БЕЗ УКРАИНА И ЕУ, НЕМА ДОГОВОР МЕЃУ САД И РУСИЈА Калас со остро предупредување пред средбата Трамп-Путин
Шефицата на европската дипломатија предупреди дека договорот не смее да остави простор за нова руска агресија.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денеска изјави дека секој договор меѓу Вашингтон и Москва во контекст на војната во Украина мора да ги вклучи Киев и Европската унија.
Таа најави дека в понеделник ќе свика состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ „за да се разговара за следните настани“.
– САД имаат моќ да ја принудат Русија сериозно да преговара. Секој договор меѓу САД и Русија мора да ги вклучи Украина и ЕУ, бидејќи станува збор за прашање на безбедност за Украина и цела Европа – изјави Калас.
Американскиот претседател Доналд Трамп планира да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Алјаска в петок.
Калас потенцираше дека, додека се работи на одржлив и праведен мир, меѓународното право е јасно – сите привремено окупирани територии ѝ припаѓаат на Украина.
– Договорот не смее да обезбеди појдовна точка за понатамошна руска агресија против Украина, трансатлантската алијанса и Европа – додаде таа.
На состанокот на министрите ќе се разгледува и ситуацијата во Газа.