Борел: Соработката е најдобар начин да се надмине наследството од минатото

Главна тема на неговиот говор очекувано беше предизвикот од ковид-19 и неговите последици.

365

Шефот на ЕУ дипломатијата Јосеп Борел, претпладнево се обрати преку видеопорака на Самитот во Софија во рамките на Берлинскиот процес и побара да се задржи позитивниот тренд, вклучително и со отворањето преговори за членство со Скопје и Тирана, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Западниот Балкан е во срцето на Европа и нивната иднина е во Европската Унија, затоа нашиот ангажман бил и останува силен – изјави Борел на почетокот на неговото обраќање до лидерите учесници на самитот чии домаќини се Бугарија и Северна Македонија.






Главна тема на неговиот говор очекувано беше предизвикот од ковид-19 и неговите последици.

Борел потсети со колкава финансиска и материјална поддршка ЕУ му помага на регионот да се справи со оваа криза, вклучително и преку Економскиот и инвестициски план за западниот Балкан презентиран минатиот месец.

– Знаете сите колку на Европската Унија и е важен нејзиниот заеднички пазар. Тоа е еден од нашите најголеми адути и во пресрет на овој Самит бев импресиониран од смислата на посветеност што ја покажавте за создавање заеднички пазар на Западниот Балкан, за да се ослободи економскиот потенцијал на регионот – изјави шефот на европската дипломатија.

Во овој контекст тој потсети дека економското закрепнување во пост-ковид периодот мора да биде „одржливо и социјално праведно“.

– Тоа значи да се цели кон зелено економско закрепнување и дигитална трансформација на економијата и општество – рече Борел, нагласувајќи ја Зелената агенда за Западниот Балкан која го придружува Економскиот и инвестициски план.

Тој додаде дека е важно сите економски реформи да бидат поткрепени со силни политички реформи.

– Секој партнер во регионот знае што треба да се направи. Сега, со добредојдената одлука да се отворат преговори со Албанија и Северна Македонија, време е да се задржи позитивниот тренд и да се продолжи со работа. Да се работи заедно како што тоа го правиме во ЕУ е најдобар начин да се надмине наследството од минатото и да се гради подобра иднина. Тоа е јасен сигнал за нашата младина дека сериозно ги сфаќаме нивните аспирации за зелени, миротворни, праведни и просперитетни општества – изјави шефот на дипломатијата на ЕУ.

Поврзани содржини