БИЛАТЕРАЛНИТЕ ПРАШАЊА НЕ ТРЕБА ДА СЕ МЕШААТ ВО ПРИСТАПУВАЊЕТО КОН ЕУ Сепак, земјите-членки понекогаш ги ставаат своите интереси на маса
Еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за МИА во Брисел вели дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани поради долгото чекање, со оглед на тоа што земјата има кандидатски статус од 2005 година.
Не треба да се мешаат билатералните прашања во процесот на пристапување кон Европската Унија, но факт е дека земјите членки понекогаш ги ставаат сопствените интереси на маса и затоа отворените билатерални прашања треба да се решаваат во духот на добрососедските односи, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за МИА во Брисел.
Вели дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани поради долгото чекање, со оглед на тоа што земјата има кандидатски статус од 2005 година. Но, според неа, поддршката за членство во ЕУ во кое сè уште веруваат две третини од граѓаните ѝ дава легитимитет на Владата да го продолжи европскиот пат и истовремено, како што рече, ја обврзува да ги исполни нивните очекувања.
За натамошен напредок во пристапниот процес, Кос посочи дека земјава треба да продолжи со реформите во владеењето на правото и борбата против корупцијата, како и со спроведувањето на обврските поврзани со функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација.
Вели исплатата на средствата од Планот за раст, зависи од исполнувањето на обврските, нагласувајќи дека Македонија е меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформите предвидени со Планот.
Осврнувајќи се на веродостојноста на процесот на проширување, Кос рече дека во последните години има конкретен напредок, особено, како што истакна, по почетокот на војната во Украина во 2022 година кога проширувањето повторно стана приоритет на ЕУ. Како показател за напредокот ги посочи завршната фаза на преговорите со Црна Гора и бројот на поглавја што ЕУ ги затворила во првите десет месеци годинава, кој, како што рече, е поголем отколку во која било претходна година во последните 25 години.
Одговарајќи на прашањето како ЕУ може да обезбеди напредок врз основа на заслугите на земјите кандидатки, без тој да биде засенет од билатерални спорови, Кос вели „иако билатералните прашања не треба да се мешаат во пристапниот процес, тие понекогаш сепак се на маса и мора да се решаваат во духот на добрососедските односи“
Кос оцени дека напредокот на другите земји од Западен Балкан покажува дека сега е момент и Македонија да направи чекор напред. Ја повика Владата, како што вели, да ја исполни преземената обврска за уставните измени, по што пристапниот процес ќе може да продолжи без дополнителна политичка одлука.
Во завршната порака, Кос го поврза проширувањето со зачувувањето на мирот во Европа и рече дека ЕУ ќе ѝ помогне на земјава во решавањето на прашањата со соседите. Потсети дека Европската Унија е мировен проект и оцени дека зачувувањето на мирот е една од најважните задачи за сите европски земји, посочувајќи ги воените конфликти во поранешна Југославија и актуелната војна во Украина.