📽️ БРЗ ПАТ ЗА ЕЛИТАТА, ГУЖВИ ЗА СИТЕ ДРУГИ Новиот симбол на нееднаквоста во Мумбај
Нов крајбрежен автопат во Мумбај го скратува патувањето за богатите, но ги продлабочува социјалните и еколошките проблеми на милионите жители.
Мумбај одамна е симбол на екстремна нееднаквост, град на блескави облакодери со поглед кон Арапското Море, веднаш до сиромашни населби без основни услови за живот. Во метрополата живеат 90 индиски милијардери, но и повеќе од шест милиони жители на сиромашни предградија, што претставуваат околу 55 отсто од населението на централниот Мумбај.
Сега градот доби и нов, видлив симбол на јазот меѓу богатите и сиромашните, новиот крајбрежен автопат со осум ленти, проект вреден милијарди, кој според критичарите им служи речиси исклучиво на најбогатите, иако е финансиран со јавни пари, пишува „Гардијан“.
Автопатот беше замислен како решение за хроничните сообраќајни метежи во комерцијалниот центар на Индија. Но, Мумбај е густо населен полуостров долг околу 40 километри и широк едвај 10 километри, каде што земјиштето е исклучително ретко. Затоа, патот мораше да се гради на земјиште рекултивирано од Арапското Море.
Проектот се смета за инженерско чудо, новиот пат ги поврзува северот и југот на градот и драстично го скратува времето на патување за сопствениците на автомобили. Од Марин Драјв, автомобилите влегуваат во подводен тунел подолг од еден километар и за само 10 минути стигнуваат до Ворли, патување кое порано траеше и до 45 минути.
Но, реалноста за мнозинството жители е поинаква. Околу 64 проценти од 22,5 милиони жители на метрополитенскиот регион Мумбај секојдневно патуваат со преполни автобуси и возови. Седум до десет лица дневно го губат животот на локалната железничка мрежа.
– Овој пат е направен исклучиво за елитата – вели еколошката активистка Авлокита Шах, која смета дека милијардите потрошени на автопатот требало да бидат инвестирани во јавен превоз повеќе автобуси, подобри патишта и побрзо проширување на метрото.
Сличен став има и Хусеин Индоревала, професор по архитектура, кој го нарекува проектот „благосостојба за богатите“.
– Ова е масивен трансфер на ресурси кон најбогатите, додека трошоците ги плаќаат сите останати – вели тој.
За луѓето како Правин Шастри, кој чисти чевли на железничка станица, новиот автопат не носи никаква корист
– Моето секојдневно патување остана исто. Возовите се преполни, а враќањето дома по долг ден е уште потешко – вели тој.
Од друга страна, инвестицискиот банкар Вивек Тивари го поздравува проектот бидејќи му го скратува патувањето до работа за 45 минути.
– Не целата инфраструктура може да им користи подеднакво на сите. Да, малцинство го користи патот, но можеби тоа ќе донесе поголем економски раст – вели Тивари.
Експертите, сепак, предупредуваат дека урбаните автопати се застарено решение. Според Никил Ананд, еколошки антрополог од Универзитетот во Пенсилванија, ова е „одговор од 20 век на проблем од 21 век“.
Тој укажува дека проектот придонесува за зголемени емисии на јаглерод, уништување на мангровите шуми и поголема изложеност на градот на поплави, додека истовремено се загрозуваат егзистенциите на локалните рибарски заедници.
Рибарот Дипак Намапосе предупредува дека со втората фаза од патот, која е при крај, нивниот пристап до морето ќе биде сериозно ограничен.
– Ова е земја на која ловеле риба моите предци. Кога патот ќе се заврши, ќе патуваме подолго, ќе трошиме повеќе и ќе фаќаме помалку риба – вели тој.
Покрај економските и еколошките последици, жителите велат дека градот губи нешто немерливо – директниот пристап до океанот, ретко бесплатно уживање за милиони луѓе.
– Патот ги оддалечи луѓето од океанот, а океанот е најубавото богатство на Мумбај – вели продавачот Анил Гајтонде.