Бизнис заедницата од Западен Балкан бара Германија да овозможи проток на стоки и услуги

Бизнисмените велат дека примената на најновите мерки во Германија предизвикуваат застои на границите, доведоа до исклучително комплицирани ситуации и до големи одложувања во транспортот на стоки до Германија.

314

Инвестициски форум, како асоцијација на шесте комори од регионот на Западен Балкан, од кој е дел и Стопанската комора на Македонија, апелира германската Влада, да обезбеди непречен проток на стоки  преку нејзината граница со што ќе се надминат застоите на германските гранични премини.

Како што соопштија денеска од Стопанската комора, бизнис-заедницата од регионот на Западен Балкан, преку Коморскиот инвестициски форум, изразува загриженост поради последните мерки воведени од Германија, кои се однесуваат на сите лица кои влегуваат во Германија, а кои престојувале или поминале низ  Словачка, Чешка и низ делови од Австрија во последните 10 дена, за кои се воведува обврска за регистрација и за приложување негативен PCR-тест за ковид-19, а во некои случаи и упатување во карантин, почнувајќи од 14.2.2021 година.






Оттаму велат дека примената на овие мерки и за професионалните возачи во практиката доведе до исклучително комплицирани ситуации и до големи одложувања во транспортот на стоки до Германија.

– Транспортот на стоки, како крвоток на секоја економија, не смее да запре и мора да се одвива во сите услови. Сликите на границите, кои ги гледаме деновиве, каде што се формирани редици од повеќе од сто возачи кои стојат со часови на екстремно лошо време чекајќи тестирање се навистина загрижувачки – укажува Бранко Азески, потпретседател на Коморскиот инвестициски форум на Западен Балкан и претседател на Стопанската комора на Македонија.

На овој начин, додава тој, тие се изложени на поголем ризик од заразување отколку кога би биле во кабините од своите камиони.

– Токму фактот што во внатрешноста на кабините возачите можат да останат безбедни од ризиците на ширење на болеста и потребата да се гарантира непречен проток на стоки во исклучително тешките услови во кои функционира европската економија речиси цела година беа причина професионалните возачи уште од почетокот да добијат посебен третман од националните власти. За времетраењето на пандемијата, почнувајќи од март 2020 година, професионалните возачи беа изземени од сите ограничувачки мерки и таков пристап треба да продолжи да се применува кон оваа категорија и во иднина – посочува Азески.

Од Инвестицискиот форум  се повикуваат на најновите препораки на Советот на ЕУ за координиран пристап на земјите членки на ЕУ за ограничување на слободата на движење во ЕУ, предизвикан од пандемијата ковид-19, од 28 јануари годинава, со кои се гарантира непречено движење за работниците во транспортот.

Коморскиот инвестициски форум апелира до германските власти да се разгледаат сите опции за елиминирање на застојот во транспортот на стоки преку Германија и во неа и професионалните возачи да бидат изземени од примената на воведените мерки, така што би се примениле препораките на Советот на ЕУ кои се однесуваат на изземањето на транспортните работници од обврските за карантин и за приложување негативен PCR-тест, ако се приложи како доказ негативен брз антиген тест.

-На овој начин би се загарантирало непреченото функционирање на зелените коридори на ЕУ и снабдувањето со единствениот пазар на ЕУ – велат од КИФ.

Поврзани содржини