Британските трговци: Ако не се постигне договор со ЕУ ќе се зголемат цените на храната

Британскиот премиер Борис Џонсон вчера изјави дека постои голема можност да не се постигне договор со ЕУ.

440

Британските трговци на мало денеска предупредија дека на купувачите во Велика Британија им се закануваат повисоки цени на храната од следната година, доколку бидат воведени нови царини поради непостигнување на трговски договор со Европската унија.

Останаа 20 дена до крајот на преодниот рок за Велика Британија. Во отсуство на трговски договор, Велика Британија ќе тргува со Европската унија од следната година според правилата на Светската трговска организација (СТО), што значи воведување нови царини.






Британскиот премиер Борис Џонсон вчера изјави дека постои голема можност да не се постигне договор со ЕУ.

– Во моментов, четири петтини од увозот на храна во Велика Британија доаѓа од ЕУ и во отсуство на договор за бесцаринска трговија, самопослужувањето и нивните клиенти од 2021 година ќе се соочат со царини од над три милијарди фунти (четири милијарди американски долари) – рече Ендру Опи, директор на Одделот за храна и одржливост при Британскиот малопродажен конзорциум (БРЦ).

Од БРЦ велат дека царините ќе ги принудат трговците на мало со храна да ги зголемуваат цените за да ги намалат дополнителните трошоци. Тие додаваат дека многу трговци на мало со непрехранбени производи, исто така, ќе се соочат со високи трошоци поради царинските давачки при увоз на стоки од ЕУ, вклучувајќи производи како што се облека и керамика.

Од 1 јануари следната година, според новиот царински режим во Велика Британија, доколку не биде постигнат договор со ЕУ, 85 проценти од храната увезена од Унијата ќе подлежи на царински давачки од над пет проценти. Просечната тарифа би била над 20 проценти, вклучувајќи 48 проценти на мелено говедско месо, 16 отсто на краставици и 10 проценти на салата.

Теско, најголемиот трговски синџир во Велика Британија, смета дека купувачите треба да очекуваат зголемување на цената од три до пет проценти во случај на непостигнување на договор.

– Не би се согласил баш со бројките изнесени од Теско, изјави британскиот министер за култура Оливер Доуден за телевизијата Би Би Си, истакнувајќи дека владата сугерираше дека влијанието на царините врз цените ќе биде најмногу околу два проценти.

БРЦ ги истакна и предизвиците со кои сезонските производи може да се соочат во јануари. Во овој период од годината, значително поголем дел од овошјето и зеленчукот се увезуваат од ЕУ. Велика Британија во јануари увезува 85 проценти од своите домати од Унијата, во споредба со 30 проценти во јуни.

Тие наведуваат дека како дел од нивното планирање, трговците на мало ги зголемија залихите на конзерви, тоалетна хартија и производи со подолг рок на траење.

Продолжената неизвесност за нови царински проверки и бирократија ќе значи нарушувања во снабдувањето со многу стоки, предупреди БРЦ.

Поврзани содржини