БРОЈОТ НА ЖРТВИТЕ СЕ ИСКАЧИ НА 154, ГИ ИМА ОД ЦЕЛ СВЕТ! Трагедија од невидени размери во Сеул, Јужна Кореја
Бројот на загинати во стампедото во Сеул се искачи на 154, соопшти јужнокорејското Министерство за внатрешни работи и безбедност, пренесе Би-би-си. Станува збор претежно за млади луѓе, девојки и момчиња кои излегле да се забавуваат.
Трагедијата се случила на прославата за Ноќта на вештерките, а до неа дошло откако во тесна стрмна улица се затекнале стотина луѓе кои не можеле да излезат, па почнале да паѓаат. Според очевидци, откако во улицата настанало метеж од луѓе кои не можеле да се движат во обид да го напуштат местото, започнало стампедо.
Властите во Јужна Кореја предупредија дека бројот на жртвите може да се зголеми бидејќи 37 други лица се тешко повредени. Досега, според информациите, идентификувани се речиси сите загинати. Станува збор претежно за млади луѓе, девојки и момчиња кои излегле да се забавуваат.
Би-би-си пишува дека сè уште не се знае точниот број на загинати странски државјани во стампедото, но направи краток преглед на загинати странци според досега познатите информации.
Според медиумот, во вчерашното стампедо во јужнокорејската престолнина меѓу загинатите странски државјани се и: пет Иранци, четири кинески државјани, четворица Руси, двајца Американци, двајца Јапонци, еден француски државјанин, еден Норвежанец, еден Австралиец и еден тајвански државјанин. Јужнокорејската новинска агенција Јонхап објави дека во стампедото загинале и луѓе од Виетнам, Узбекистан, Казахстан, Шри Ланка и Австрија.
Трагедијата се случила во квартот за ноќен живот во Итаевон во Сеул. Засега не е јасно што ја предизвикало трагедијата, но очевидци велат дека посетителите на забавата биле густо набиени во тесните улички во областа и дека било тешко да се движат наоколу.
Поради трагедијата, претседателот на Јужна Кореја прогласи период на национална жалост, а знамињата пред зградите на владините институции се спуштени на половина копје.