Без мигранти ЕУ ќе го обере бостанот
А што се однесува до непосредното соседство на ЕУ, се разбира, нема никакво сомнение дека балканските земји, меѓу кои секако во значаен обем и Македонија, го даваат својот „нето“ придонес во демографските трендови во рамки на Унијата. Придонес пресметан како дел од континуираното минусно салдо на сопствената депопулација.
„Подобро да ги нема, без оглед колку и да чини тоа“. Вака или на сличен начин би можеле да се опишат заложбите меѓу многумина во редовите на екстремните десничарски и националистички партии во Европа, кои засилено притискаат заговарајќи разни мерки и промени на законски решенија, со кои драстично ќе се ограничува приливот на азиланти и ќе се заоструваат условите за доселување на работни мигранти.
Поради ниска излезност во Италија не успеа референдумот за преполовување на времето што имигрантите мора да го поминат во Италија пред да можат да аплицираат за државјанство. Само 30 проценти од италијанските избирачи излегле да гласаат. Премиерката Џорџиа Мелони и нејзините коалициски партнери во неколку наврати ги повикаа гласачите да го бојкотираат гласањето.
Германската влада неодамна одобри три многу важни закони, со кои ќе се променат правилата за добивање германско државјанство, ќе се ограничи бројот на мигранти кои ќе можат да дојдат во Германија и ќе се забрани семејно обединување за одредени категории во период од две години. Добивање двојно државјанство не е засегнато, но брзото стекнување на германско државјанство е укинато и бројот на мигранти кои можат да дојдат во рок од една година е ограничен.
Овие промени веќе имаат значајни импликации за германската економија, особено во секторите кои се во голема мера зависни од странски таленти. Силната економија на земјата долго време се потпира на квалификувани работници однадвор, а секое забавување на имиграцијата би можело потенцијално да го влоши недостигот на работна сила во клучните индустрии.
Дебатата за миграциската политика на Германија ги истакнува пошироките предизвици со кои се соочуваат европските земји додека се справуваат со сложеноста на имиграцијата во глобализираниот свет. Земји како Германија и Шведска треба да привлечат квалификувани работници за да ја одржат својата конкурентска предност во глобалната економија. Но во исто време треба да се справат со социјалните и економските предизвици што доаѓаат со имиграцијата во голем обем, како што се проблемите со буџетско финансирање на јавни услуги, недостигот на станови и загриженоста за културната интеграција. Напоредно со тоа и поттикнување на асимилацијата, која се повеќе отворено се посакува. Доколку тоа би било толку лесно изводливо.
Но прашањата поврзани со оваа проблематика се далеку покомплексни, отколку што може да се добие впечаток од дневно-политичките изјави и агенди, соголени од подлабока анализа.
Германската економија ќе има потреба од околу 288.000 имигранти секоја година до 2040 година за да „се спротивстави на негативните ефекти од стареењето на населението“, според една нова студија на германскиот Институт за истражување на пазарот на трудот и стручното образование. Без имиграција, според анализата, бројот на работници во Германија би се намалил за 10 проценти ‒ од сегашните 46,4 милиони на 41,9 милиони во 2040 година.
Шведската влада пред извесно време нарача пресметка на трошоците во земјата поврзани со имиграцијата од Националниот институт за економски истражувања, очекувајќи дека на таков начин уште повеќе ќе ја насочи водата кон своја воденица, со цел да ја легитимира политиката на затворени граници и депортација за која се залага.
Но, бројките, наместо да бидат охрабрувачки поттик, се покажаа, всушност, како ладен туш. Извештајот од споменатиот институт го потврдува фактот дека населението во Шведска, родено во земјата, брзо старее. Во исто време, стапката на вработеност кај лицата родени во странство нагло се зголемила. Ова значи дека лицата родени во земјата сега негативно придонесуваат кон јавните финансии, додека лицата родени во странство даваат позитивен придонес. Пресвртот во последните години е маркантен.
Круцијалниот заклучок е дека имиграцијата беше и е придобивка за Шведска и Швеѓаните, бидејќи го подобрува процентот на работоспособното население, придонесува за понудата на вештини и компетенции во јавниот сектор и го зголемува растот на продуктивноста, а со тоа и просечниот приход за сите во земјата. Зајкучокот, пак, на повеќемина експерти беше дека пропаднал планот на конзервативната влада, која добива поддршка и е под силно влијание на екстремната десница во парламентот, да ја оцрни имиграцијата дека ги искористува социјалните бенефити и дека малку придонесува кон полнењето на буџетската каса. Станува појасно дека „математиката“ на трошоците што ја пропагираат екстремните десничари во парламентарните клупи, во Шведска и во повеќе други ЕУ-членки, не држи вода.
Во ЕУ се очекува населението во работоспособна возраст да се намали за 7 милиони луѓе до 2030 година, според извештајот на Европската комисија од минатата година, во кој се предупредува на негативните ефекти кои произлегуваат од демографската состојба. Европската комисија притоа укажува дека нема да биде доволно мигрирање на работоспособно население само од Европа, туку и дека постојано расте потребата од зголемена имиграција на работна сила од земји надвор од Европа.
На Германија, како и на повеќе други западноевропски земји, очајно ѝ се потребни повеќе работни луѓе. За секое лице кое се приклучува на пазарот на трудот, други две лица се пензионираат. Во таква калкулација тешко се внесува рамнотежа.
Во последните неколку години бројката на умрените во ЕУ беше поголема од родените, но позитивната нето-миграција, односно бројот на мигранти минус емигранти, резултирала со пораст на населението во целина.
А што се однесува до непосредното соседство на ЕУ, се разбира, нема никакво сомнение дека балканските земји, меѓу кои секако во значаен обем и Македонија, го даваат својот „нето“ придонес во демографските трендови во рамки на Унијата. Придонес пресметан како дел од континуираното минусно салдо на сопствената депопулација.
Без оглед на феноменот на циркуларната имиграција, која подразбира враќање на извесен број „привремено“ иселени високообразовани специјализирани кадри во матичните земји, по повеќегодишна работа во странство, балканските земји се повеќе се празнат од занаетчии од разни профили, возачи на камиони и автобуси, медицински сестри и лекари.
Затоа, ако не ЕУ, некој друг, доколку не се потруди да го намали иселувањето на работоспособното население од помладите генерации ‒ ќе го обере бостанот.