Бислимоски: Енергетскиот сектор е подготвен за зимскиот период
Регулаторните тела членки на Енергетската заедница ја поздравија одлуката на Владата со која го номинираше операторот на пазарот на електрична енергија за оператор на организиран пазар на електрична енергија на берзата.
Првичниот шок од здравствената криза е поминат, енергетскиот сектор е подготвен и за зимскиот период кој следува, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски во он-лајн обраќањето на состанокот на Одборот на регулатори на енергетската заедница (ECRB)
Тој во воведниот говор на почетокот на состанокот рече дека Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги имаше сериозни предизвици во работењето во тековната година, работеше во вонредни околности и посредуваше во креирање мерки кон ранливите категории на граѓани погодени од здравствената криза.
Бислимовски, како што соопштија од Регулаторната комисија за енергетика, се пожалил дека во земјава има недостиг од институционална проактивност од извршната и законодавната власт за реализација на нивните иницијативи и предлози.
– Од друга страна се појави притисок од опозицијата која наместо да предлага решенија во Собранието, врши неоправдан притисок врз Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги со континуирани протести за промена на одлуката за покачување на цената на електричната енергија. Но и покрај притисоците од политичките протести, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги продолжува да работи посветено со полн капацитет водејќи се од начелата на транспарентност и отчетност и ќе опстои во својата независност потврдена од Европската Енергетска заедница – рекол Бислимоски.
Регулаторите членки на Енергетската задница, како што соопштуваат од Регулаторната комисија за енергетика, на состанокот ја поддржаа РКЕ да не потклекне на политичките притисоци од страна на опозицијата и да продолжи со својата стручна и транспарентна работа која обезбедува независност во одлучувањето.
На есенскиот редовен состанок регулаторите од Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Косово, Молдавија, Црна Гора, С. Македонија, Србија и Украина разговараа за предизвиците со кои се соочуваат во однос на сигурна и стабилна испорака на енергија во време на пандемија, како и реализацијата на енергетските реформи во вонредни услови.