Болничарка од Куманово пред да дарува плазма дознала дека е повторно заразена
Освен неа, повторно заразена со ковид-19 е и нејзината колешка од хирургија - медицинска сестра.
Болничарка и медицинска сестра од кумановската болница по вторпат го прележуваат вирусот ковид-19. Според изјавите на директорката на болницата, Снежана Захариева, двете вработени се позитивни на корона вирус по вторпат
Болничарката на очното одделение се лекувала првиот пат од корона вирусот дома, но примала и лекови, бидејќи имала симптоми на болеста. По излекувањето, таа се јавила да донира плазма. Но проверките пред донирањето покажале дека таа е повторно заразена со вирусот.
Според изјавите на д-р Захариева, оваа вработена има благи симптоми на болеста.
Освен неа, повторно заразена со ковид-19 е и нејзината колешка од хирургија – медицинска сестра која откако се вратила од странство пред околу два месеци, во април, дознала дека е позитивна, но немала никакви симптоми на болеста. По две недели, двата теста кај сестрата биле негативни.
И оваа пациентка по извесно време повторно добила симптоми на инфекција со корона вирусот, а тетсот покажало дека е позитивна.