Боеми од нашиот сокак
Во договор со Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, Плусинфо повремено ќе преобјавува делови од негови колумни објавени во дневниот весник „Дневник“. На тој начин, освен што ќе ги освежиме сеќавањата на овој исклучителен интелектуалец, сакаме да придонесеме и за активностите на Фондацијата која го продолжува неговото благородно дело.
РЕПРИНТ (Објавено во „Дневник“ на 23.12.1998 година)
Откако, на времето, некој беше направил гала синемаскоп филм со „осовременета” верзија на „Кармен”, настана вистинска манија на евтино „модернизирање” на оперите со пренесување на нивното дејствие во сегашнината. Така, едно време, по земјотресот, во Скопје „Травијата” од Верди се играше во нашите денови. Да беше претставата како што треба, ова веројатно немаше премногу да ми пречи. Последното „чудо невидено” од ваков вид,на кое присуствував минатата среда, е обновената опера „Боеми” од Ѓакомо Пучини.
Да признаам, на претставата не отидов од љубопитство како операва ја обновил (и подновил) болгарскиот гостин Стојан Стојанов Ганчев, туку за да дадам свој придонес кон добротворната акција за прибирање средства потребни за лекување на тешко заболениот бас Војкан Јовановиќ. Состојбата на Војкан (младо момче од 25-26 години со шаљапиновски длабок, моќен глас, инаку, голема надеж на скопската опера) е драматична! За лекување биле потребни некакви скапи инјекции од странство, а државата пари нема па нема (освен за претседателските кандидати, за македонските Фаусти и за просветителските филмски проекти на министерот за култура). Болниот никако не е во состојба самиот да ги плати тие инјекции, па неколку добронамерни девојчиња од ДНЕВНИК решиле на своја рака да почнат акција да му помогнат на несреќното момче! Претставата беше најавена како „ексклузивна оперска вечер во МНТ”, а изведбата, наводно, ќе ја следеле “високи државни и партиски функционери”. Шуќур! Да ги видиме и во улога на практични добротвори!
Само, ништо од сето тоа! Се виде уште при влегувањето во театарот: „изеде ме змија” (би рекле Кумановци) кога видов сурија тинејџери и цени на билети пониски од оние по скопските кина (по 150 денари!). Внатре, прекрасна глетка: салонот на МНТ полн со „џагураана”, што секако би била благодарна публика за „Златното славејче”, но никако не и за „една од тешките опери”, каква што е „Боеми”. Од “високите државни и партиски функционери” ни трага (освен ако некој видовит човек не можел да ги препознае меѓу вревливите скопски средношколци: еден ден барем некој од нив секако ќе биде висок државен и партиски раководител).
Кревањето на завесата и појавата на диригентот беа дочекани со урнебесна веселба, ракоплескање и врескање. На децата очигледно никој не им кажал што е тоа опера и какво треба да биде нивното однесување во неа (грижа на министерот за образование е да најде оџи и попови што ќе ги благословуваат учениците; догодина, со Божја помош, ќе фати и да ги вероподучува; а за нивното воспитание – нека му ја мислат родителите!). Ние (во осми ред!) не можевме да чуеме речиси ништо од она што се пееше на сцената. Кутриот Родолфо мораше да ја прекине претставата, та да фати буквално да ги моли учениците (и нивните учители, што никаде ги немаше) да разберат оти се работи за претстава со посебна цел, што ја играат во корист на свој тешко болен колега, оптоварени со мислата за неговата зла судба. Младиот човек ги преколнуваше децата да им допуштат на пејачите чесно да го довршат започнатото. Овој драматичен апел даде плод: верно, не настапи мртва тишина, ама барем стивнаа навивачките страсти. На првата пауза младината (нашата иднина!), се разбега на сите страни, па, до крајот на претставата имавме горе-долу вообичаена оперска атмосфера.
Целата колумна прочитајте ја на следниот ЛИНК.
***
Сакате да продолжите со читањето на останатите 319 колумни? Обезбедете си примерок!
Оваа колумна е само една 319-те издадени во збирката наречена едноставно „Колумни“. Оваа книга, како и сите останати во издание на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, не се продаваат на „традиционален“ начин. туку се добиваат како благодарност за вашата донација. Финансиските средства обезбедени од донациите ќе бидат употребени за помош при школување и вработување на деца без родители, што е една од стратешките определби на Фондацијата.
Инструкции за нарачување За да ја добиете оваа книга, кликнете на копчето Донирај на следниот ЛИНК и во полето за забелешка наведете ја адресата на која сакате да ви биде доставена книгата. Донирајте износ по Ваш избор во Фондот за школување на Фондацијата Ѓорѓи Марјановиќ, а книгите заедно со автограм од авторот ќе Ви бидат доставени на Вашата домашна адреса. Забелешка: Можете да донирате износ по Ваш избор, но не помал од 1500 ден + поштарина. Поштарината за испорака во Македонија изнесува 130 денари. За испорака надвор од Македонија, контактирајте ја Фондацијата претходно.