Бизнисменот Ресул Лога: Имавме доверба во проектот поради Ременски и Кирацовски
За проектот за изградба на домовите за стари лица, како што рече сведокот Лога, платиле 350 илјади евра во готово.
Бизнисменот Ресул Лога, кој денеска сведочеше во предметот за невладината организација „Меѓународен сојуз”, каде заедно со основачот Бојан Јовановски, обвинети се уште четири лица рече дека домовите биле предвидени да се градат на државно земјиште кое требало да го обезбеди организацијата на Јовановски.
Лога, кој бил менаџер на поранешната компанија „Дрим билдинг”, рече дека соработката со „Меѓународен сојуз” била преку неговиот партнер Адријан Амзовски.
– Имавме потполна доверба дека тој проект ќе се реализира и дека во градот ќе има еден европски комплекс за стари лица – рече сведокот Лога, појаснувајќи дека тоа се должело на разговорите и проектот, како и на луѓето од владата Фросина Ременски и Александар Кирацовски.
За проектот за изградба на домовите за стари лица, како што рече сведокот Лога, требало да платат 350 илјади евра во готово и 16,1 милион денари на фактура.
– Парите во готово ги дадовме на господинот Бојан, во присуство на мојот партнер Адријан Амзовски и уште еден, мислам Александар се викаше – рече Лога.