Бислимоски: Ако енергетските компании поднесат нови податоци ние ќе ја промениме цената на струјата
Доколку компаниите се подготвени да работат со загуба,вели претседателот на Регулаторната комисија, ние сме подготвени во рок од 24 часа по доставување на податоци од компаниите да ги промениме нашите одлуки за цената на електричната енергија.
Нашите одлуки за цената на електрична енергија може да се променат доколку енергетските компании достават барање до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) со нови податоци. Досега компаниите немаат доставено никакви податоци, а доколку достават подготвени сме во рок од 24 часа да ги промениме нашите одлуки, потврди денеска претседателот на РКЕ Марко Бислимоски.
– Ние не смееме да донесеме одлука која ќе ги доведе компаниите до загуба, бидејќи за тоа јас како претседател и членовите на РКЕ кривично ќе одговараме зашто сме работеле спротивно на закон. Со Законот за енергетика е предвидено секоја компанија да оствари свој профит, а нашите одлуки ги држат компаниите во кондиција и да работат на позитивна нула – рече Бислимоски.
Доколку компаниите се подготвени да работат со загуба, додаде, ние сме подготвени во рок од 24 часа по доставување на податоци од компаниите да ги промениме нашите одлуки за цената на електричната енергија.