Боки инспириран во судница ги преименува делата на Нушиќ: Облечен во бело како Тито стојам пред Вас
Да беше жив Бранислав Нушиќ ќе се инспирираше од овој судски процес и неговото дело „Госпоѓа министерка“, ќе се викаше „Госпоѓа обвинителка“, делото „Сомнително лице“ ќе беше „Сомнителен сведок“, а делото „Разжалостено семејство“, „Разжалостена држава“ затоа што сите сме сведоци на еден театар, а токму недостигот на докази ја претвори оваа постапка во театар, рече денеска во завршните зборови за случајот „Рекет“ првообвинетиот Бојан Јовановски Боки 13-ка.
– Не подлегнав на стравот од притворот ниту на емисарите дека ќе добијам подобар третман зашто верувам во чесноста на судот – рече тој.
Јовановски на денешното рочиште прикажа фотографии од осудениот на три години затвор Зоран Милевски Кичеец како слободно, како што рече, „хара низ Скопје со својата паравојска и во друштво на некои директори“, а јас облечен во бело како Тито стојам пред Вас, а Вилма ја нема. Според Боки, пуштањето на слобода на Кичеец е во интерес на претстојните избори.
– А обвинителката како мечка Божана шета по телевизии и кажува дека Зоран Заев се јавил па дошол, а после вели, не дошол со докази, а потоа се појавил Камчев – рече Јовановски.
Тој цитираше изјави од Русковска дадени за медиуми за кои рече дека се спротивни на тоа што обвинителката го кажува во обвинението и пред судот.
– Во затворот бев нарекуван педер, поранешниот премиер ме нарече педер. И кој одговараше за тоа? И кога ќе излезам од овде ќе речат: видете што зборува педеров. Но ова што јас го кажувам е вистината – рече Јовановски и продолжи:
– Кога Катица Јанева ќе се одважи да проговори дека е жртва на уцена, тогаш ќе се види која е мојата вина во случајов.
Според неговиот адвокат Сашо Дуковски, најсмешно во судскиот процес е начинот на кој било пријавено кривичното дело и тоа во ресторан кај Горан Николовски, шеф на УБК.
– И што направил тој, ништо. А, требало преку службена белешка да го извести Бирото за јавна безбедност. Јас таков офицер на висока позиција не познавам кој вака ќе постапи и едно вакво големо кривично дело ќе го остави на неформален разговор и нема ништо да преземе. Во овој судски процес сѐ е бисер до бисер, нема докази. Обвинителот селективно ги цени исказите и тоа само оние кои се на штета на обвинетиот. Зошто не се зема предвид исказот на Сергеј Варошлија кој рече дека не ја видел Ана Камчева, или на Стојан Арсовски кој даде исказ во судот дека Камчева кога била кај Јовановски не носела ниту ташна или некакво несесерче кое ќе собере 350.000 евра. Ве молам во мало несесерче толку пари!? И овој бисер се зема како доказ – забележа Дуковски.
Тој праша како јавниот обвинител утврдил дека Јовановски парите од Камчев ги трошел на гардероба и додаде дека обвинителката ги побарала на Википедија сите можни модни креатори и ги ставила во обвинението како докази. Дуковски тврдеше дека Обвинителството нема доказ, никаков вирман за милионот на сведокот Камчев за кој и вработената во „Орка Холдинг“ дала исказ во судот дека во неколку наврати биле извадени пари.
Кој е тој што ќе ви даде пари без документ, праша Дуковски кој повеќе од два часа спореше со доказите на обвинителката Русковска во „Рекет“.