Британската влада е убедена во ефикасноста на вакцините и во случај на индиски сој

И покрај повиците на научниците за претпазливост, британската влада проценува дека нема причина да се одложува олеснувањето на рестриктивните мерки, што е планирано за утре.

340

Британската влада денеска соопштила дека е уверена во ефикасноста на вакцината против коронавирус и во случај со индиската варијанта, чие ширење во Велика Британија е загрижувачко, особено пред очекуваната одлука за ублажување на сегашните мерки.

Бројот на новозаразени случаи, припишани на индиската варијанта, е зголемен двојно во Велика Британија за само една недела и според здравствените власти минатата недела изнесувал 1.313. Новите случаи на индиската варијанта на коронавирус главно се концентрирани во северозападен Лондон.






– Со оглед на тоа што многу Британци ги примија и двете дози на вакцината и се засноваат на рани лабораториски податоци, можеме да кажеме дека сме сè посигурни дека вакцините се исто така ефикасни против индиската варијанта – изјавил британскиот министер за здравство Мет Ханкок за Би-Би-Си

За да се запре ширењето на варијантата Б1.617.2, за која здравствените власти веруваат дека може да стане „доминантна“, интервалот помеѓу две дози на вакцината (до три месеци) се намалил на осум недели за луѓето над 50 години и за најранливите, а скринингот на вирусот е интензивиран во најпогодените области.

Посочувајќи дека индиската варијанта на коронавирусот е „очигледно позаразна“, Мет Хенкок за Скај Њуз изјавил дека постои опасност „да се шири меѓу невакцинираните групи како пожар“.

– Затоа треба да вакцинираме што е можно повеќе луѓе, особено оние кои најверојатно ќе бидат хоспитализирани – рече министерот.

Првата доза на вакцината, од започнувањето на кампањата за вакцинација на почетокот на декември, ја примиле повеќе од 36 милиони жители, а скоро 20 милиони ја примиле втората доза.

И покрај повиците на научниците за претпазливост, британската влада проценува дека нема причина да се одложува олеснувањето на рестриктивните мерки, што е планирано за утре.

Ова значи дека Британците повторно ќе можат да одат во кино и театри, пабови и ресторани, ќе се отворат музеите и тие повторно ќе можат да патуваат во странство.

Но, прилично силната циркулација на индиската варијанта на коронавирус може да го доведе во прашање укинувањето на скоро сите ограничувачки мерки на 21 јуни. Министерот Ханкок вели дека одлуката по ова прашање ќе биде донесена на 14 јуни.

Научниот комитет што ја советува британската влада соопштил дека ако варијантата е 40-50 проценти позаразна, утрешното олеснување на ограничувачките мерки може да „резултира со значително зголемување на престојот во болница“, слично или поголемо од претходните врвови на инфекцијата, кога здравствените служби беа на работ на колапс.

Поврзани содржини