БОРБАТА СО ЗАГАДЕНИОТ ВОЗДУХ Е ВРВЕН ПРИОРИТЕТ Се крчкаат 2 нови закони за заштита на животната средина
Заменик министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска, ја истакна својата визија за чиста животна средина и воздух во периодот којшто следи и наведе дека животната средина и справувањето со загадениот воздух се едни од врвните приоритети во агендата на Владата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и дека министерството интензивно работи на решавањето на овој проблем. Таа говореше на денешниот настан Саем-отчет, под мотото „4 години работа за тебе”, со свое обраќање на панел-дискусијата „Локалната и централната власт работат за тебе“.
– Кога се соочивме со проблемот со загадениот воздух, моравме да донесеме еден план кој го изгласа Владата за наредните 6 години, односно повеќегодишниот план за справување со загадениот воздух наречен „План за справување со загаден воздух 2024-2030 година“, каде што ветивме дека ќе се залагаме и се залагаме за решавање на овој проблем со преземање конкретни чекори, чиишто резултати ќе ги видиме по неколку години, а тоа би биле трајни резултати – вели Лашкоска.
Заменик министерката истакна дека координацијата со локалните самоуправи е на одлично ниво и дека заеднички се прават планови за справување со загадениот воздух, а ги потенцираше изградбата на когенеративни централи за решавање на проблемот и носењето нови 2 закона коишто ќе значат многу за заштита на животната средина.
– Она за што се зафативме прво е изградбата на когенеративни централи, тие се единствениот начин да го решиме проблемот со загадувањето. Министерството за животна средина и просторно планирање е тесно поврзано со општините во државата и ниеден проект не можеме да го реализираме едни без други, Министерството е партнер на општините во државата. Заедно со општините направивме планови за справување со загадениот воздух, во собраниска процедура е Законот за индустриска емисија на гасови со кој ќе имаме контрола на големите индустриски загадувачи, а и новиот Закон за животна средина, а со овие 2 закона ќе се придонесе за заштита на животната средина – рече Лашкоска.