Економскиот експерт, професорот Бранимир Јовановиќ, кој беше дел од тимот на министерот за финансии Драган Тевдовски, од 1 октомври годинава е на ново работно место – професор економист во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, потврди тој во интервју за Канал 77.
– Од 1 октомври сум вработен со полно работно време во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, ќе работам како економист кој ќе го покрива Балканот, пред сѐ Македонија и Србија, но по потреба и други земји. Се разбира, ќе работам и на други истражувања што ги работи институтот кој е еден од водечките економски институти во светот за регионот на Источна Европа. Значи, не само Балканот, туку и земјите од Вишеградската група, потоа државите од некогашниот Источен блок, како Русија, Белорусија, Украина, Романија, Бугарија, но и Турција…, практично цела источна Европа – рече Јовановиќ.
Професорот Јовановиќ беше во тимот на екс-министерот Тевдовски советник за макроекономска политика, а се повлече на почетокот на мај минатата година.