БИ ВОДЕЛА СКАНДИНАВСКА ПОЛИТИКА КОН СОСЕДИТЕ Силјановска-Давкова потсети дека ветото е спротивно на Лисабонскиот договор
Оние кои се внатре нам ни правеа проблеми и забораваат дека во Лисабонскиот договор има еден член 8 што вели дека ЕУ ќе ги поттикнуваат договорите со соседите врз реципрочна основа и ќе и помагаат на патот кон ЕУ, рече Силјановска-Давкова и нагласи дека „ако склучуваме договори за пријателство и добрососедство нема потреба од закани со вето кое е најмалку пријателство и добрососедство“.
Првата земја која би ја посетила би била од регионот, можеби Словенија и Хрватска, а би водела скандинавска политика кон соседите доколку стане претседател на Македонија. Гордана Силјановска-Давкова, кандидатката за претседател од ВМРО-ДПМНЕ во „Трилинг“ за ТВ24 рече дека земјите од регионот мора да се обединат налик на поддржувачкиот однос на Шведска, Финска и Данска кон Летонија, Естонија и Литванија на патот кон демократизацијата.
Таа очекува први да ни помогнат блиските држави членки во ЕУ, но тие, рече, „не можат да излезат од балканска логика на условување, национализам, балканизација, корупција и криминал“.
– Оние кои се внатре нам ни правеа проблеми и забораваат дека во Лисабонскиот договор има еден член 8 што вели дека ЕУ ќе ги поттикнуваат договорите со соседите врз реципрочна основа и ќе и помагаат на патот кон ЕУ – рече Силјановска-Давкова и нагласи дека „ако склучуваме договори за пријателство и добрососедство нема потреба од закани со вето кое е најмалку пријателство и добрососедство“.
На прашање дали би го поканила на тет-а-тет средба претседателот на Бугарија, Румен Радев, одговори: „се разбира, не можете да избегате од географијата и од геополитиката“.
Според неа може да течат преговорите со Бугарија, но ветото не би смеело да се употреби заради темелните принципи на ЕУ.
– Може со анекс, толкување, со меѓусебен договор дека ветото нема да се употреби како камшик со кој ќе се заканувате на соседите – рече Силјановска-Давкова објаснувајќи дека со односот „вето ни стои над глава“ Бугарија фактички го крши Договорот за добрососедство и пријателство со Македонија.
На прашањето за можна промена на Преговарачка рамка, таа одговори дека сите договори мора да се базираат на темелните принципи на ЕУ и дека „има и посвета книга“ од Преговарачката рамка, а тоа се Лисабонскиот договор и Повелбата за човекови права.