Бочварски провери до каде е градбата на најголемата социјална зграда во Бутел
Социјалната зграда во Бутел, кој е најголем објект од овој тип почнат во последните 20 години ќе овозможи дом на 312 семејства од социјално ранливите категории граѓани.
Со сериозна динамика ќе продолжи искористувањето на капиталните инвестиции бидејќи во време на коронакризата, кога се намалени јавните потрошувачки, државата треба да дада се од себе да ги реализира капиталните инвестиции, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој заедно со директорот на АДСДП Кристијан Трајковски направи увид во изградбата на социјална зграда во општина Бутел.
Тој потенцираше дека сите средства што се предвидени за станбена изградба на социјални станови се реализирани, а во интерес на побрза динамика, доколку е потребно, најави дополнување на средствата со првиот ребаланс на буџетот.
Моментално, низ државата се градат над 500 социјални станови, од кои 312 се во зградата во Бутел која е најголем објект од овој тип почнат во последните 20 години. Во неа се очекува да бидат сместени 312 семејства од социјално ранливите категории граѓани.
Директорот на АДСДП Трајковски рече дека на почеток на градба се уште 3 социјални згради за ваква намена во: Демир Капија, Гевгелија и во Велес, а до крај на годината ќе бидат завршени постапките за уште 3 социјални згради во Прилеп, Штип и во Кочани.
Трајковски посочи дека и покрај последиците од вирусот ковид-19, АДСДП нема застој во делот на продажбата на комерцијални станови.
– Напротив, сите залихи на станови се сведени на минимум, во тек е изградба на две комерцијални градби во Аеродром, ќе почнеме уште неколку комерцијални градби следната година. Комерцијалните станови во Аеродром се продадоа уште во фаза на градба со просечна цена од 850 евра по м2 – рече Трајковски.
Тој најави дека АДСДП ќе продолжи да биде регулатор на цените на пазарот за продажба на станови.