📽️ БЛОКИРАН НАЈГОЛЕМИОТ МУЗЕЈ НА СВЕТОТ Mинистер во Франција призна дека полицијата изгубила контрола

Студенти ги блокираа влезовите на парискиот Лувр во знак на поддршка за протестите што ја потресуваат Франција. Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез, чија оставка ја одби претседателот Емануел Макрон, призна сериозни пропусти во полициското обезбедување на немирите.

72

Најголемиот музеј во светот, парискиот Лувр, денеска остана затворен за посетителите откако студенти ги блокираа неговите влезови. Новата протестна акција доаѓа во момент кога францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез призна дека полицијата изгубила контрола во одделни големи градови.

Неговата понудена оставка претходно ја одби претседателот Емануел Макрон.






Блокадата ја организирале студенти од „Екол ду Лувр“, високошколска институција поврзана со музејот. Тие изразиле поддршка за националното протестно движење на средношколците и го осудиле полициското постапување.

Управата на музејот и синдикатите потврдиле дека Лувр не можел да се отвори во предвиденото време, пренесува „Еуроњуз“.

„Горди сме што можеме да објавиме дека го блокираме најголемиот музеј во светот“, пишувало на леток истакнат пред музејот.

Студентската акција е продолжение на протестите што започнаа минатиот месец поради лошите услови во француските средни училишта.

Незадоволството постепено се прошири и на други општествени проблеми, особено инфлацијата и високите трошоци за живот.

Протестите во саботата прераснаа во масовни немири, со грабежи, пожари и судири со полицијата во повеќе градови.

Нуњез призна дека полицијата изгубила контрола

Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нуњез денеска призна дека безбедносните сили не успеале да ја задржат контролата во одделни големи градови.

Во интервју за радиото „Франс ентер“ тој посочил дека полицијата не била доволно подготвена за размерите на насилството.

– Имаше недостиг од претходна подготовка – признал Нуњез, зборувајќи за распоредувањето на безбедносните сили во саботата.

 

Според министерот, полицијата се соочила со многу поголем број насилни групи отколку што било предвидено.

– Нивниот број беше недоволен во однос на масовно собраните вандали и ограбувачи на маргините на протестите – изјавил Нуњез.

Неговото признание доаѓа само еден ден откако Елисејската палата соопшти дека Макрон ја одбил понудената оставка на министерот.

Францускиот претседател побарал Нуњез да остане на функцијата за да се зачува командната структура на полицијата.

Истовремено, му наложил да предложи нови мерки за спречување на грабежите и насилството.

Макрон претходно најави и можност за забрана на одредени протестни собири доколку постои опасност од нови немири.

Во меѓувреме, градот Марсеј во Франција ги забрани јавните собири и протести во поголемиот дел од денешниот ден. Градот кој е втор по големина во земјата, за време на викендот беше зафатен од насилни протести и грабежи.

Забраната во Марсеј ќе биде во сила од пладне до 20 часот по локално време.

Над 2.300 приведени, илјадници оштетени продавници

Според најновите податоци што ги соопшти францускиот министер за правда Жералд Дарманен, за време на викендот низ Франција биле регистрирани 2.331 полициско приведување.

Околу 70% од приведените биле полнолетни лица, додека останатите биле малолетници.

Само во Париз, во неделата и во текот на ноќта кон понеделникот, биле извршени 350 апсења.

Податоците ги соопштиле министерот Нуњез и заменик-градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар.

Според градските власти, во главниот град биле ограбени околу 30 продавници.

Претседателот на Стопанската комора на Франција, Ален Ди Кресенцо, соопштил дека за време на викендот биле оштетени повеќе од 2.000 продавници низ земјата.

Материјалната штета се проценува на стотици милиони евра.

Портпаролката го впери прстот кон „Непокорна Франција“

Претседателот на крајно левичарската партија „Непокорна Франција“, Жан-Лик Меланшон, се залага за „форма на бунт против Републиката“, изјави денеска портпаролката на француската влада, Мод Брежон, додавајќи дека партијата носи морална и политичка одговорност за насилството што ја зафати земјата.

– Веќе неколку години „Непкорна Франција“ нè навикнува да бидеме во оваа стратегија на екстремен конфликт на сосема претпоставен начин. Сето ова произлегува од исклучително јасната изборна стратегија – изјави таа за LCI.

Според Брежон, Меланшон не повикал само на демонстрации.

– Жан-Лик Меланшон се залага, без да го каже тоа отворено затоа што е вешт, за форма на бунт против Републиката или барем против симболот на Републиката – истакна таа.

Истовремено Брежон наведува дека владата ќе направи сè за да го „олесни“ обновувањето на бизнисите директно погодени од насилството во Франција за време на викендот, пренесува BFM.

Поврзани содржини