БОРИС ТРАЈКОВСКИ, ТВОРЕЦ НА МЕЃУЕТНИЧКИОТ МИР ВО МАКЕДОНИЈА (1) Албанците меѓу сонот за „Илирида“ и грдото јаве на дискриминацијата

Маргинализацијата на Албанците, присутна и пред 1990-тите години, беше една од причините и аргументациите за нивните барања да се дистанцираат од државната и од правната структура на Р. Македонија. Но, втората, позначајна причина, поттикнувана од надвор, беше поврзана со поопштото настојување на политичките субјекти на Албанците на Балканот, вклучително и на тие во Р. Македонија, да создадат обединета албанска држава, или да создадат албански политички и функционални автономии или институции, кои ќе дејствуваат поврзано, вклучително и со Р. Албанија, како еден вид албанска политичка заедница на Балканот.

792

Распадот на бившата југословенска федерација кај народите и народностите што ја сочинуваа, покрај општата несигурност и вознемиреност, го предизвика оживувањето и на постоечкиот национализам поврзан со политичките и државните митови и аспирации.

Во таа смисла, некаде кон 1990-тите години, беа оживеани аспирациите за политичко поврзување на Албанците на Балканот и, во перспектива, за нивно политичко и државно обединување. За таа надеж и евентуална можност, лебдеше, а можеби, и пулсираше еден од најпознатите митови на Албанците од времето на османлискиот конфесионален (милетски) систем. Имено, на прашањето за тоа – кои се конфесите (милетите) на Албанците и што е, врз основа на верските конфесии, нивната етничка свест и политичка цел, одговорот (според Пашко Васа) бил еден и единствен: „Верата на Албанците е албанството и обединувањето“.






Проектот „Илирида“

Меѓутоа, независно од историските митови и аспирации на многу народи, во тој склоп и на Албанците на Балканот, актуелната политичка и државна тектоника што ги зафати комунистичките држави кон крајот на 20 век создаде актуелна потреба секој народ и секоја држава да ги дефинира политичките и државните интереси и ориентации и да ги определи врските и позициите, како кон другите држави во непосредниот регион, така и кон глобалните геостратешки блокови, и кон нивните водечки држави. Во таа смисла, балканските народи се свртија кон евро-атланскиот сојуз и кон членство во неговите институции.

На регионално ниво, каде што се одвиваше распадот на бившата југословенска федерација, се преплетија повеќе противречни територијално-политички аспирации, главно на Србија (односно на СРЈ) и на Албанците, предизвикувајќи крвави судири какви што беа тие во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и во Косово. Република Македонија на тој план се најде на линијата на аспирациите на Албанците кои на почетокот беа или за создавање на посебна политичко-територијална единица („Република Илирида“), во или вон границите на Р. Македонија, или за посебни статусно-функционални институции во рамките на Републиката за да – во перспектива – се обединат во единствени албански државни рамки или, пак, подолго време, да општат и функционираат како на еден вид албанска заедница на Балканот.

Така, при распадот на СФРЈ, Албанците од Р. Македонија многу брзо создадоа взаемна координација со Албанците на Балканот, потенцирајќи ја улогата на Тирана и на Приштина. Тие центри станаа главен фактор на инспирација и определување на целите и правецот на политичкото дејствување на Албанците во југословенските простори, вклучително и во Р. Македонија, бидејќи распадот на бившата СФРЈ за нив, како и за другите народи на таа федерација, се јави како комплекс на етнички и политички државни прашања.

Во случајот со Р. Македонија, Албанците се определија за формирање посебна политичка единица во нејзините западни области – за „Република Илирида“, за која спроведоа гласање на Албанците во Р. Македонија и нејзино прогласување, со што Р. Македонија требало да стане федеративна држава. Во случај на спротивставување и отпор од страна на Македонците, Албанците се зафатија со проектирање и формирање на „Албанска паравојска“.

Прекорот на Сали Бериша

Таа нивна насоченост не ѝ одговараше на Р. Македонија како држава; не им одговараше на Македонците и на другите помали заедници какви што беа Србите, Турците, Власите и другите кои беа дел од граѓаните на Македонија. Тенденциите и преземените активности кон политичка и правна дистинкција од институционалниот и нормативниот корпус на Република Македонија не им одговараа ниту на САД и на европските држави, ниту на нивните евро-атлански институции и организации (на НАТО, на ЕУ, на СЕ и сл.). Не одговараа, бидејќи тие намери на Албанците, како и сличните други тенденции на Србите (на пример во Хрватска, Босна и во Косово), раѓаа нови, непредвидливи проблеми, кои на широк простор на Балканот ги усложнуваа состојбите и го отежнуваа неговото консолидирање и приопштување како нов значаен геостратешки простор: на евро-атланскиот блок.

Од тие причини, на македонското раководство уште на почетокот на 1990-тите години му беше соопштено дека безбедноста на границите на Р. Македонија и унитарниот карактер на државата се прифаќаат како геостратешки интерес на САД и на ЕУ, со што таа безбедност станала (и) нивна грижа. Тоа конкретно и јасно се потврди и во случајот со т.н. „Република Илирида“ и со т.н. „Албанска паравојска“.

По соодветна интервенција од страна на претставници на САД и на други членки на НАТО, главниот инспиратор на тогашното политичко настапување на Албанците во Република Македонија, јавно се спротивстави на идејата за „Република Илирида“ и на идејата за „Албанска паравојска“. Во таа смисла, претседателот Сали Бериша изјави дека Р. Македонија е пријателска земја на Албанија, пожелувајќи ѝ нејзин напредок и унапредување на взаемните пријателски односи. Тој ги прекори Албанците во Р. Македонија, за кои, покрај другото, рече: „Некои наши сонародници во Македонија гледаат фантазмагории“. Мислејќи на „Република Илирида“ и на „Албанската паравојска“.

Од тогаш натаму Албанците во Р. Македонија не ги спомнуваа ниту „Републиката“, ниту „Паравојската“, после што, во взаемните односи, меѓу Македонците и Албанците се актуелизираа други проблеми и прашања кои имаа своја, друга динамика. На тој план, она што стана главно беше прашањето на обесправеноста (на нерамноправноста) на Албанците визави Македонците како граѓани; прашањето на нивната минимална застапеност во државните и општествените институции; нивната мајоризација во сите центри на одлучување; или, кажано на општ начин – прашањата на маргинализацијата на Албанците во Р. Македонија, до, за нив неприфатливи граници.

Свртувањето кон тие прашања и состојби поврзани со Албанците – во корелација со геостратешката одржливост на Р. Македонија – говори, од една страна, за разбирливоста на мотивите на Албанците да се побунат против таквата своја положба и да се спротивстават на власта и државата што ги држи во неа; а од друга страна, за неприфатливост на правецот и обликот за решавање на нивната мака. Односно, говори за барање друг начин и облик за решавање на проблемите на Албанците граѓани на Р. Македонија, кои нема да задрат во одржливоста и унитарноста на Р. Македонија.

Тој друг начин и тоа друго поле беше полето на правата: полето на рамноправната застапеност на Албанците во државните и општествените институции; рамноправниот пристап до финансиските и другите ресурси на општеството; можноста за образование на свој јазик на секое ниво; како и барањето за општење на тој јазик со институциите на државата и на јавните служби, на локално и на централно ниво; итн.

Маргинализацијата на Албанците

Работите на тој план не стоеја добро – како во состојбите на државните и јавните структури, така и во ставовите и однесувањето на македонските средини.

Во деведесетите години на ХХ век, Албанците во државната администрација, во униформираниот дел на армијата и во полицијата на Р. Македонија, беа застапени со 2-2,5%. Во јавните служби на државната структура или на општествените дејности не беа повеќе од 4,5-5,5%.

Во образованието, опфатеноста на децата Албанчиња во основното образование, во деведесетите години на ХХ век не надминуваше 65-70% од вкупниот број стасани за тоа образование. Кај децата Македончиња застапеноста беше над 90%.

Неочекувано мал број ученици – Албанчиња со завршено основно осумгодишно образование се запишуваше во училиштата за средно образование. На пример, во учебната 1992/1993 година, од 69.952 ученици со завршено осумгодишно основно образование, во училиштата за средно образование се запишале само 4.160 ученици, а 65.792 ученици не се запишале во средно образование. Во 1993/1994 учебна година, од 70.320 ученици со осумгодишно основно образование, 64.970 ученици не се запишале во средно образование во кое се запишале само 5.350 ученици – Албанци. Во учебната 1995/1996 година, од 72.124 ученици – Албанци средното образование не го продолжиле 63.437 ученици. Значи, учениците Албанци во структурата на средношколската ученичка средина биле застапени со 5,9% (во 1992/1993), со 7,4% (во 1993/1994), односно со 11,2% (во 1995/1996) учебна година. Во тие исти учебни години Македонците ученици во средното образование учествувале со 93,8%; со 92,2%; односно со 88,2%

Во високото образование на Р. Македонија во 1990-тите години, како впрочем и пред тоа, студенти Албанци немало повеќе од 1,5-2% во општата бројка на студенти. И во тоа образование Македонците студенти биле значително над пропорцијата на Македонците во населението на Р. Македонија.

Податоците укажуваат дека маргинализацијата на Албанците, присутна и пред 1990-тите години, беше една од причините и аргументациите за нивните барања да се дистанцираат од државната и од правната структура на Р. Македонија. Но, втората, позначајна причина, поттикнувана од надвор, беше поврзана со поопштото настојување на политичките субјекти на Албанците на Балканот, вклучително и на тие во Р. Македонија, да создадат обединета албанска држава, или да создадат албански политички и функционални автономии или институции, кои ќе дејствуваат поврзано, вклучително и со Р. Албанија, како еден вид албанска политичка заедница на Балканот.

Маргинализацијата на Албанците, присутна и пред 1990-тите години, беше една од причините и аргументациите за нивните барања да се дистанцираат од државната и од правната структура на Р. Македонија.

Владо Поповски Професор

Бурни демонстрации против Педагошка академија на албански јазик

Преориентацијата на македонските Албанци на планот на барање еднакви права (и шанси) со Македонците на сите полиња, без притоа да се доведуваат под прашање државните граници и унитарниот карактер на Р. Македонија, ја пренасочи нивната енергија кон оние приоритети кои беа лостови за подигнување на нивниот статус во државата и општеството. Во таа смисла, во 1990-тите години, на прво место беа сподвижени барањата за формирање виши и високи образовни установи на албански јазик, кои ќе создаваат кадри за сите области и кои, со тоа, ќе ја сменат сликата за Албанците и за нивната положба и улога во државата и општеството.

Во таа насока, во овој период беа барањата за формирање оддел на Педагошката академија во Скопје на албански јазик за образование на наставници за албанските училишта и за формирање албански Универзитет во Тетово за образование на албански кадри во сите области потребни и за државните структури и институции и за тие на општествените и јавните установи и служби.

За првата иницијатива постоеше согласност на Владата на Р. Македонија, која донесе одлука во таа смисла. Тој потег на Владата, меѓутоа, за изненадување, наиде на бурни демонстрации – од страна на македонските средини – главно од помладите генерации. Марширајќи кон Министерството за образование, на кое му ги искршија прозорците, се стационираа наспроти Парламентот, каде што во паркот Жена борец залогорија во шатори, претворајќи го тоа место како еден вид јавна, масовна, говорница против споменатата одлука, имплиците, против таква и слична политика кон Албанците – граѓани на Р. Македонија и во другите области.

Во таа смисла, мошне крактеристични и индикативни моменти на негативен однос кон сограѓаните Албанци беа:

  • Пристапот и говорот на екс-министерот за образование од Владата на Глигорие Гоговски, Саво Климовски, кој при крајот на 1980-тите години ги укина посебните албански паралелки во средните училишта и ги „диференцира“ (ги истера од работа) професорите – Албанци кои се побунија на одлуката на споменатата Влада; и
  • Пристапот на повозрасните граѓани Македонци, кои ги поддржаа тие протести и меѓу нив, настапот на одделни родители кои ги пофалија своите синови како учесници во кампусот на демонстрантите.

Кога со Албанците „разговараше“ полицијата

Битната поента од претходната информација е фактот дека полицијата на Р. Македонија не реагираше и тогаш кога демонстрантите Македонци манифестираа насилен карактер, каков што беше примерот со нападите врз просториите на Министерството за образование, или во други, поединечни, испади при споменатите демонстрации.

Во вториот случај, при барањето за отварање на албански универзитет (на Универзитет на албански јазик), во Тетово, веќе се активира полицијата на Р. Македонија. Полициската интервенција, и тогаш и подоцна, ќе биде единствениот јазик и единствениот начин на кој власта ќе разговара и ќе ги решава барањата на права од страна на Албанците – стига нив да ги бараат преку протести, кога веќе не ги добиваат на друг начин.

При такви случаи власта, официјално и формално-правно, не расправаше за барањата на граѓаните Албанци, поради тоа таа немаше надлежна одлука за тоа дали односните барања, правно и фактички, се основани и реални. Едноставно и неформално – Претседателот на Републиката, Премиерот на Владата и Министерот за внатрешни работи решаваа како да се постапи. Притоа, во сите случаи во кои барањата на граѓаните Албанци беа посредувани со протести, споменатите раководители на извршната власт се определуваа за интервенција на полицијата.

Со таа логика и на тој начин беше постапувано и во следните случаите:

  • во Дебар кога граѓаните за да ја решат потребата за вода бараа приклучок кон Росочкиот водовод, кој според „надлежните“ бил предвиден за селата, а не за градот;
  • во Гостивар, каде што против демонстрантите беа употребени специјалните полициски сили, затоа што гостиварската локална власт пред локалното собрание, покрај македонското државно знаме, го ставила и албанското национално знаме; во таа интервенција имаше и жртви на страната на граѓаните  демонстранти кои беа против симнувањето на знамето – симбол на нивната националност – да се вее покрај државното знаме како симбол на сите граѓани на Р. Македонија како држава.

Респективното постапување на македонските власти траеше до крајот на заедничкиот мандат на споменатите тројца раководители на извршната власт на Република Македонија (т.е. до 1999 година).

Тие постапки не придонесоа ниту за стабилизација на безбедноста на државата, ниту за обезбедување на функционалност на нејзиниот унитарен политички и државен систем.

(Во следното продолжение: Поделба на државата или заедништво – судирот со Љубчо Георгиевски)

Поврзани содржини