Битолскиот професор Трајковски прими вакцина од „АстраЗенека“, еве го неговото искуство

Професорот вели дека една третина од луѓето кои се вакцинирале тој ден веќе имале прележано ковид, а од нив слушнал дека сакале да се вакцинираат затоа што не можеле да замислат повторно да минуваат низ она што го поминале.

10,572

Битолскиот професор Дејан Трајковски кој пред четири дена се вакцинираше против ковид-19 во Врање, во соседна Србија, денеска го сподели своето искуство со вакцината на „АстраЗенека“.

„Локално, на левото рамо никогаш немав ни црвенило, ни оток ни печење. Наредниот ден по вакцинирањето осетив тапа, многу слаба болка, како да сум се удрил малку во некаков тврд предмет (но без модринка), а оваа слаба болка не траеше ни еден ден. Ништо сериозно, да не знаев дека сум примил вакцина немаше ни да ја забележам.






Утредента, во неделата, цел ден пешачев низ Врање и околните ридови и возев назад до Битола. По враќањето дома од чиста љубопитност и без никаква потреба, измерив температура, која изнесуваше 37,8 степени Целзиусови. Тоа беше точно 24 часа по примената вакцина. До неделата на полноќ, 30 часа од вакцинирањето, температурата опадна под 37 степени и тоа без никакви лекови. Можно е да сум имал повишена температура и во првите 24 часа, но поради шетањето ништо не сум осетил, а немав ни термометар за да измерам. Во секој случај, се израдував затоа што зголемената температура го потврди имуниот одговор на организмот. Од тој момент натаму, 30 часа по вакцинирањето, повеќе никакви знаци немаше, ако и овие воопшто можеа да се сметаат. Во секој случај, неспоредливо со секојдневни игли и болки што мораат да ги трпат болните во ковид-болниците“, напиша професорот Трајковски на својот профил на Фејсбук.

Тој раскажа и за организацијата на вакцинацијата во Србија. Три дена пред терминот примил известување по СМС, а по имејл формулар со бар код. Со тој формулар, потврда дека е внесен во системот, во закажаниот термин (16:25 во саботата) се јавил во здравствениот дом во Врање. Цел час чекал да се појави деветтиот од групата за вакцинирање (најверојатно од едно шишенце вакцина се вакцинираат по деветмина).

„Не знам дали дошол или не, но по еден час моравме да продолжиме со постапката. Еден по еден влегувавме на преглед кај докторот, одговаравме на прашања, а веднаш потоа бевме вакцинирани. По примањето на вакцината секој требаше да остане 15-30 минути во здравствениот дом, во случај да се појави алергиска реакција. Од мојата група таква реакција немаше никој. Единствена забелешка имам што сите луѓе, а ги имаше 30-40 од разни групи, иако сите носеа КН95 маски, чекаа во еден ходник без вентилација на релативно блиско растојание еден до друг. Јас се оддалечив на другиот крај од ходникот и им порачав да ме повикаат штом ми дојде редот. Навистина е глупаво човек да се зарази на самото место за вакцинација“, сведочи професорот.

Тој вели дека една третина од луѓето кои се вакцинирале тој ден веќе имале прележано ковид, а од нив слушнал дека сакале да се вакцинираат затоа што не можеле да замислат повторно да минуваат низ она што го поминале.

Трајковски се осврнува и на почитувањето на мерките за заштита во Врање и во Битола.

„Можам да кажам дека сум горд на битолчани со нивната здравствена култура и дисциплината во носењето маски. За разлика од Битола, каде преку 80% луѓе носат маски во градот, во Врање по улици маски носат можеби само 20% од луѓето. Затоа пак, во угостителските објекти таму маските се задолжителни, но луѓето главно седат надвор. Во еден млечен ресторан во центарот, седењето беше дозволено на секоја втора маса. Останатите беа заградени со црвена лента и немаа столови“, сведочи професорот Трајковски.

Вакцинацијата е единствената метода која може да стави крај на епидемијата, но за жал, додава професорот, досега во Србија за вакцинација се пријавиле само 1,1 милион жители, односно околу 20% од возрасното население, а во Македонија уште помалку (околу 116.000 лица), односно одвај околу 6% од населението.

Поврзани содржини