Без уставни измени нема онлајн Собрание

Ако власта иницира измени на Уставот со кој ќе се допрецизира дека во случај на епидемија, пандемија, вонредна или воена состојба, тогаш Собранието може да работи од далечина. Во спротивно нема за што да се разговара, бидејќи актуелниот предлог на претседателот на парламентот Талат Џафери е противуставен – вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

489

Само доколку владејачките СДСМ и ДУИ покренат иницијатива за измени на Уставот, опозицијата ќе седне на маса за разговори за онлајн работа на Собранието, велат за Плусинфо од ВМРО-ДПМНЕ. Во спротивно, опозициската партија нема намера да отстапи од поднесените амандмани на предлогот за измени на Деловникот. Доколку владејачките парламентарни партии не се согласат за уставни измени, ова ќе значи блокада на измените на Деловникот предложени од претседателот на Собранието Талат Џафери, со оглед на тоа дека опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива веќе доставија повеќе од 3.000 амандмани.

Власта, пак, не отстапува од идејата за онлајн работа на Собранието за пратениците кои се во изолација или се заразени со ковид-19 и како што велат, и натаму ќе бараат начин преку разговори да ги убедат колегите од опозицијата дека во време на пандемија тоа е неизбежно.






– Сите амандмани од ВМРО-ДПМНЕ се во насока дека е противуставно Собранието пленарните седници да ги оддржува онлајн. Ако власта иницира измени на Уставот со кој ќе се допрецизира дека во случај на епидемија, пандемија, вонредна или воена состојба, тогаш Собранието може да работи од далечина. Во спротивно нема за што да се разговара, бидејќи актуелниот предлог на претседателот на парламентот Талат Џафери е противуставен – вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот и дека Деловникот не смее да се менува без опозициските партии, односно без консензус.

Од СДСМ пак, се надеваат дека преку разговори ќе ја убедат опозицијата дека во време на пандемија онлајн работата на Собранието е нужна за да може тоа да биде функционално во интерес на граѓаните.

– Чекаме да ги видиме амандманите кои ги предложи опозицијата. Доколку предлагаат да се допрецизира или поинаку да се формулира онлајн работата на пратениците кои се заразени или се во изолација, ние тие амандмани ќе ги прифатиме. Ќе разговараме – вели координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески.

И пратеникот од ДУИ, Арбен Зибери, се надева дека опозицијата ќе смогне сили и ќе увиди дека треба да им се овозможи на позитивните и на заболените пратеници да работат од далечина, иако смета дека намерата на опозицијата е целосна блокада на работата на Собранието.

– Сигурно дека ќе разговараме. Предложените над 3.000 амандмани се опструкција на работата на Собранието, оти никој нема бенефит ако се блокира усвојувањето на измените на Деловникот. Се наоѓаме во реална криза, повеќето парламенти во Европа и во Светот веќе функционираат онлајн, а од далечина работи и Европарламентот. Не се бара сите пратеници да работат од дума, туку само тие кои се заболени од ковид-19 и тие кои се во изолација. Но, сметам дека целта е да се опструира работата на Собранието. Потврда за ова е и дека за утрешната седницата на Комисијата за здравство, а на која треба да се расправа за измените на Законот за пензионирање, опозицијата предложила над 1.000 амандмани. Ова говори дека опозицијата на секој начин сака да ја блокира работата на Собранието, односно тоа да не биде функционално – вели Зибери.

Поврзани содржини