ГИ ГРИЗАТ СКОПЈАНИ И ГО ЈАДАТ ГРАДОТ Со парите што се исплаќаат за отштета бездомните кучиња ќе живеат како цареви

Според мислење од Врховен суд, Град Скопје и ЈП Лајка - Скопје одговараат солидарно за каснување од бездомни кучиња. А само за парнични трошоци исплаќаат 70.000 денари по случај! Градот во 2020 исплатил околу 250.000 евра по 480 тужби, а во 2021 исплатил над 400.000 евра по 589 тужби. Лајка исплатила исто толку.

2,010

Проблемот со бездомните кучиња веќе со години сѐ провлекува, а досега ниту еден градоначалник не најде соодветно решение тие да бидат згрижени како што треба, па затоа од градскиот буџет годишно се одлеваат илјадници евра кои Градот ги плаќаат како отштета за граѓаните кои биле нападнат и каснати токму од овие кучиња.

Од Министерството за внатрешни работи нѐ информираа дека во 2018 година се пријавени 404 случаи од граѓани кои биле каснати од улични кучиња. Бројката значително се зголемила во 2019 со пријавени 618 случаи, потоа растела и во 2020 и 2021 кога биле регистрирани 647 и 657 случаи. А од почетокот на годинава до денес во МВР на територијата на Град Скопје се регистрирани 521 случај на каснување од бездомно куче.






– Ќерка ми си играла позади зграда со другарчиња и кучето се затрчало од другиот крај на паркот и директно на неа. Првиот напад бил во лице, ненадејно било сѐ. Таа го оттурнала кучето. При вториот напад веќе била свесна што се случува, ја кренала раката да се одбрани и тогаш го добила угризот. За среќа, мајката на едно од децата била таму инаку ќе имало и понатаму напади од кучето. Таа ја кренала ќерка ми, по што кучето се повлекло – раскажа скопјанката Маја.

Таа додава поради сериозноста на повредата, која се инфицирала, речиси еден месец со 10-годишната ќерка биле заглавени на клиника.

– Потоа морав првите неколку дена да седам надвор со неа додека не дојдоа од „Лајка“ да го заловат. Истото тоа куче беше ставено на страната на Лајка за вдомување – вели загрижената мајка, која додава дека во тој период била нападната и од здруженијата за заштита на животни дека нејзиното дете го испровоцирало кучето, по што тоа ја нападнало.

– Тоа е дете кое е растено со кучиња, мачиња и зајци, и птици и глувци. Значи, од дома пари зема за да купи виршли да ги нахрани животните. Ние сме големи љубители на животни, но тоа што се случува по улиците и парковите со бездомните кучиња, искрено е многу загрижувачки и мора да се реагира – вели Маја.

Прашавме во ЈП „Лајка“ колку средства има исплатено претпријатието во изминативе две години како отштета на скопјани поради каснување од улични кучиња, како и дали новата в.д. директорка Радмила Пешева, има во план некако овие средства да се намалат, а притоа тие да се искористат за проширување на капацитетите и што повеќе кучиња да се тргнат од улиците. При тоа ем би се заштитиле граѓаните од каснувања и од трауми, ем животните би биле згрижени и поштедени од нехуманиот однос на поединци. До објавувањето на текстот не добивме никаков одговор од Лајка.

Во април годинава Советот на Град Скопје едногласно усвои одлука со која пријавите за каснување од куче ќе се решаваат спогодбено, наместо да се влечат по судови. Проценките се дека за 50% ќе се намалат трошоците на Градот за судски такси и адвокатски награди, односно целосно ќе се елиминираат трошоците на Лајка која во моментов е масакрирана од извршители – што од отштетите, што од незаконското работење на бившото раководство.

Според мислење од Врховен суд, Град Скопје и ЈП Лајка одговараат солидарно за каснување од бездомни кучиња. А само за парнични трошоци исплаќаат 70.000 денари по случај! Градот во 2020 исплатил околу 250.000 евра по 480 тужби, а во 2021 исплатил над 400.000 евра по 589 тужби. Лајка исплатила исто толку.

– Тоа значи во 2021 Градот и Лајка заедно исплатиле скоро еден милион евра за отштети од каснувања наводно од бездомно куче. Велам наводно зашто од никого не се бара да излезе на терен и да го посочи кучето за да се утврди дека е вистински бездомно, а нѐ оставено да лута надвор само од неодговорни сопственици. Дека добар дел од овие случаи се добро разработена шема е јавна тајна, меѓутоа иако Градот се обратил до Обвинителството со сите докази и барал да отпочне постапка, Обвинителството единствено сметало „трансакции на сметка“ како доказ, а такви немало – објави советничката во Советот на град Скопје Драгана Велковска од Зелен хуман град веднаш по донесувањето на одлуката.

Трошоците за судските постапки, жалбените постапки, одговорите на жалбите, адвокатските услуги во 2020 година го чинеа Град Скопје повеќе од 15 милиони денари, во 2021 година повеќе од 26 милиони денари. Тие се надеваат дека вонсудското спогодување е во полза на намалувањето на енормните трошоци кои произлегуваат од судските постапки и сите придружни процедури. Со новата одлука ќе биде оформена комисија, која ќе одлучува за начинот и исплатата на штетите од каснување предизвикано од бездомни кучиња. Комисијата ќе одлучува врз основа на правилник за склучување на спогодба со оштетени граѓани.

Останува прашањето дали раководството на Градот, заедно со ЈП „Лајка“ конечно ќе најде решение бездомните кучиња да бидат тргнати од улиците, а притоа тие соодветно и хумано да бидат згрижени од институциите, а скопјани да можат слободно и без страв да шетаат по парковите, улиците, населените места, па и Скопје конечно да заличи на бројните европски и светски метрополи каде што речиси е невозможно да се забележат бездомни кучиња.

Поврзани содржини