БОЛНИЦАТА „8 СЕПТЕМВРИ“ ЌЕ ДОБИЕ ХИПЕРБАРНА КОМОРА Ќе се користи за лекување на хронични рани, дијабетично стапало, изгореници…
Комората, која е овозможена со донација од Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“, наскоро ќе биде во функција, а ќе се користи за лекување на пациенти со хронични рани, дијабетично стапало, изгореници, но и за спортисти.
На Одделот за физикална медицина и рехабилитација во ГОБ „8 Септември“ во Скопје наскоро ќе биде во функција хипербарна комора за лекување на пациенти со хронични рани, дијабетично стапало, изгореници, но и за спортисти.
Новата услуга е овозможена со донација од Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“.
– Услугата најчесто ќе ја користат пациентите со хронични рани, кои тешко заздравуваат, дијабетично стапало, изгореници, но исто така и од пластична хирургија, пулмологија, сегментите кои работат на зајакнување на имунитетот и не само пациенти, туку и здрави спортисти кои понатаму преку проектите што ги планираме ќе бидат користени за зајакнување на нивните спортски перформанси. За кратко време ќе стане достапна за пациентите – изјави денеска директорот на ГОБ „8 Септември“, Синиша Стојкоски, кој ја претстави новата опрема пред премиерот Христијан Мицкоски и пред министерот за здравство Азир Алиу.
Мицкоски се заблагодари на Фондацијата „Д-р Верица Механџиска“ за оваа донација.
– Јас сум исклучително благодарен што имаме вака општествено одговорни компании коишто на овој начин покажуваат само дека покрај тековното работење на компаниите, тие треба да бидат и општествено одговорни, и со самото тоа да направат подобри услови за живот на граѓаните во Македонија. Јас сум од срце благодарен и на компанијата и на фондацијата што го препозна сето тоа и што навистина активно е општествено одговорна во Македонија како компанија – рече Мицкоски.
На проектот за хипербарната комора се работело пет месеци.
Премиерот Мицкоски истакна дека е благодарен што има општествено одговорни компании кои помагаат да има подобри услови за граѓаните.
– Би сакал помалку пациенти кои ќе имаат потреба за третман на изгореници, а повеќе во делот на спортот, но во животот не се знае што може да се случи и да се има ваква услуга е додадена вредност за здравствениот систем – рече Мицкоски.
Министерот Алиу ја поздрави соработката помеѓу приватниот и јавниот сектор истакнувајќи дека ќе се придонесе за поквалитено и поблиско здравство до граѓаните.
– Во успешните земји соработката помеѓу јавниот и приватните институции е клучна за иновации, нови технологии, за подобро здравство и ние ги следиме таквите чекори – изјави Алиу.