Британските експерти: Земајте додатоци на витамин Д, додека трае карантинот

2,131

Јавно здравје на Англија препорача употреба на суплементи на витамин Д за време на карантинот затоа што луѓето поминуваат повеќе време во затворен простор и како резултат на тоа помалку се изложуваат на сончевата светлина, пишува „Independent“.

Витаминот Д се создава во телото како одговор на директната сончева светлина на кожата и се смета дека луѓето можеби не го произведуваат доволно од тоа заради мерките за изолација.






Здравствените експерти сега ги советуваат луѓето да земаат 10 микрограми витамин Д на ден за да обезбедат здрави коски и мускули.

– Ова е затоа што можеби нема да добивате доволно витамин Д од сончевата светлина ако сте поголем дел од денот во затворен простор – рекле од Јавното здравје на Англија.

Витаминот Д му помага на организмот да ги апсорбира калциумот и фосфатот, што ги одржува здрави коските, забите и мускулите.

Греам Кин, извршен директор на Здружението на производители на здрава храна, рекол: „Иако дополнувањето на витамин Д веќе долго време се препорачува за клучните групи на популацијата, овој проширен совет е добредојден за да им помогне на сите во одржувањето на здрави зглобови и мускули“.

Властите велат дека нема докази дека витаминот Д го намалува ризикот од заразување со коронавирусот, или да се разболите како резултат на тоа, како што неодамна тврдеа некои извештаи.

Доктор Алисон Тедстон, главен нутриционист во Јавното здравје на Англија, вели дека „нема доволно докази кои би го поддржале препорачувањето на витамин Д за намалување на ризикот од ковид-19 “.

Освен сончевата светлина, други извори на витаминот Д се жолчките од јајца, црвеното месо и мрсната риба.

Исто така, понекогаш се додава во појадокот со житарки и намази, а може да се зема како додаток.
Повеќето луѓе обично ја добиваат потребната количина на витамин Д од сончева светлина меѓу крајот на март и крајот на септември.

 

Поврзани содржини