БИЗНИСОТ Е НЕЗАДОВОЛЕН ОД БОРБАТА СО КОРУПЦИЈАТА Бара да се работи на конкретни точки кои се извор на корупција
Претседателот на Стопанската комора , Бранко Азески бара и медиумите и невладиниот сектор да ги откриваат точките кои се извор на корупцијата, а случаите да ги пријавуваат во институциите.
Со посочување на конкретни критични точки каде што може да се јави корупцијата, барање надлежните да реагираат и со процесуирање на откриените случаи, Стопанската комора ќе се бори против корупцијата што е приоритетот број еден во нејзиното работење.
Ова денеска го соопшти првиот човек на Комората, Бранко Азески пред потпишувањето на Договорот за соработка помеѓу Стопанската комора и Транспаренси Интернешнл-Македонија
– Мора да зборуваме за точни места кои се извор на корупција. На пример вагите за мерење на граничните премини кои не работат, се извор на корупција. Секаде каде што има тесно грло е извор на корупција. На пример кај нас во комората таков извор е местото каде што се даваат дозволите. Тука треба да се фокусираме, да следиме, провериме и да преземеме мерки. Секој во својот двор треба да исчисти. Така што мораме да ги посочуваме точките, а не само декларативно да кажуваме дека се бориме против корупцијата – рече Азески.
Тој не крие дека компаниите веќе отворено зборуваат за корупцијата и нивното незедоволство од начинот на кој се води битката со неа.
– Со години нема стратегија. Отсуствува прецизна и јасна мини програма за приоритет пред приоритетите која ќе не доведе во ситуација да го направиме потребниот чекор за добивање на изостреност која е потребна за фокусирање на работите и за нивно елиминирање – рече тој.
Како проблем го посочи не процесуирањето на веќе утврдените случаи на корупција.
-Тоа е наша обврска како институција да го укажуваме затоа што владеењето на правото е темел на нашето работење. Ако нема владеење на правото загрозен е профитот и самото работење. Затоа секогаш поддржуваме сили и структури кои се здружуваат во борбата против корупцијата. Со овој чин денеска очекуваме да направиме нешто повеќе на тоа поле -рече Азески.
Тој голема помош во борбата против корупцијата гледа во ангажирањето на медиумите за откривање на корупцијата, на големиот невладин сектор и на институциите.
-Долго време како да немаме стратегија за да направиме нешто повеќе на планот на сузбивање на корупцијата иако имаме доволно организации кои работат на тоа поле. Сум бил на стотици меѓународни собири и секогаш се молчело за корупцијата. Може да се постават прашања за што сакаш и ќе има расправа, но не и за корупцијата. Веројатно е вкоренета на Балканот и борбата против неа треба да стане приоритет во секојдневното работење кај секого – рече Азески.
Претседателот на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Благоја Пандовски, пак, рече дека организацијата одамна соработува со Комората на полето на зацврстување на интегритетот на бизнисот кон корупцијата.
-Ние и досега сорабоувавме. Во 2007 година помогнавме да се изработи кодекс на деловна етика. имавме проект „Нулта толеранција за корупција“ … и она што е битно лани кога излезе националниот систем на интегритет покрај 15 клучни државни органи е земен и бизнис. Системот може да ја рашири или спречи корупцијата. Работиме и на зголемуввање на интегитетот на бизнис секторот кон корупцијата – рече Пандовски.