БОРИСОВ И ПЕТКОВ, ЗАСРАМЕТЕ СЕ ШТО ДОЗВОЛИВТЕ МАКЕДОНЦИТЕ ДА СЛАВАТ! Џамбаски лут на бугарските партии
Во друг статус објавен вчера европратеникот се осврна и отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград прашувајќи: „Се подготвува ли македонска провокација во Пиринска Македонија?“
Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски денеска ги обвини бугарските политички партии дека дозволиле легитимирање на „лагата македонски јазик“. Тој им се обрати на политичките партии ГЕРБ, Продолжуваме со промената, ДПС Пресцентар и Демократска Бугарија поради договорот со Фронтекс меѓу Европската Унија и Македонија, кој беше потпишан вчера на македонски јазик при посетата на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен на Скопје.
„Вчера Урсула фон дер Лајен и Димитар Ковачевски потпишаа договор за управување со границите. Се потпиша и на ‘македонски’, без фусноти, без посебни мислења. Ова го потенцира и претседателката на ЕК дека договорот е потпишан на македонски, како што ветила“, напиша Џамбаски.
Тој додава дека сега Македонците слават поради нихилизмот на 170 бугарски „народни претставници“ кои, како што вели, ги отпишале бугарската историја, јазик и култура.
„Браво Борисов, Петков, Иванов и Карадај. Влеговте во историјата, покрај Георги Димитров, Кимон Георгиев, Трајчо Костов и другата комунистичка ништожност. Тие, како тебе, направија сѐ за да им угодат на странските господари и да ја пречкртаат светата кауза на Бугарите со генерации – Македонија. Не е изненадување. Вие сте нивни достојни наследници и проекции. Срам што дозволивте Македонците да слават на сметка на бугарските чест и достоинство. Плукате по делото на Климент Охридски, браќата Миладиновци, проф. Љубомир Милетиќ и сите познати и непознати Бугари кои придонеле за развојот на бугарската култура и јазик, кој веројатно наскоро ќе испадне ‘македонски’. Засекогаш ќе владее срамот над предавниците на бугарската кауза!“, напиша Џамбаски.
Во друг статус објавен вчера европратеникот се осврна и отворањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград прашувајќи: „Се подготвува ли македонска провокација во Пиринска Македонија?“
„Предвидено е отворање на ‘македонски’ културен клуб ‘Никола Вапцаров’ во Благоевград. А на отворањето најверојатно ќе се појави бугаромразецот Христијан Мицкоски. Неприфатливо е лице кое користи говор на омраза против Бугарија и Бугарите, лице кое го нарекува Договорот за соседство ‘отровно овошје’, го негира постоењето на бугарска заедница во Северна Македонија и е против нејзино вклучување во Повелбата како рамноправен легитимен дел од северномакедонското општество да дојде во Пиринска Македонија и да сее сепаратизам и омраза“, напиша Џамбаски.
Тој му постави прашања на техничкиот премиер на Бугарија, Галаб Донев.
„Каков е имотот и кој ќе ги администрира активностите на Македонскиот културен клуб ‘Никола Вапцаров’? Дали се доставени информации и барање од официјалните власти на Северна Македонија за отворање културен клуб во Благоевград? Дали е вистина дека во организацијата на Македонскиот културен центар учествуваат лица поврзани со сепаратистичките организации ‘ОМО Илинден’ и ‘ОМО Илинден – Пирин’? Недозволиво е во срцето на Пиринска Македонија да се отвори клуб кој ќе шири сепаратизам и антибугарски тези“, напиша Џамбаски.
Како што е најавено, в недела на 30 октомври во Благоевград треба да биде отворен македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“. Премиерот Димитар Ковачевски рече дека нема да биде таму, но лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски најави дека ќе присуствува.