СО ГУМЕНИ ЧИЗМИ СЕ ОДИ ПО РИБА, А НЕ ПО ЛЕБ Интервју со новиот градоначалник на Ѓорче Петров, Александар Стојкоски
Добро се сеќавам на сите работи што им ги ветив на граѓаните, а тоа што прво ќе го направам е реализација на проектот „Ѓорче Петров без кал“. Планираме да ги реализираме, односно да ги асфалтираме сите улици во руралниот дел на општината и да извршиме реконструкција на дотраените коловози во урбаниот дел на општината, вели новиот градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, во интервју за Плусинфо.
Сè уште не сум се сместил во градоначалничкиот кабинет, а веќе почнав да размислувам за освојување нов мандат на следните локални избори, бидејќи сум сигурен оти успешно ќе го завршам првиот мандат, вели новиот градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, во интервју за Плусинфо.
Тој посочува дека во следните четири години ќе работи чесно и макотрпно, па самите граѓани, како што вели, ќе сфатат дека имаат градоначалник кој заслужил да не се менува.
За извојуваната победа во првиот круг на локалните избори, Стојкоски вели дека била очекувана, но дека ни самиот не верувал оти ќе победи со толку голема разлика во гласовите.
На ѓорчепетровци им ветува дека повеќе нема да газат во кал, на помладите генерации им ветува паркови и зеленило во секое маало, а на најмладите, пак, им ветува детски градинки.
Стојкоски, кој инаку е лекар-радиолог по професија, упатува и јавен апел до граѓаните да не практикуваат да пијат млеко директно од крава, оти, како што вели, во незовриеното млеко можно е да живеат бактерии кои можат да предизвикаат трајни последици по здравјето на човекот.
По професија сте лекар и кај граѓаните ве бие добар глас дека сте човек кој помага секогаш кога е потребно. Зошто мислите дека добар лекар може да биде добар градоначалник?
– Добар лекар може да биде добар градоначалник од проста причина што пристапот на лекарите кон луѓето е неселективен и лекарите имаат поголема емпатија кон луѓето, сочувствуваат со пациентите и постојано се обидуваат да ги излекуваат. Лекарите имаат еднаков пристап кон секој поединец, а тоа мене ми е најважно. Јас како градоначалник ќе се обидам да ја задржам неселективноста и на тој начин општината ќе бележи подобри резултати. Општиот впечаток е дека Општина Ѓорче Петров досега беше затворена општина, луѓето немаа пристап до градоначалникот и до администрацијата, а јас силно ќе се насочам кон подобрување на комуникацијата со народот. Тоа ќе биде вовед во натамошните процеси и на тоа што го планирам во делот на дигитализација, односно исклучувањето на човечкиот фактор во носењето одлуки.
Победата во првиот круг на локалните избори може да се смета за изненадување, со оглед на тоа што повеќето предизборни анкети покажуваа дека во Општина Ѓорче Петров ќе се води тесна трка. Очекувавте ли вие лично ваква лесна победа и дали сметате дека победивте поради тоа што им го понудивте најдоброто на граѓаните, или, пак, поради тоа што вашиот противкандидат од СДСМ, а досегашен градоначалник, не ги исполнил во целост своите ветувања?
– Воопшто не беше лесно да се извојува победа во првиот круг, постојано бев присутен на терен и имав многу директни средби со граѓаните. Тоа е клучот за ваквиот успех. Комуникацијата со граѓаните ни помогна да ги воочиме проблемите, а теренските активности ми помогнаа да осознаам и за проблеми кои воопшто не ни беа вметнати во кампањата, а кои добиваат приоритет за решавање. Не можам да кажам дека не очекував победа во прв круг, но од друга страна, имав петмина противкандидати. Сепак, победив со голема разлика во гласовите и таквата масовна поддршка дополнително ми ја зголеми одговорноста.
Во предизборната кампања ветивте повеќе од 200 проекти на територијата на Ѓорче Петров. Што е тоа што прво ќе го направите откако ќе влезете во градоначалничкиот кабинет?
– Добро се сеќавам на сите работи што им ги ветив на граѓаните, а тоа што прво ќе го направам е реализација на проектот „Ѓорче Петров без кал“. Планираме да ги реализираме, односно да ги асфалтираме сите улици во руралниот дел на општината и да извршиме реконструкција на дотраените коловози во урбаниот дел на општината. Секаде каде што има техничка можност ќе поставиме атмосферска канализација. Ќе се фокусирам силно и на детските градинки, бидејќи ветив изградба на две нови детски градинки. Секако, тоа ќе го сториме во соработка со Министерството за труд и социјална политика и верувам дека нема да имаме кочници, бидејќи се работи во интерес на граѓаните. Ако дојде до промена на централната власт по локалните избори, тогаш тој процес сигурно ќе тече подинамично и не би се појавувале препреки во работењето.
Ветувавте зеленило и паркови во секое маало, но што ќе направите со депониите и со насипите?
– Решавањето на проблемот со депонијата во Ново Село ќе го решаваме заеднички со Град Скопје, бидејќи и Данела Арсовска го има наведено овој проблем во нејзината програма. Прво што ќе направиме е да поставиме 24-часовна чуварска служба која нема да им дозволува на камионите и на тракторите да го истураат ѓубрето во депонијата, а ќе поставиме и видео-надзор. Првичниот услов за да започнеме со решавање на депонијата е да го оневозможиме пристапот до самата депонија. Јас како градоначалник ќе склучам договор со ЈП „Дрисла“ и ѓубрето ќе се фрла во таа депонија. Нашиот проблем се јавува во руралниот дел, бидејќи таму има приватна фирма која го собира ѓубрето од дворовите на куќите, но анализите покажуваат дека една канта не е доволна за едно домаќинтво. Затоа, треба да разговараме дали да се понудат субвенции за втора канта или да се намали цената на услугата. Исто така, мора да стимулираме и рециклирање на отпадот. Втор голем проблем претставува депонијата кај реката Лепенец во близина на последната автобуска станица во Волково. Таму луѓето најчесто фрлаат градежен отпад и за решавањето на овој проблем ќе ни биде потребна и државна интервенција. Јас лично ќе барам од општинските инспектори за животна средина да бидат строги и ригорозни кон лицата кои истураат отпад во близина на Лепенец.
Што да очекуваат жителите на Волково, Ново Село, Даме Груев, Кисела Јабука и на Орман во првата година од вашиот градоначалнички мандат?
Фамозната улица 21 во Волково, на пример, каде што во 21 век жителите се принудени да облечат гумени чизми за да појдат до продавница, конечно ќе биде поплочена со бекатон-плочки.
– Планираме да ја завршиме канализацијата во селото Орман и ќе ги асфалтираме сите улици во Волково каде што е завршен подземниот инфраструктурен дел. Фамозната улица 21 во Волково, на пример, каде што во 21 век жителите се принудени да облечат гумени чизми за да појдат до продавница, конечно ќе биде поплочена со бекатон-плочки. А верувајте ми, такви катастрофални улици има многу во нашата општина и ветувам дека уште во првата година од мојот мандат ќе се потрудам да ги решам овие критични точки. Во населбата Даме Груев планираме да направиме нова паркова површина покрај новата црква и месната заедница. Исто така, ќе започнеме со проектирање на пешачка зона на улицата Шарпланинска, која е позната и под името Кокта. Не можам сега да зборувам со тврдење, но можно е да успееме и да ја пробиеме оваа улица кон Ново Село. Ова не го ветувам, бидејќи не знам во каква состојба ќе ја начекам општината, но доколку имаме доволно средства, тогаш со сигурност ќе го реализирам и овој проект.
Мандат подолг од четири години?
– Јас сè уште не сум влегол во кабинетот, а веќе размислувам за освојување нов мандат на следните избори. И тоа сметам дека е моја добра особина, бидејќи избран сум за да работам одговорно и ќе работам одговорно. Ние не можеме да сме фиксни за самата програма, меѓутоа треба да го прошируваме опсегот на работи коишто сме ги ветиле и да се движиме во правилен правец. Луѓето тоа ќе го почувствуваат и ќе видат дали сте излезени на терен, дали работите, дали ги слушате и дали правилно изведувате работи со одредена динамика. Јас нема да ја направам истата грешка како мојот претходник, а тоа е да си седам три години, а само пред изборите да почнам со работа. Ингеренциите ни се испреплетуваат, имаме координација со градската и со централната власт и тоа треба сите да го имаат на ум. Но, она што можеме сами да го изработиме како општина, јас стојам позади тоа дека максимално ќе се трудиме да ги исполниме ветувањата. Вие ако се покажете како успешен градоначалник, тогаш нема зошто да не ја добиете заслугата. И тоа е правилниот репер. На овие избори ја добив шансата да се докажам, а на следните избори ќе ја добијам вистинската оценка за тоа како сум работел.
Треба ли да се очекува политички реваншизам? Ќе го добие ли јавноста на увид „валканиот веш“ на поранешниот градоначалник на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумовски?
– Да, јавноста ќе дознае за сите валкани работи што се правеле во изминатите четири години, секако, доколку утврдиме дека мојот претходник правел нешто што не би требало да го прави. Ќе има детална ревизија за претходното работење, но тоа нема да биде кочница за моето работење. Ќе ангажираме овластени ревизорски куќи, а го имаме и Државниот завод за ревизија на располагање. Веднаш ќе поднесам барање за вонредна ревизија и тоа не го правам поради мојот претходник, туку поради себеси. Јас сакам да имам увид во работите до каде се стигнати, но сакам да имам и поголемо чувство на одговорност за тоа јас што ќе го правам во иднина. Оти, истото ќе го направи и тој што ќе дојде на мое место по четири или по осум години. Затоа, јас сакам да бидам чист во делот на работењето во текот на мојот мандат, меѓутоа сакам да направам пресек за да знам до каде сум во моментов. На граѓаните ќе им ги презентирам податоците и народот ќе знае со што располага општината и во кој правец се движи.
И за крај, како лекар, што ги советувате граѓаните кои практикуваат да пијат млеко директно од крава?
– Зависи во какви услови е чувано животното и колку се запазени хигиенските услови, но јас не им препорачувам на луѓето да пијат млеко директно од крава. Во млекото може да живеат бактерии доколку животното е чувано во неадекватни услови, а може да има и други болести коишто си ги пренесуваат животните. Пиењето пресно млеко може да предизвика трајни последици по здравјето на човекот.