БРАТОТ НА ИВАНА Е УБЕДЕН ДЕКА ТАА СЕ ВРАЌАЛА КАЈ СТОЈАНЧЕ ПОРАДИ ЗАКАНИ И УЦЕНИ Оставинската постапка била прекината поради ризик Стојанче да располага со делот на Ивана

Александар Стојановски, брат на покојната Ивана Јовановска, денеска рече дека некои нејзини чекори биле чудни и неразбирливи за нејзиното пошироко семејство. 

4,515

Александар Стојановски, брат на покојната Ивана Јовановска, денеска сведочеше за оставинската постапка, за делбата на имотот и за односот со обвинетиот Стојанче Јовановски. Тој рече дека не е убеден дека сестра му доброволно се враќала кај Стојанче, туку дека била уцената. Исто така, рече дека некои нејзини чекори биле чудни и неразбирливи за нејзиното пошироко семејство.

На прашање на обвинителката Адела Бојчевиќ тој го опиша односот меѓу покојната Ивана и обвинетиот Стојанче и рече дека во почетокот имал сознанија дека сѐ е во ред освен „мали кавги и недоразбирања што се нормални во брак“.






– Пред да се земат, имавме заеднички пријатели и познаници. Откако стапија во брак, тие заеднички пријатели постепено се губеа, веќе не се дружеа со мојата сестра. Сестра ми беше порано многу социјална, се дружеше. Заедно со мене почна да волонтора во Црвен крст, беше дружељубива. На крајот на 2024, почетокот на 2025 година забележав промена во нејзиното однесување, особено во нејзините пораки на социјалните медиуми. Во тој период ми кажа дека има мали проблеми што ги решава и дека сѐ ќе биде како што треба. Од почетокот на 2025 до август, престана да ми испраќа фотографии од Катја. На целото семејство ни стана сомнително дека нешто се случува. По настанот на автопатот во Штип, Ивана и Катја дојдоа да живеат во станот на мајка ми и тогаш Ивана почна да ни раскажува. Ми се довери дека има сериозни проблеми и ѝ треба помош да ги реши. Татко ми ангажираше адвокат за да почне бракоразводна постапка. Ивана ми се довери за станот. Рече дека се сомнева дека обвинетиот има направено фалсификат и дека без нејзина согласност го префрлил станот на свое име. Ивана не била на нотар. Ова го знаеше и адвокатот што го ангажираше нашиот татко. Таа рече дека има доказ и дека ќе му го даде на адвокатот, ама тоа не се случи. Рече дека има и дополнителни докази за некои активности на обвинетиот во нејзиниот телефон и дека се плаши. Ѝ реков да ги извади од телефонот, да ги стави на УСБ и да ни ги даде на мене и на адвокатот, оти од тој момент сериозно се загриживме за неа – сведочеше братот на Ивана.

– Дали забележавте дека Ивана се плаши од сопругот? – праша обвинителката.

– Да, во неколку наврати. Еднаш кога Стојанче сакаше да ја види Катја. Ивана не му забрануваше, ама јас ја видов како стои на тераса и се тресе од страв дека нешто може да се случи. Од моментот кога дојде кај нас, но и во јануари, кога се врати во нејзиниот стан, таа ја исклучи апликацијата Фејсбук, и повеќе не ја користеше. Најмногу комуницираше со нас физички, ни кажа на мене и на мајка ми дека телефонот ѝ е контролиран, дека Стојанче често ѝ го проверува, за да види со кого комуницира. Комуницираме само кога Ивана отиде во болница во јануари. Ивана ни покажа пораки во кои Стојанче ѝ се заканува за некои 5.000-6.000 денари кои му фалеле. Беше решена да го пријави во полиција за закани. По неколку дена Стојанче беше фатен со дрога. Тогаш Ивана, на наше чудење, реши да се врати со Катја кај него дома. Тоа не можевме да го разбереме – рече братот на Ивана.

Тој рече дека во неколку наврати ѝ помагал на Ивана со позајмици, но дека стравувал дека парите ќе се искористат за адвокат за Стојанче во случајот со дрогата. Тој додаде и дека кога било во болница Ивана, вршеле притисок да ѝ се направи да се направи колоноскопија за да се види дали повредата е од удар, бидејќи се сомневале дека болката во стомак е од тепање.

Тој рече дека Ивана му рекла дека Стојанче имал пиштол и дека ѝ се заканувал со Катја и со станот.

Во периодот кога починал татко им, Александар рече дека Мартин Саздов им помогнал околу погребот и бил со нив.

– Како брат почувствував потреба да го довршам тоа што го почна татко ми и се активираше барањето за развод, а Катја и Ивана да останат кај мајка ми во станот. Ивана ни кажа дека Стојанче ѝ се закнувал дека ќе ѝ го земе станот. Ѝ побарал 30.000 евра да го исплати и да си оди. Сестра ми побара да ѝ помогнам. Се согласив, ѝ реков дека тоа треба полека да го решиме, ама мора да бидеме сигурни дека нема да биде измамена, парите да ѝ се земат и ништо друго да не се случи – рече Александар.

Тој рече дека пробувале да ја разубедат Ивана во врска со станот, дека таа размислувала да ги доуреди собите за да живеат со Катја кај мајка ѝ и дека и Катја била расположена за тоа.

– Кога Стојанче почна почесто да ја гледа Катја, таа почна да се затвора, да не ни се доверува, на моменти ни велеше „вие многу сакате се да знаете“. Почна да ѝ зборува на Ивана „зошто ти не сакаш да се смириш со мојот татко?.“ Почнавме да се сомневаме дека тоа е резултат на влијание од Стојанче – додаде тој.

Во врска со оставинската постапка за имотот на нивниот татко, сите четворица наследници усно се согласиле целиот имот да се префрли на мајката. На неколку закажани средби кај адвокат и кај нотар Ивана не дошла. Таа рекла дека се консултирала со адвокати и дека нема да има никаков проблем ако не се разведе во моментот, дека Стојанче нема никаква шанса да земе од тој имот. Потоа продолжиле со оставинската постапка и планот за делба на четири дела.

На закажаниот термин на нотар Ивана повторно не се појавила.

– Не ми креваше на телефон, почнавме да си пишуваме пораки. Се случуваше нешто чудно, оти тоа не беше начинот на комуникација на Ивана. Ѝ реков дека треба да завршме, да не се оддолжува процесот, а во порака добив одговор дека таа преку суд ќе среди сите еднакво да ги добиеме деловите, дека не може вака и дека ќе се слушнеме преку адвокати. Дека Ивана треба да ја земе колата од татко ми. Така сфатив дека тоа го пишува некој друг, затоа што сестра ми веќе знаеше дека ќе го поделиме имотот на 4 дела, а колата ќе ја земе мајка ни, а пораките беа како некој прв пат да слуша за тоа. Ова ми дојде многу сомнително – рече Алексаднар.

Дента кога требало да одат на нотар, Ивана не дошла, но Стојанче му се јавил на Александар и му се заканувал дека ќе го запали имотот на мајка им.

– Дали ја прекинавте постапката за оставина? – праша обвинителката.

– Да. Сфативме дека ако продолжиме мојата сестра ќе биде во голем ризик со нејзиниот дел што ќе ѝ припадне, да располага некој друг. Вратата на станот на мајка ни во секој момент беше отворена за сите деца да се вратат дома ако имаат проблем – рече Александар.

Адвокатот на обвинетиот Јовановски го праша Александар дали Ивана доброволно се враќала кај Стојанче?

– Не. Покрај сите овие работи и уцени и закани и стравот за Катја, особено кога беше во болница и постојано ја бараше Катја, јас не сум убеден дека сестра ми доброволно се враќала кај Стојанче – рече Александар.

Тој одговори дека заканите на Стојанче дека ќе го запали имотот не биле пријавени во полиција.

– Не се пријавени. По приведувањето на Стојанче за дрога Ивана едвај чекаше тој процес да заврши, оти поради количината на дрога сметаше дека казната затвор ќе биде долга, па таа ќе биде послободна. Ние не сакавме дополнително да оптоваруваме, па затоа тие закани не се пријавени – објасни тој.

По ова сведочење јавната обвинителка го повлече предлогот да сведочи мајката на Стојанче, Цветанка Јовановска, оти смета дека веќе се расветлени потребните факти, па нејзиното сведочење нема дополнително да придонесе за доказната постапка.

На следното рочиште ќе се изведуваат материјални докази.

Поврзани содржини