Многумина во Македонија, кога зборувам за „путинизам“, мешаат со Русија и рускиот народ. Нашиот став е јасен, Македонија има интерес за одлични односи со нив, особено ние да извезуваме во Русија. Ја признаа наша државност, а сега и МПЦ. Тука немаме дилеми. Но, „путинизмот“ е последната форма на империјализам, за кој не постои независност и сувереност, туку постои правилото на интересот на посилниот. На мала држава како Македонија, не ѝ одговара тоа, вели Петар Богојески, лидер на МКонцепт во интервју за „Вечер“.
– Новиот светски поредок“ на Путин директно ја руши државноста на Македонија, им дава право на посилните соседи да нè окупираат. Кој ја загрозува мојата Македонија, е мој непријател. Но, доста беше од вербално војување со „путинизмот“. Време е за вистинско дејствување, а тоа не е само испраќање тенкови или друга ВВО во Украина, туку да се удри на суштината, на алибито на Путин за агресијата врз Украина и за правото „големите да ги окупираат помалите“. Неговото алиби е Косово и случувањата околу него. „Ослободувањето“ на Косово, за Путин, е алиби за „ослободувањето“ на Крим и останатите украински региони. Македонија многу посилно ќе си помогне самата на себе, а со тоа и на Украина и на сите помали и послаби држави, доколку се отстрани алибито на Путин. Македонија треба да го повлече признавањето на Косово, со што ќе се стави до знаење дека мора да се почитува меѓународното право и нема да се дозволи окупирање и одземање територии од суверени држави, членки на ООН – одговара Богојески на прашањето, што точно мисли кога вели дека Македонија мора да му се спротивстави на „путинизмот“.
Тој смета дека како што Охридскиот договор станал пречка за унапредување на индивидуалните права во Македонија така Преспа станува пречка за продлабочување на односите со Грција.
– Денес, тој договор треба да се валоризира за македонските интереси и да се надмине со нов договор за трајно пријателство помеѓу Македонија и Грција. Ние со таа држава ја споделуваме македонската земја и култура. Време е за спријателување на „македонизмите“ од двете страни на границата. Слично и со бугарскиот договор, дадов воздржана поддршка, но укажав дека ништо не решава во суштината на македонско-бугарските проблеми. За жал, испадна дека бев во право по втор пат. Се обидов на секој начин да го спречам бугарското вето, на моја штета во политичката кариера, но граѓаните не го разбраа тоа доволно. Сега е време за нова фаза, принципиелна соработка на рамноправни односи како две држави и две нации. Тоа ќе го реши воведувањето на граѓанскиот устав во Македонија (без балансери или етничко претставување во политиката, едноставно сите сме еднакви), како што веќе има во Бугарија – вели лидерот на МКонцепт.