувањето на бугарските партнери во ЕУ дека нивното барање е разумно, е одложено дејство на уставните измени до влезот во ЕУ, со цел во периодот на преговарање да не може да нè условуваат на најбрутален начин (три тајмс трти фајв, како што ќе им посочи Заев за тоа колку прилики за вето ќе имаат, само да нè пуштат да тргнеме по патот) околу отворањето и затворањето на поглавјата, принудувајќи нè на изборот „или ЕУ напредок преку прифаќање сè што ќе побараме – или вето за непочитување на човековите права (или за „нереформираниот судски систем“, може да смислат што сакаат).

6. Османи, кој во едно интервју за германски ФАЦ призна дека знае дека од Софија постојано ќе доаѓаат нови барања, а дома зборуваше дека преговарачката рамка е одлична и до последен политички здив се бори/еше да бидат усвоени уставните измени, ако навистина се грижи/еше за интересите на најбројниот државотворен народ во Македонија, македонскиот народ, требаше сета своја „креативност“ да ја насочи кон подобрување на преговарачката рамка (што не се случи), требаше да ја вовлечат опозицијата во самиот процес долго пред да се појават предлозите (што не се случи, мислеа пак како за името ќе мине гласањето) и конечно, и тој и Ковачевски и Пендаровски и Маричиќ и сите останати требаше да не им ветуваат на сите членки на ЕУ дека ќе го поминат предлогот бидејќи е добар и прифатлив за нас, иако и на анкети и на улици им беше јасно дека народот е против. И не само македонскиот, туку сите кои живеат тука, мнозински, убедливо дека се против прифаќање на бугарските условувања – односно бугарскиот диктат.

7. Албанија го прифати таквиот диктат: прво го промени законот за малцинства пред неколку години, а на пописот мижеше додека со пасошка трговија се купуваа души и на Македонци од Албанија, но и на Албанци кои сакаат ЕУ пасош, па на пописот откако „изникнаа“ 7-8 илјади Бугари, а се намали бројот на Македонци, добија зелено светло од Софија за продолжување на преговорите.

8. ЕУ која гледа што се случува, а молчи, е најлицемерната организација на планетата Земја, иста како и другите организации кои декларативно следат право и принципи, а реално следат сè што на нив им одговара – односно секоја држава, мала или голема, го следи само и само сопствениот интерес на прво место. Па 10 празни места. Па интересот на политичките подлизурковци, кои за да ја имаат декларативната и разузнавачка поддршка на други држави, се спремни да им кажат дека ваквите услови на Софија се прифатливи за нас и дека тие „ќе ги истераат“ – како и за името.

Не можат и нема да ги истераат така. Освен ако нас, кои нè нарекуваа „руски агенти и ботови“, не нè истераат од Македонија, физички.

Решение секогаш има, само светот научи дека ние сме најтенката позиција, па таму притиска. Дека сме најслабата алка во синџирот, па таму ќе го кинат. А, не сме. Бидејќи ако некому му се нарушени човековите права во оваа заврзлама, тоа се Македонците. И во Пиринска, кои не можат невладина да регистрираат, додека кај нас загрижениве невладини академии прават и сè уште се жалат дека се дискриминирани, а и во Република Македонија, каде името нè натераа да го смениме за лажните бандитски приказни за светлата иднина, Илон Маск и НАСА, а добивме муртински нобеловец, Зајас ентерпрајз и куп, огромен куп лаги. Кои продолжуваат.

Не мислам дека Бујар Османи не знае што зборува и дека е искрено добронамерен. Мислам дека и тој си го гледа само сопствениот интерес, а не државниот. Бидејќи држава без Македонците – нема.

(Фејсбук статус на авторот)

Поврзани содржини