📽 БРОД КОЈ НОСЕЛ ПОМОШ ЗА ГАЗА БИЛ НАПАДНАТ КАЈ МАЛТА? Активисти тврдат дека Израел стои зад операцијата
Иако сè уште нема официјална потврда дека дронови ги предизвикале експлозиите, објавените фотографии покажуваат изгорени делови и дупки на бродот, јавува „Гардијан“ повикувајќи се на властите во Кипар и во Малта.
Брод кој носел хуманитарна помош за Газа, бил нападнат со дронови во меѓународните води кај Малта. Нападот се случил во раните утрински часови во петокот, обвинија активистите кои го организирале пловењето.
Властите во Кипар потврдија дека имало значителна штета на бродот, додека владата на Малта соопшти дека 12 членови на екипажот и четири цивили се безбедни и без повреди, јавува „Гардијан“. Напомош бил испратен брод кој бил во близина.
„Во 00:23 часот по локално време, нашиот брод беше директно нападнат во меѓународни води. Два дрона удрија во предниот дел, предизвикувајќи пожар и сериозно оштетување на трупот“, велат од Коалицијата на Пловила на слободата, обвинувајќи го Израел за нападот врз бродот именуван „Conscience“(Совест).
Цел на нападот, според активистите од Колацијата, бил генераторот, а бродот останал без струја, со ризик да потоне. Иако сè уште нема официјална потврда дека дронови ги предизвикале експлозиите, објавените фотографии покажуваат изгорени делови и дупки на бродот.
Today, a couple of drones attacked the CONSCIENCE passenger ship of the Freedom Flotilla Coalition @GazaFFlotilla in international waters off Malta as it carried aid for Gaza. Just 24 hours earlier, an IAF C-130 flew to/over Malta, a clear sign that Israel was behind the strike. pic.twitter.com/aOn2qLTknw
— Egypt’s Intel Observer (@EGYOSINT) May 2, 2025
Коалицијата тврди дека на бродот имало 30 лица, а не 16, како што навеле властите на Малта.
– Овој напад не е изолиран случај, туку дел од шематска стратегија за сузбивање на хуманитарните напори – предупредуваат активистите, повикувајќи меѓународна одговорност за, како што велат, кршењето на меѓународното право.
Познатата активистка Грета Тунберг, потврди дека се наоѓала на Малта и дека требала да се качи на бродот тој ден.
– Бев дел од тимот што требаше да го продолжи патувањето кон Газа, обидувајќи се да се пробие незаконската опсада – рече таа за Ројтерс.
Бродот, според податоци од MarineTraffic, испловил од туниското пристаниште Бизерте во вторник, а бил нападнат во четврток.
Организаторите велат дека мисијата била чувана далеку од медиумите за да се избегнат саботажи. Ова не е првпат нивен брод да биде нападнат. Во 2010 година, израелски војници нападнаа брод на Коалицијата, при што загинаа 10 активисти.
Израел од октомври воведе тешка блокада на Газа сопирајќи го дотурот на храна, гориво и на лекови. Од средината на март, повторно се интензивираа нападите. Последните резерви брашно и храна се веќе пред исцрпување, а народните кујни најавуваат затворање во рок од една седмица.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст предупреди дека без итна достава на овие намирници, нема да има можност да ги продолжи програмите за спас на животи во Газа.