Без договор во Скопје, нема договор со Софија – кога Зоран Заев ќе го разбере ова, тогаш ќе тргнеме напред!
Нема сомнение дека ние во Македонија треба да изградиме нова стратегија за преговорите со Бугарија. Новата стратегија мора да се потпре на нашето генерално политичко искуство и да тргне од обнова на политичката дебата внатре во земјата – треба да ги намалиме политичките конфликти, да отвориме дијалог, да се обидеме да градиме заеднички ставови за клучните преговарачки теми, да се потрудиме да изнедриме единствена платформа, а треба и да го реафирмираме, но и да го редефинираме и македонизмот, кој не е фолклорен национализам и шовинизам, туку цивилизациска вредност.
Oткако пред неколку дена стана сосема извесно бугарското вето на одлуката Европската унија да ги почне преговорите со Македонија, одлучив спокојно, без емоции и без непотребна нервоза да ја сочекам официјалната одлука и мислите да ги насочам кон иднината. Не личи баш на мене, но ете… Старите велат, утрото секогаш е поумно од вечерта.
Нема да скријам дека и јас го споделувам разочарувањето од неразумната одлука на бугарските политичари. Како и да е, во однос на преговорите меѓу Скопје и Софија за „редизајнирање“ на Договорот за добрососедство, уште на 22 септeмври годинава, во мојата колумна под наслов „Не трчај ко прле пред Заев“, јавно предупредив:
„Имам чувство дека и сегашната жива дебата за спорот меѓу Софија и Скопје, во која учествуваат јавни личности од двете страни, му оди во прилог на Зоран Заев. Внимавајте добро на таа итроштина, драги мои! Би можел да се обложам дека тој, на своите многубројни средби со бугарскиот премиер Бојко Борисов, има ветено сѐ и сешто, брда и долини, слично како и на онаа фамозна средба со Ципрас во Давос. И убеден сум дека сега муртинецот чека полемиката да се развие и да се вжешти до степен што сите ќе помислиме дека компромисните решенија за отворените прашања, што ги стокмил во тие разговори со Борисов (или му се стокмени од знаете кого), се прифатливи. После сѐ ќе биде полесно…“
Дебатата навистина се вжешти како што предвидов, до степен на една бурна експлозија на говор на омраза – предизвикан од софиските провокации, но донекаде и поттикнат од провладината пропаганда во Скопје. Тоа, сепак, не му помогнаа на Заев да се охрабри и официјално да го прифати она што од него го побарале Бојко Борисов, Екатерина Захариева и Красимир Каракачанов, пакетот што, според непотврдените шпекулации, на последната рунда преговори во Берлин, наводно глатко го прифатил министерот Никола Димитров. По протекувањето на детаљите за софиските „црвени линии“, наводно од „дипломатски извори“, стана јасно дека Заев нема да може да ја прифати подадената рака од Борисов, без да ја пресече сопствената. Влогот е преголем. Поради тоа, нашиот премиер мораше да ја примени најголемата итроштина којашто е основа на неговиот политички метод – асален маж на зборот не си стои!
Бугарите се единствени во негирањето на македонската самобитност – во што сме единствени ние?
Морам уште еднаш да го препишам она што го напишав во септември:
„Многу пати сум објаснувал зошто спорот меѓу Македонија и Бугарија е многу посериозен и потежок од нашиот спор со Грција. За разлика од вториот, во чија основа беше полемиката за наследството на империјата на Филип и на Александар (кое често го нарекувував ‘празно множество’ во идентитетска смисла), нашиот спор со Бугарите не е ирационален, бидејќи полемизираме за прашања кои длабоко го засегаат нашиот национален идентитет. Се разбира, јас сум убеден дека двете страни можат да најдат решенија за сите спорни прашања, ако ние Македонците се обидеме да ги разбереме бугарските позиции, но пред сѐ ако Бугарите ја прифатат самобитноста на македонската нација, со сите нејзини атрибути, како неспорен историски факт“. Преговорите што се водеа меѓу Заев и Борисов и нивните екипи – со многу неискрени гестови, со многу лигавење на маса и со безобразно удирање со нозете под маса – беа далеку од потребното ниво на изведба, за да се исполни таа тешка и сложена задача.
Лесно можеме да разбереме зошто официјална Софија го прифатила тоа недопуштено ниско ниво на подизведба на преговорите со Скопје. Ако за нешто постои единство меѓу завојуваните бугарски политици, тоа е прашањето за „бугарскиот карактер на македонската нација“ и интенцијата за постојано негирање на нејзината самобитност по сите основи (негирање на идентитетот, оспорувањето на јазикот и конечно, еден провокативен наратив за процесот на создавање на македонската држава во 1945 година). Можеме ние да се лутиме поради тоа колку што сакаме, можеме да истураме гневни вербални рафали на сметка на Захариева и на Каракачановци, можеме да смислуваме разни теории на заговор со геополитичка позадина и секако, можеме да бидеме и сосема во право кога го велиме тоа. Но, тоа, сепак, нема да го „покрие“ нашето неразбирање на фактот дека станува збор за повеќедецениска константа во политиката на Софија, врз која нашата реторика нема ама баш никакво влијание.
Вистинското прашање што треба ние овде да си го поставиме е следново – имаме ли ние, Македонците, некакво единствено, или макар нешто што наликува на политички консензус, или единствена платформа, за прашањата за кои преговараат Скопје и Софија, Заев и Борисов? Со кого Заев ги договорил позициите, стратегијата и тактиката за преговорите за идентитетските прашања? Конечно, имаме ли ние во Македонија консензус за било што? Или можеби ова крекање во нашиов плиток жабурнак, овие хорски вербални „пресметки“ со Каракачановци, ги сметаме за некакво единство, за што, како што прочитав деновиве на Фејсбук, биле „заслужни“ бугарските политици, кои со своето вето – пази ваму! – ја „обединиле“ Македонија?!
Дајте ве молам, прашањето што го поставувам е сериозно! Од одговорот на тоа прашање ќе зависи не само иднината на преговорите меѓу Македонија и Бугарија, не само пристапувањето на нашата земја кон ЕУ, туку во крајна линија и иднината на Македонија како држава!
Простете, но соочете се со вистината – пред тоа да го стори Софија, Гоце Делчев беше оспорен во Скопје, од апологетите на Заев!
Да расчистиме уште една битна работа. Антимакедонизмот е феномен стар колку што е стар и македонизмот. Но, последната антимакедонистичка сеанса што ја паметиме – а ја паметиме сите, бидејќи се случи после усвојувањето на Преспанскиот договор – не почна во Софија, драги мои, туку тука, во Скопје. Овде, во Македонија, меѓу нас, во нашите медиуми и на социјалните мрежи, апологети на нашата власт почнаа да ја убедуваат нацијата дека Преспанскиот договор, со кој се согласивме да го смениме официјалното име на нашата држава, наложува тоа ново име да го применуваме сите и насекаде, не само во официјална туку и во неофицијална употреба, во секоја пригода, што е сериозна и од Атина никогаш непобарана „надградба“ на договорот. Токму овде, во Македонија, се родија идеите Македонците да се преименуваат во Северномакедонци, а македонскиот јазик во северномакедонски јазик. Овде се измисли лажната теза дека Преспанскиот договор го оспорува нашето право да се нарекуваме Македонци, а нашиот јазик да го нарекуваме македонски. Тоа оспорување го смислија нашите новокомпонирани антимакедонисти, кои, да ве потсетам, побараа да ја смениме и химната, посебно дело во кој се спомнуваат македонските револуционери, меѓу кои прв е Гоце Делчев.
Простете, но соочете се со вистината – пред тоа да го стори Софија, Гоце Делчев беше оспорен овде, во Скопје, од нашите новокомпонирани антимакедонисти, апологети на власта на Зоран Заев!
Никогаш не сум тврдел дека Зоран Заев или било кој од раководството на СДСМ го инспирирал или го организирале тој антимакедонистички пир! Тоа би било не само предавство, туку и врвна лудост! Никого не сум обвинил за такво нешто! Но, тврдам дека Заев и неговите другарки и другарчиња не кренаа глас и не полемизираа со таквите погубни тези. Ги прашувам, зошто? Дали можеби нивниот молк бил поттикнат од заблудата дека заедно со македонизмот, заедно со историската меморија за делата на преродбениците и на револуционерите кои се бореле за автономна и за самостојна Македонија, ќе исчезне и идеолошката матрица што ја крепи партијата ВМРО-ДПМНЕ? Зарем ваков мастраф заради посакуваната смрт на една конкурентска партија?!
Но добро, еве, неволно ќе се согласам со оние што ме убедуваат дека овие скопски антимакедонистички испади имаат маргинално значење за целиот преговарачки процес, во крајна линија и поради фактот што нивните актери се политички, интелектуални и журналистички маргиналци, од аспект на нивното актуелно влијание во јавниот живот. Останува, сепак, неодговорено прашањето – како мисли Македонија да преговара со Бугарија за толку важни, суштински, судбински, историски прашања, без никаков сериозен обид да се поведе внатрешна дебата меѓу клучните политички фактори, која на крајот ќе доведе до приближување на становиштата, а можеби и до единствена преговарачка стратегија? Како?
Преговорите од македонска страна се водени без потребниот политички легитимитет, со недозволива нестручност и како последица на една опасна политичка инфантилност!
Во кратката, тридецениска историја на независна Македонија, тоа никогаш се нема случено! Сите поважни, историски релевантни одлуки се донесени со политички консензус и со должно внимание кон мултиетничкиот карактер на државата. Сите!
Самото осамостојување на земјата и начинот на раздружувањето од југословенската федерација е плод на компромис и консензус меѓу клучните фактори на тогашната политичка сцена. Времената спогодба со Грција од 1995 година, клучна за процесот на меѓународното признавање на Македонија, беше склучена со премолчана согласност на сите поважни политички сили и без позначајни политички оспорувања. Војната во 2001 година беше окончана со Охридскиот мировен договор, што го потпишаа сите водечки политичари во Македонија. Демисијата на Никола Груевски и Пржинската влада беа договорени со политички консензус. Преспанскиот договор, всушност, е единствениот историски акт што беше донесен без согласност на опозицијата, но и без согласност од народот (Заев изгуби на референдумот што самиот го свика). Но, да не заборавиме дека Преспанскиот договор беше преточен во уставни норми со двотретинско мнозинство во парламентот (оформено со поткуп на пратеници, тоа го знаме сите) и дека тоа, на некој начин, сепак му даде легитимитет и легалитет на овој договор. Впрочем, во кампањата за претседателските избори во 2019 година, ВМРО-ДПМНЕ де факто го призна договорот како „правен факт“, а предвидувам дека тоа наскоро водството на ВМРО-ДПМНЕ уште појасно ќе го декларира.
Јас сум длабоко убеден дека преговорите меѓу Скопје и Софија, од наша, македонска страна, се водени без потребниот политички легитимитет, а згора на тоа и на ниво на недозволива нестручност и како последица на една опасна политичка инфантилност. На тоа укажав и во мојата колумна од 6 ноември, под наслов „Не барајте непријатели – а ако веќе морате, барајте ги дома, не во комшии!“. Во тој текст нагласив дека Заев не беше искрен пред македонската јавност и не ни кажа уште тогаш, пред склучувањето на Договорот за добрососедство, дека ќе дојде ден кога преговарачкиот процес ќе продолжи и дека овој акт ќе треба да се дополнува со некаква декларација од било каков вид, а веројатно и со анекс. Тврдев и сѐ уште тврдам дека ние сѐ уште не ја знаеме суштината на она што Заев и Борисов „братски“ го договориле меѓу себе. Но, сега знаеме, како што нагласив и во таа колумна, „дека официјална Софија и официјално Скопје, кога зборуваат за т.н. заедничка историја, не мислат на иста работа“. Предупредив дека е можно под терминот „заедничка историја“ Заев навистина да мислел на оној куп безначајни флоскули со кои се обидуваше да ја одоброволи Софија и да ги импресионира Европејците. Со други зборови, тврдев и тврдам дека во Договорот за добрососедство, со кој Заев и Борисов изразија добри намери да ги решат отворените спорови, всушност, не содржи решенија.
Или, поинаку кажано, Скопје и Софија реално немаат договор! Тоа е вистината!
Со тој тажен факт треба да се соочиме, а бугарските политици и македонските политичари треба конечно да престанат со меѓусебните обвинувања за неуспехот, кој е заеднички. И секако, треба веднаш да престанат да поттикнуваат кавги и говор на омраза и да ги скаруваат двата соседни и пријателски народа.
Не ме интересира дали Заев или било кој друг мисли да поднесе оставка и да прави ајвар – треба да изградиме нова стратегија за преговорите со Бугарија, а тоа не е персонално прашање!
Некој рече, ни треба нова стратегија, нов пат. Ќе го повторам она што го напишав на 6 ноември: „Ако навистина треба да бараме ‘нова стратегија’ и ‘нов пат’ за односите со Бугарија и за нашата цел членство во ЕУ, ние сме должни на Зоран Заев да му го одземеме правото да ни смислува ‘нова стратегија’ и ‘нов пат’, бидејќи неговата ‘стратегија’ се покажа неуспешна, а патот му е крив, а не прав. Простете, ама не може на некој што го утнал патот, да му дозволиме да ни го трасира ‘новиот пат’. Тоа веќе би значело дека не е тој кабаетлија, туку дека ние сме будали!“
Многумина ова го протолкуваа како отворен повик Заев да си поднесе оставка. Сосема погрешно, се разбира. Воопшто не ме интересира дали Заев или било кој друг мисли да поднесе оставка и да прави ајвар. Читавме веќе, за таа работа други се насекирани. И да бидам јасен до крај – преговорите за олку важни прашања не смеат да зависат од тоа дали некој ќе даде оставка, па дури и од тоа кој ќе победи или ќе изгуби на избори.
Нема сомнение дека треба да изградиме нова стратегија за преговорите со Бугарија. Новата стратегија мора да се потпре на нашето генерално политичко искуство и да тргне од обнова на политичката дебата внатре во Македонија – треба да ги намалиме политичките конфликти, да отвориме дијалог, да се обидеме да градиме заеднички ставови за клучните преговарачки теми, да се потрудиме да изнедриме единствена платформа, а треба и да го реафирмираме, но и да го редефинираме и македонизмот, кој не е фолклорен национализам и шовинизам, туку цивилизациска вредност. И секако, треба многу, ама баш многу да работиме на подобрување на односите со сите соседи, а сега посебно со Бугарија.
Можат ли ова да го разберат Заев, Христијан Мицкоски, Стево Пендаровски и другите македонски политичари? Може ли динамиката на политичка битка во Македонија да овозможи еден ваков, драматично нов пристап? Драги мои, јас немам одговор на тоа прашање. Жалам, но не знам. И не зависи од мене, зависи од сите нас. Знам само дека ние друга безбедна траса кон ЕУ, едноставно, немаме. И сигурен сум дека сите разочарувачки повици да се откажеме од Европа не водат апсолутно никаде. Секако, ќе бидам неискрен ако не кажам дека ме гризе сомнежот дека политичката елита во Македонија можеби нема да биде на висината на својата задача. Не заборавајте, историјата на нашата татковина не е ништо друго освен историја на многу пропуштени шанси…
Договорот за добрососедство е капитал што не смееме да го отфрлиме, но мора многу да работиме, за да не стане промашена инвестиција.
Што ни останува сега на нас, обичните смртници?
Пред сѐ, мора да сфатиме дека преговорите со Бугарија ќе продолжат. Да не подлегнуваме на разочарувањата. Како после Букурешт 2008 година. Исто така, мора внимателно да ги следиме загрижувачките конфликтни процеси во рамките на самата Европска Унија, кои можат да ја доведат во прашање нејзината сегашна архитектура. Во еден сложен, тром и прилично инертен организам каков што е ЕУ, очигледно се создава сѐ поголем внатрешен притисок, кој ќе мора да се менаџира. Што ќе значи сето тоа за земјите аспиранти, како Македонија, е прашање што ќе мора многу сериозно да се анализира.
Во секој случај, односите меѓу Македонија и Бугарија мора да се подобрат. Брзо. Договорот за добрососедство е капитал што не смееме да го отфрлиме, но мора многу да работиме за да не стане промашена инвестиција. Треба да се соочиме со фактот дека ова што деновиве се случува на релација Софија – Скопје е сѐ, само не добрососедство.
Сосема на крајот, почитувани читатели, секој од вас има легитимно право да ме праша во чие име зборувам кога велам „ние“. Тоа е добро прашање, што заслужува искрен одговор. Велам „ние“ занесувајќи се дека можеби го артикулирам мислењето на поголема група загрижени и разумни Македонци, кои во нашите соседи Бугари сепак гледаат пријатели. Објективно, пак, говорам само во мое лично име, бидејќи само тоа ми го дозволува мојот скромен капацитет на журналист со извесно влијание во јавниот живот, како и моето отсуство на било какви амбиции за факторизирање од друг вид или за некакви принадлежности што не ги заслужувам. Како таков, значи, јас имам сериозна намера да ги продлабочам односите со моите пријатели во Бугарија, дури и со оние со кои не делиме заеднички погледи за нашата „заедничка историја“, но имаме многу силна волја заеднички да работиме на она поважното, имено на нашата заедничка иднина.
Едноставно, мора да се обидеме нешто да сториме. Секој мора да став камче во мозаикот на нашето пријателство што го сонуваме и го посакуваме и кое, всушност, постои, но ние никако не успеваме да го откопаме под тешките пластови на нашите историски црнила.