БЛИНКЕН НЕМА ДА СЕ ДВОУМИ ЗА КОСОВО Преговорите продолжуваат, во посета доаѓа Ескобар
Дека преговорите околу Косово се засилуваат зборува и денешната посета на Габриел Ескобар во Приштина, а потоа и во Белград само денови откако Курти и Вучиќ се сретнаа во Брисел и јадеа хамбургери и пиеја кока-кола на преговарачката маса.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен нема да се двоуми директно да ги води разговорите меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти, доколку е потребно, изјави портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс. Ова беше неговиот одговор на прашањето дали е можна ваква средба по 1 септември.
– Ние сме длабоко ангажирани како набљудувачи во дијалогот меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ. Разбираме дека разговорите се во тек. Ова го правиме во партнерство со ЕУ и ги охрабруваме двете страни ефективно да го користат дијалогот – рече Прајс на прес-конференција.
Дека преговорите околу Косово се засилуваат зборува и денешната посета на Габриел Ескобар во Приштина, а потоа и во Белград само денови откако Курти и Вучиќ се сретнаа во Брисел и јадеа хамбургери и пиеја кока-кола на преговарачката маса. Ескобар ќе се сретне со претседателкат ана Косово, Вјоса Османи, а вечерва во Амбасадата на САД ќе има работна вечера со лидерите на трите најголеми опозициски партии.
Ескобар нема да се сретне со Курти. Портпаролот на Владата на Косово, Прпарим Криезиу изјави за ТВ Клан Косово дека во агендата на премиерот за денеска не е предвидена некаква средба.
Освен Ескобар, утре во Приштина, а потоа во Белград ќе присуствува и Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на Европската унија за дијалогот меѓу Косово и Србија.