БЛЕФ ИЛИ РЕАЛНОСТ ПО ЛОШИОТ СТАРТ НА СЕЗОНАТА? Ѓоковиќ не се вбројува меѓу фаворитите на Ролан Гарос
Првиот светски рекет во Париз пристигнува без ниту еден трофеј од почетокот на годината и не е преголем оптимист за успешен настап на Отвореното првенство на Франција.
Новак Ѓоковиќ изјави денеска дека не се смета себеси за фаворит пред почетокот на грен-слем турнирот на Ролан Гарос. Најдобриот светски тенисер утре ја почнува одбраната на титулата на парискиот грен-слем против Французинот Пјер-Иг Хербер.
Ѓоковиќ, кој е рекордер со 24 освоени грен слем титули, вчера загуби од Чехот Томаш Махач со 4:6, 6:0, 1:6 во полуфиналето на турнирот во Женева.
Првиот светски рекет во Париз пристигнува без ниту еден трофеј од почетокот на годината и не е преголем оптимист за успешен настап на Отвореното првенство на Франција.
– Секако дека сум загрижен … Воопшто не играм добро оваа година – изјави Ѓоковиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање околу шансите за одбрана на титулата на Ролан Гарос, Ѓоковиќ истакна дека не се гледа себе си меѓу фаворитите.
– Не се сметам себеси за фаворит таму. Имам многу да работам. Ќе одам натпревар по натпревар и ќе видам до каде можам да стигнам. Само се надевам дека ќе бидам здрав и добро подготвен за Ролан Гарос – рече српскиот тенисер.