Боки 13 како „заложник на мрачни политички сили“ поднесе нови кривични пријави
Обвинителството додека не ги провери наводите во пријавите не открива против кого се поднесени, а адвокатот Сашо Дуковски, кога беа поднесени претходните, рече дека се однесуваат на злоупотреба на службената положба, несовесно лекување, измама, изнуда и давање лажен исказ.
Бојан Јовановски Боки 13-ка, обвинет во случајот „Меѓународен сојуз“ утрово поднел кривични пријави во Основното јавно обвинителство, велат од Обвинителството за Плусинфо, но не откриваат против кого се пријавите сѐ додека не се проверат наводите во нив.
– Основното јавно обвинителство ќе постапи како и во претходните случаи, по приемот на кривичните пријави во записник доставени од Бојан Јовановски, ќе преземе дејствија за проверка на наводите во пријавите – велат од Обвинителството.
Јовановски е осуден на девет години затвор за случајот „Рекет“, а пресудата сѐ уште не е правосилна. Во судскиот процес кој е во тек и се однесува на предметот „Меѓународен сојуз“ Јовановски најавуваше дека ќе продолжи да поднесува кривични пријави, без оглед на заканите по живот.
Тој пред неколку месеци во обвинителствоо во Скопје поднесе кривична пријави против триесетина лица. Тогаш неговиот адвокат Сашо Дуковски изјави дека поради сериозноста на наводите во кривичната пријава, Јовановски побарал директно вклучување во процесот на најважните меѓународни институции за човекови права кои имаат свои дипломатски мисии во земјава.
Адвокатот Дуковски не откри против кого се поднесени пријавите. Од она што претходно го изјави бранителот Дуковски познато е дека кривичните пријави се поврзани со случаите „Рекет“ и „Меѓународен сојуз“, а се однесуваат на злоупотреба на службената положба, несовесно лекување, измама, изнуда и давање лажен исказ. Имаше и една пријава против непознат сторител поради телефонски закани кон Боки 13-ка.
Во судницата додека траеше судскиот процес „Рекет“, Јовановски, во неколку наврати најавуваше дека има „несоборливи докази за тежок криминал“ против обвинителката Вилма Русковска.
– Јас сум најобесправено лице кое го дише загадениот воздух бидејќи има осомничени за посериозни и потешки кривични дела, а за кои има поблаги мерки, jас сум заложник на мрачни политички сили – велеше Јовановски во судскиот процес „Рекет“ кога почна да ги најавува и кривичните пријави против сторители на злоупотреби во истиот процес, но и во судскиот предмет кој следуваше потоа „Меѓународен сојуз“ во кој освен Боки, обвинети се и пет други физички лица за кривичните дела „измама“ и „перење пари и други приноси од казниво дело“.
Јовановски кога почна судењето во случајот „Меѓународен сојуз“ побара изземање на судијката Софче Гаврилова-Ефремова затоа што, како што рече, била политички инструирана и имала оформено мислење од претходниот предмет „Рекет“ каде што беше втор судија во судечкиот совет. Тој обвини дека оваа судијка има и кривична одговорност, па не е исклучено една од поднесените пријави во ОЈО, да се однесуваат и на судијката.
– Вие носите професионална и кривична одговорност поради мојата состојба, за која фалеа 30 минути да заврши фатално. Во однос на притворот информирам дека иако бев жртва на уцени на политички вагабонти јас не подлегнав на ниту една од нив – изјави Јовановски.
Според обвинителството, обвинетите ги измамиле бизнисмените Силјан Мицески и Ардијан Амзоски дека ќе учествуваат во проект преку „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски и ги оштетиле со повеќе од милион евра. Јовановски, основачот на невладината „Меѓународен сојуз“, во случајот „Рекет“, беше обвинет за „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари“, заедно со поранешната обвинителка на СЈО Катица Јанева, која доби затворска казна од седум години за злоупотреба на службена положба и овластувања.