БРИТАНИЈА ПРЕМИНУВА ВО ВОЕНА ПОДГОТОВЕНОСТ Подготвени сме да го обезбедиме мирот преку сила, порача Стармер

Првата линија на бојното поле е овде, рече британскиот премиер Кир Стармер, укажувајќи на зголемената агресија на Русија по инвазијата на Украина во 2022 година.

615

Обединетото Кралство преминува на „воена подготвеност“, рече денеска британскиот премиер Кир Стармер. Тој во Глазгов ги претстави новите планови на владата за зголемување на одбранбените трошоци и на воените способности. Во својот говор, тој предупреди дека земјата денес се соочува со закана „посериозна, поитна и понепредвидлива од кога било по Студената војна“.

– Првата линија на бојното поле е овде – рече Стармер, укажувајќи на зголемената агресија на Русија по инвазијата на Украина во 2022 година.






Британската владата објави дека ќе изгради до 12 јуришни подморници во рамките на АУКУС – безбедносно партнерство меѓу Обединетото Кралство, САД и Австралија. Британскиот премиер вети дека новите подморници ќе се испорачуваат на секои 18 месеци. Покрај тоа, ќе бидат изградени најмалку 6 нови фабрики за муниција и илјадници нови проектили со долг дострел.

Стармер потврди и инвестиција од 15 милијарди фунти во британската програма за развој на нуклеарни боеви глави, што владата го опишува како темел на долгорочната безбедност на земјата.

Најавените мерки се дел од новата Стратешка одбранбена ревизија, предводена од Џорџ Робертсон, колега на Стармер од Лабуристичката партија и поранешен генерален секретар на НАТО. Целосниот документ ќе биде објавен во текот на денот.

– Оваа ревизија носи единство во целите на целото Обединето Кралство. Во овие опасни времиња, кога станува збор за одбраната на државата и сè што ни е важно, ништо не функционира ако не работиме заедно – рече Стармер.

Тој додаде дека земјата се соочува со војна во Европа, нови нуклеарни ризици, секојдневни сајбер-напади и зголемени руски притисоци во британските води и воздушен простор, кои, според него, „ги зголемуваат трошоците за живот, создаваат економска болка и најтешко ја погодуваат работничката класа“.

Стармер нагласи три клучни промени што владата планира да ги спроведе:

– Воената подготвеност станува централна цел на вооружените сили. Најдоброто одвраќање од директните закани на напредните воени сили е да бидеме подготвени и да покажеме дека сме подготвени да го обезбедиме мирот преку сила. Сè ќе биде во функција на зајакнување на НАТО. Членството во Алијансата гарантира дека Британија „никогаш нема да војува сама“. Ќе има иновации со воено темпо. Забрзаниот развој на воената технологија треба да ѝ овозможи на Британија да стане најбрз иноватор во НАТО –  рече Стармер.

Тој не можеше да прецизира кога одбранбениот буџет ќе ги достигне посакуваните 3% од БДП, иако оваа амбиција претходно беше спомената како цел за следниот парламентарен мандат.

– Нема да објавам точен датум додека не сум сигурен од каде доаѓаат средствата и како ќе можеме да го исполниме тоа – изјави тој.

Во февруари британската влада објави дека до 2027 година ќе го зголеми одбранбениот буџет на 2,5% од БДП, делумно под притисок на американската администрација на претседателот Доналд Трамп. Дел од парите ќе бидат обезбедени со намалување на издатоците за меѓународна помош.

Поврзани содржини