Бизнисот бара кампања „купувај домашно“, владата вели не ги двоиме бизнисите
На ваква кампања веќе некое време повикува опозицијата.
Во екот на справување со здравствената криза и мерките што ги презема владата за помош на компаниите и зачувувањето на работните места, се погласно се слуша барањето за организирање државна кампања за купување на домашни производи. На ваква кампања веќе некое време повикува опозицијата, а деновиве со ваков предлог излезе и првиот човек на Стопанската комора Бранко Азески. Од владата, пак, со одговор дека со ваква активност би се прекршиле преземените обврски кој Светската трговска организација за нефаворизирање на домашни или странски компании, односно еднаквоста на сите на пазарот.
Азески во обраќањето до владата и бизнисите во кое презентира повеќе предлозите и иницијативите произлезени од анкета на членките на Комората, покрај повеќето предлози како да се подобри бизнис климата и да им се помогне на компаниите, побара владата да почне активна кампања за купување на домашни производи. Главна цел притоа, му е да се помогне на домашните компании да ги пласираат производите на домашниот пазар, во услови кога поради здравствената криза тешко оди извозот.
На другата страна, од Министерството за економија сметаат дека државата мора да ги почитува меѓународните договори за слободна трговија.
– Државата не смее да фаворизира домашни или странски производи, бидејќи се сите еднакви на домашниот пазар. Според Светската трговска организација имаме обврска да применуваме третман на најповластена нација (она што го нудиме за домашните фирми и производи да го нудиме и за странските) – велат од Министерството.
Оттаму додаваат и дека се фокусирани на економските мерки за еквивалентен пристап за поддршка на сите компании, според најновите одлуки даваме можност на економски бенефит на најранливите производствени компании (мелничари, текстилни) и остварување на економски бенефит, и покрај целосното право дека првенствено е грижа на здравјето на граѓаните во услови на пандемија. Но додаваат и тука не ги фаворизираат домашните пред странските компании.
– Кога ги укинавме царините за увоз на потрошен медицински материјал со Одлука на владата, не кажавме дека бенефитот на укинатата царина ќе ја користат само домашни компании, а странските компании, подружници, канцеларии или претставништва нема да можат. Истото и со правото за извоз на заштитни маски, иако македонски текстилни компании беа иницијатори да одобриме да извезуваат заштитини маски, сепак во одлуката нема дискриминација дека домашните компании ќе можат да извезуваат, а странските кои се присутни во земјата нема да можат – велат од Министерството за економија.
Економисти, пак, велат дека при органиизрање на една ваква мерка која би му помогнала на домашното стопанство во кризата, секогаш треба да се води сметка и за некои договори на меѓународно ново кои ги потпишала државата, кои не преферираат експлицитни кампањи како оваа што се предлага. Но, велат, не е непримерно да се упати апел за тоа.
Граѓаните, кои ги анкетиравме додека купуваат, имаат различен став околу предлогот. Според едни добро е да се поддржат домашните компании во кризно време.
– Кризава нѐ натера повеќе да се свртиме едни кон други. Ако може да се помогне со тоа што ќе купам домашен производ, би го сторил тоа. Еве при избор да речам на брашно иако е поскапо домашното би купила од наша фрима – вели граѓанка.
Друг граѓанин, пак, вели дека не може државата да му наметне на граѓанинот што да купува.
– Како ќе го направат тоа. Секој си одбира она што го сака и мисли дека е квалитетно. Може да е поскапо или поевтино, но навиките тешко се менуваат. Ако некој сака да купи увозен производ, како ќе му речеш да не купува. Или уште подобро зарем во странство да не ги купуваат производите на нашите компании кои извезуваат. Тоа е исто толку погубно за нашите компании колку и конкуренцијата на домашниот пазар. Мислам дека е неизводливо тоа, ама ако има таква активност веројатно би подразмислил кога ќе купувам некој производ – вели граѓанин.