Бриселски ујдурми

Каде е тука Македонија? Прво, никогаш не сме имале доволна поддршка меѓу членките. Камоли, целосна. Второ, нашите „драги соседи и пријатели“, според власта, никогаш не би излегле од салата заради нас. Не на кафе, туку и Нобелова награда да им нудат. Трето, и клучно, зад сите наши голготи, недвосмислено стојат САД, коишто ни ја кројат капата, а ние се правиме дека не забележуваме.

800

Брисел пресече – предност имаат Украина, Молдавија и Грузија. Балканот – ќе чека. Впрочем, ќе чекаме сите бидејќи, најмалку во следните 10 години, нема теоретски шанси Унијата да се шири. Што ќе биде потоа, да сме живи и здрави, ама не сите. За толку време, во Македонија умираат преку 200 илјади жители. За нив, и многу други, ЕУ ќе остане утопија.

Украина нема некогаш да стане дел од ЕУ! Сегашниот театар во Брисел е само психолошка поддршка на Киев, да продолжи со своите погубни и самоуништувачки политики, коишто се само во интерес на Вашингтон. На никој друг. И Украина, и ЕУ, и Европа во целина, се колатерална штета на американските крајно погрешни политики.






Сега, некадарното и корумпирано украинско раководство, ќе мавта со преговарачкиот статус, замајувајќи го сопствениот народ. А тие, најверојатно, се свесни дека ги чека судбината на Турција, којашто преговара од 2005 година и нема никогаш да стане членка. Сепак, причините за Украина се поинакви.

Заедничката земјоделска политика е најконтроверзната алка на ЕУ. Преку 33 проценти од Буџетот се дели на земјоделците, а Франција има најголема корист. Украина има огромно земјоделско производство и, ако влезе, ќе ги преврти на глава сите буџетски принципи, на сметка на членките. Со нејзино вклучување, сите ќе загубат. Кој сака такво нешто? Таа е петти светски извозник на пченица, главен извозник на јачмен, пченка, семе од репка, сончогледово масло …

Моментално, девет од членките се нето уплатувачи во Буџетот на Унијата. Нето корисници се другите 18. Кога преостанатите шест балкански држави би се приклучиле во ЕУ, ситуацијата целосно би се променила и сите сегашни буџетски корисници – би станале уплатувачи.

Самите заклучите дали некој, од овие 18 нето буџетски „профитери“, ќе биде спремен да гласа за прием на некој нов член? Не е за верување, нели? Најмалку за Украина, којашто би ги растурила сите досегашни сметки.

Кај нас, пак, има многу контроверзии околу начинот на кој Украина го доби новиот статус. Се прават и празни, неаргументирани споредби со Македонија. Демек, гласањето за Украина било консензус минус еден; слично можело и морало да се постапило и во корист на Македонија …

Тоа се бесмислици. Во Брисел немаше консензус минус еден. Со излегувањето на Орбан од салата, Унгарија (премолчено!) се согласи за почетокот на преговори со Киев. Не гласаше против, што би било вето, ниту воздржано, што би значело дека нема консензус.

Клучно е што сите членки беа спремни да му дадат таков статус на Киев. Будимпешта беше во тешка изолација и под жесток притисок. Впрочем, клучен фактор за неочекуваниот, непринципиелен и незаслужен напредок на Украина се – САД. Тие стојат зад војната таму, а тоа значи дека и Унгарија била, просто кажано – натерана да се согласи.

Каде е тука Македонија? Прво, никогаш не сме имале доволна поддршка меѓу членките. Камоли, целосна. Второ, нашите „драги соседи и пријатели“, според власта, никогаш не би излегле од салата заради нас. Не на кафе, туку и Нобелова награда да им нудат. Трето, и клучно, зад сите наши голготи, недвосмислено стојат САД, коишто ни ја кројат капата, а ние се правиме дека не забележуваме.

Оценките дека во Брисел сме имале празен гол и досуден пенал, коишто не сме ги искористиле, се нова манипулација. Токму премиерот, Димитров, Османи, Маричиќ …, со катастрофални и предавнички потези и договори, ја донесоа Македонија на ова дереџе. Тие преземаа самоуништувачка обврска за уставот, којашто не можат да ја исполнат.

Сочно лаже и Маричиќ („Слободен печат“, од 19/12/2023, „Поддршката за членство во ЕУ на најниско ниво до сега“). Вели дека – „… во заклучоците на Европскиот совет јасно е дадено до знаење дека штом се направат уставните измени … ќе има втора меѓувладина конференција на која ќе се отвори првиот кластер“.

Еве што пишува во заклучоците – „ЕУ е спремна да ја комплетира фазата на отворања на пристапните преговори со Македонија веднаш штом таа ја изврши СВОЈАТА ЗАЛОЖБА за уставни промени, според заклучоците на Советот од 18/7/2022 … Европскиот совет ја повикува Македонија да го забрза завршувањето на овие процедури“!

Или Маричиќ не знае да чита, или свесно не прави недоветни? Толку пишува за Македонија. Кластер не се спомнува. Маричиќ лаже и кога тврди дека почетокот на преговорите бил означен на првата меѓувладина. И од горниот цитат се гледа дека тогаш била иницирана само постапката за отворање на преговорите. Тоа му доаѓа како да поднесеш документи за прием на факултет и те чека приемен испит, а ти тврдиш дека си се запишал. Наши срамоти и мизерии.

И овде се нагласува дека ЗАЛОЖБАТА за промена на Уставот била наша, иако бевме уценети! Не третираат како недоветни.

На втората меѓувладина конференција нема да отвораме кластер. Тогаш ќе се прифаќа преговарачката рамка, којашто е катастрофална, и со која никогаш нема да влеземе во Унијата. По скринингот, на Брисел му се потребни најмалку шест месеци за да го прецизира процесот на преговорите. Дури потоа се отвора кластер, ако се биде во ред.

Благодарејќи токму на власта, Македонија немаше никаква шанса во Брисел, камоли празен гол. Со крајно погрешни политики, таа целосно ги затвори портите на ЕУ. Со оваа преговарачка рамка, Софија има можности за незамисливи маневри и уцени, и таа нема никогаш да се сложи со наше членство. Освен, ако се согласиме дека сме со бугарски корени, со јазик дијалект на нивниот, заедничка историја …

Токму затоа, потребни се неизбежни радикални промени во нашата надворешна политика, коишто ќе овозможат земјата да ги реализира своите аспирации за евроинтеграции, во согласност со општите норми и критериуми.

Нашите манипулатори често лажат дека, заради војната во Украина, ЕУ е повторно спремна да се проширува. Такво нешто нема на повидок. Прашање е дали некогаш и ќе има проширување, како до сега? Впрочем, во заклучоците од Брисел се зборува за ПОСТЕПЕНА ИНТЕГРАЦИЈА.

Мозаик со изјавите на врвните луѓе од ЕУ, прецизно покажува – проширување ќе има на Свети Никогаш. Еве зошто. Макрон, којшто, иако неформално, ја презеде водечката позиција во Унијата, прецизираше три работи.

Прва беше новата преговарачка рамка. Подлабока нејзина анализа јасно покажува дека, преку неа – никој не може да стигне до членство во следните 20, 30 … години. Второ, тој јасно кажа, и никој не откажа, дека ЕУ прво ќе се реформира, а дури потоа ќе се проширува. Реформите, коишто се неизбежни, можат и вечно да траат. Тие се против интересите на помалите членки (откажување од ветото …). Трето, политичкиот дел од зачленувањето, Макрон го заокружи со создавање на Европска политичка заедница, во која се сите кандидати, заедно со членките. Сето ова веќе функционира.

Економскиот дел, пак, го обелодени премиерот Фон Дер Лајен. Прецизира четири столба за кандидатите. Првиот е отворање на заедничкиот пазар. Што значи тоа, сè уште никој не знае? Вториот столб е јакнење на економската соработка на регионално ниво, што не е спорно. Третиот столб се реформите, коишто речиси никој не ги прави а ќе бидат клучен критериум во иднина. Четвртиот столб е поголема достапност до фондовите. Тоа веќе започна, со одвојувањето на шест милијарди евра за балканската шесторка.

Ова се утешни награди за земјите кандидати. Поточно – супституција за членство.

Самитот во Брисел (12/2023), целосно ги потврди овие политики на Унијата. Сè друго е чиста измама. Било какво проширување до 2030 година, е надвор од умот. До 2030, и веројатно многу подолго, ќе се водат жестоки битки во Унијата. Ќе се изедат меѓу себе, и никому нема да му паѓа на ум никакво проширување. Исклучок може да биде само Црна Гора, и тоа како потврда дека други не доаѓаат предвид.

За утеха, има една мисла дека политичарите не само што треба туку и мора да лажат. Замислете што ќе се случи, ако на народот му ја кажуваат вистината!?

Поврзани содржини