БИНАЦИОНАЛНОСТА МОЖЕ ДА ДОВЕДЕ САМО ДО КОНФЛИКТ Некој шири хистерија или ова е трик да се прифати „помалото зло“?

Станавме сектаријанска држава, каде секоја етничка партија наместо да се грижи за целовитоста и унитарноста на државата, се занимава строго со своите етнички, политички, територијални и финансиски интереси. Унитарноста се сведе на излитена церемонијалност и фолклористика. Може ли оваа погубна пракса да се преточи во уставен концепт?

1,269

Дали во уставните промени ќе биде предложено во Преамбулата Македонија да стане држава на македонскиот и на албанскиот народ, на неколку етнички заедници и повеќе малцинства?

По упорните неколкудневни прозивки од ВМРО-ДПМНЕ дека нема демант на овие шпекулации кои потекнаа од извори во работната група за подготовка на уставните промени, денеска се огласи и премиерот Димитар Ковачевски.






– Тоа е уште една од низата небулози и замајување на јавноста од страна на опозицијата. Истата опозиција зборуваше и дека во државата ќе има не знам колку милиони мигранти, дека државата ќе се кантонизира, дека со гласањето на францускиот предлог ќе сме станеле бугаризирани и асимилирани и дека ќе сме го изгубеле македонскиот јазик, но ништо од тоа не се случи. Ова е најновата во низата лаги. Се работи за шпекулација и за зборување нешто од немајкаде. Кога сите факти ќе ве побијат, не ви останува ништо друго освен измислување нови небулози кои ќе шират хистерија и страв кај народот, а нема да направат ништо добро – рече Ковачевски.

Се работи за шпекулација и за зборување нешто од немајкаде. Кога сите факти ќе ве побијат, не ви останува ништо друго освен измислување нови небулози кои ќе шират хистерија и страв кај народот, а нема да направат ништо добро.

Димитар Ковачевски премиер

Трик за да се прифати „помалото зло“?

Извори на Плусинфо сепак тврдат дека ќе има обиди на членови на работната група за уставни промени, во координација со политички промени, албанскиот народ да добие потполно еднаков и симетричен статус со македонскиот во уставната Преамбулата. Што се однесува до албанскиот јазик, чија службена употреба сега е поврзана со формулата „20 отсто“, веќе и јавно постои предлог за негово официјализирање како службен јазик еднаков со македонскиот независно од процентуалната застапеност на Албанците.

Во врска со дилемите околу двонационалноста како можен уставен концепт, Плусинфо консултираше неколку аналитичари. Се чини дека е општо уверувањето дека една ваква промена би донела повеќе проблеми отколку решенија. Професорот Мерсел Биљали е категоричен:

– Јас сум за целосно граѓански концепт. Република Северна Македонија е држава на сите нејзини граѓани и – точка!

Биљали сепак потенцира дека е нужно да се има механизми за одржување на меѓуетничката кохезија и рамнотежа во институциите, во смисла на координативни, а по потреба и консоцијални механизми. Тој додава:

– Но, првенствено мора да се подигне мерит системот на сите нивоа, освен во врвните политички структури, кои се резултат на изборите. И ова треба да биде императив. При тоа, оставката мора да се предвиди како задолжителна како резултат од објективната одговорност – немање резултати, скандали, слаба функционалност на институциите и слично.

Ова може да биде „игра“ на ескалација и деескалација, за етничките Македонци да го прифатат „помалото зло“ – Бугарите во Уставот.

Сашо Клекоски Член на раководството на ВМРО-ДПМНЕ

Идејата во Преамбулата на Уставот да се вметне формулата „македонскиот и албанскиот народ“ и потоа останатите етнички заедници, вклучувајќи ги и Бугарите, не е чекор за конструктивно решение, туку дел од сценариото на закани за „мрачната иднина“ доколку нема уставни измени, кое го најавија специјални емисари, а го прифатија како наратив министри во Владата, смета Сашо Клековски, член на Извршниот комитет на ВМРИО-ДПМНЕ.

– Во услови на силно спротивставување (9 од 10 етнички Македонци) на уставните измени за вклучување на Бугарите во Уставот, создавање на перцепција на нова закана за нарушување на постигнатиот баланс меѓу етничките Македонци и етничките Албанци, отвара пат за раст на меѓуетнички тензии. Ова може да биде „игра“ на ескалација и деескалација, за етничките Македонци да го прифатат „помалото зло“ – Бугарите во Уставот. Истовремено со тоа ќе се дефокусира јавноста од неспособноста и криминалот на Владата на ДУИ и СДСМ – вели тој.

Вовед во безбедносна криза?

Зоран Димитровски од Демократскиот сојуз вели дека почитувањето на решенијата од Рамковниот договор за уредување на односите меѓу етничките заедници е услов за натамошна мирна коегзистенција на сите етникуми во Македонија.

– Рамковниот договор е мировен договор, неговите решенија се вградени во Уставот и какво било негово менување мора да биде со консензус на сите етнички заедници, пред сѐ на Македонците и на Албанците, или со нов договор кој може да се случи по евентуална нова безбедносна или сериозна меѓуетничка политичка криза. Како што можете да посведочите, непочитувањето на мировните договори во Босна и Херцеговина и на Косово, без оглед што овие држави за разлика од Македонија сѐ уште се полупротекторати, го доведува во прашање нивното постоење во формата каква што ја дизајнираа Дејтонскиот мировен договор за БиХ, како и Кумановскиот мировен договор и подоцнежните договори од Брисел за Косово – вели тој.

Менувањето на Уставот заради промена на конститутивната положба на која било етничка заедница во Македонија не може да биде на штета на другите помали етнички заедници. Со Рамковниот договор е направен каков-таков компромис, со тоа што Македонците, иако де јуре ја изгубија ексклузивната конститутивност во Македонија, сепак се запишани како „македонски народ“ а сите други етнички заедници во Преамбулата како „делови од народи“. Таа синтагма „делови од народи“ е еуфемизам за меѓународно усвоениот термин малцинства, но не е навредлива и ги изедначува сите етникуми кои се рамноправни во државата по сите основи, ако се има предвид и нормативниот дел од Уставот, анализира Димитровски и заклучува:

ДУИ и СДСМ со планот за уставни промени ја загрозуваат безбедноста на државата.

Зоран Димитровски Член на раководството на Демократски сојуз

– Со издвојување на два народа, македонскиот и албанскиот, би се направило де јуре рангирање на народи и малцинства, што е спротивно на решенијата од Рамковниот договор и тoa битно би го нарушило статусот на помалите етнички заедници. Од друга страна, потенцирањето на два народа како конститутивни во државата, е иницијална каписла за барање територијални решенија за какви било идни политички барања, со чие решение политичките елити на Албанците не би биле задоволни. А Рамковниот договор токму тоа го поставува како услов – дека во иднина не смее да има територијални решенија за политички барања! Се плашам дека последните закани што доаѓаат од власта, дека доколку не влезат Бугарите во Уставот сега и веднаш, може да ни се случи безбедносна криза, токму тоа и го навестуваат. Затоа сметам дека ДУИ и СДСМ со планот за уставни промени ја загрозуваат безбедноста на државата.

Станавме сектаријанска држава

Колку што погрешна беше идејата преку хрватскиот модел на Устав да се минимизира позицијата на Албанците во Уставот, така овој пат, со цел да се изигра една презадоцнета итроштина со вметнувањето на Бугарите, се прави обид да се направат етникуми од прва лига и етникуми од втора лига, вели аналитичарот Ивор Мицковски.

– Една вистински мултиетничка држава не би требало да се сведува на биетничка, односно, грешката што при осамостојувањето не се дефиниравме како национална држава на македонскиот народ, сега да ја исправаме со бетонирање на бинационален карактер. Toa e нешто што на долги патеки може да го загрози унитарниот карактер на државата, да прерасне во федерализација или во идни територијални претензии. Или ќе се вратиме на оригиналниот граѓански дух на Уставот или ќе се дефинираме како македонска нација составена од македонски народ и потоа сите останати заедници, но мислам дека е предоцна веќе за оваа опција и дека таа е политички неизводлива – смета тој.

Ова последното во суштина е хрватскиот модел и мислам дека тој е неприфатлив за Албанците. Но, вистинскиот проблем е што ние етнички се делиме преку нашите во суштина етнички партии, односно, проблемот е партизираноста на државата која го деформира Уставот, го прави подложен на политички дилови, како впрочем и секоја друга сфера од нашиот политичко-општествен живот, смета Мицковски.

– Видовме дека мајоризацијата од доминација на мнозинството врз малцинството, може да се претвори во доминација на малцинството врз мнозинството. И ќе се сoгласиме дека и двете се опасни тенденции, но второво е далеку поопасно. Тоа се проблеми кои нема да се решат со никаква, макар и виртуозна уставна промена, туку со промена на практичното однесување и владеење на партиите, кои од позиција на моќ, ги погазуваат и изборните резултати и уставните норми. Станавме сектаријанска држава, каде секоја етничка партија наместо да се грижи за целовитоста и унитарноста на државата, се занимава строго со своите етнички, политички, територијални и финансиски интереси. Унитарноста се сведе на излитена церемонијалност и фолклористика – вели тој.

 

Поврзани содржини