„Best Way Investment“ донира најнови корона тестови за македонското здравство од светски познатиот „Abott“

3,797

Во време кога нашата земја и светот се наоѓаат пред најголемиот здравствен предизвик во поновата историја, пандемијата на коронавирусот и болеста ковид-19, „Best Way Investment“, како општествено-одговорна компанија, обезбеди 5.300 тестови за утврдување на ковид-19, во вкупна парична вредност од 3.095.730 денари (50.000 евра), за потребите на Министерството за здравство.

Tестовите се производство на американската компанија „Abbott Molecular inc“, која е еден од пионерите на тоа поле во светот и се сметаат за чекор напред на светската наука во борбата со коронавирусот. Со овие тестови се очекува  пресврт во битката со коронавирусот и преку нив може да се идентификуваат лицата кои стекнале имунитет на ковид-19 и кои можат што поскоро да им се вратат на работните обврски, со цел да спречат продлабочување на економската криза, соопшти „Best Way Investment“.






Најновите тестови на „Abbott Molecular inc“, сега за прв пат присутни и во нашата земја, исто така го идентификуваат присуството на корона вирусот со 100-процентна сензитивност кај луѓето кои се заразени, како и кај оние кои биле заразени, а кои имале благи, или пак воопшто немале симптоми.  До сега САД, Велика Британија, Израел и други земји порачаа повеќе од 30 милиони парчиња од овој тест.

„Во согласност со водечкото начело на брендот – Создаваме трајни вредности – преку овој потег Best Way Investment упатува порака дека не постои повисока вредност од здравјето и животот на граѓаните. Обезбедувајќи ги средствата за тестови со кои навремено ќе бидат детектирани потенцијални нови случаи на заразени со ковид-19, го вградуваме и нашиот придонес во обезбедувањето и зачувувањето на јавното здравје, како на граѓаните, така и на здравствените работници кои се најизложени на вирусот. Преку низа мерки и активности што ги презедовме како компанија, првенствено за здравствената заштита на нашите вработени, од самиот почеток на кризата, опсегот на совесното корпоративно работење сега го прошируваме на општествен терен. Длабоко сме убедени дека само со заеднички напори, колективна одговорност и бескомпромисна поддршка за здравствените институции, можеме да се избориме со овој сериозен здравствен предизвик што ни го донесе ковид-19“, се вели во соопштението на компанијата.

Универзитетот во Вашингтон: Ова е најдобриот тест што можеме да го понудиме

„Abbot Laboratories“ е бренд за кој прв пат во Македонија пишуваше Плусинфо. Повикувајќи се на „Вашингтон пост и на „Форбс“,  објавивме дека во Белата куќа се користат брзи молекуларни тестови токму на овој производител и дека ниту еден посетител не може да се сретне со претседателот на САД, Доналд Трамп, без да се тестира на ваков начин, при што резултатите се добиваат за 15 минути.

Но, во меѓувреме, како што пишува „Форбс“, американскиот производител разви и брз серолошки тест, со кој се откриваат антитела во крвта кои покажуваат дали некој бил заразен со ковид-19. Во почетокот на коронакризата, кога брзите серолошки тестови во дел од светот беа дочекани со резерви и отпор, иако најуспешните во менаџирањето со пандемијата ги комбинираа со молекуларните тестови за поддршка на силниот „удар со чеканот“ (примерот на Јужна Кореја, за кој исто така пишувавме повеќе пати), акцентот се ставаше на молекуларните тестови. „Аbbott“ проозведе 566.000 брзи молекуларни тестови, но реши да одговори и на предизвикот да произведе и квалитетен брз серолошки тест, за кој гарантира речиси 100-процентна сигурност. Тоа е тестот што во Македонија го донира компанијата „Best Way Investment“.

Микробиолошката лабораторија на Универизтетот во Вашингтон веќе го испроба новиот тест на „Abbot“, пишуваат медиумите во САД. Капацитетот на оваа лабораторија е 4.000 серолошки тестови дневно.

– Teстот покажува сензитивност од 100 % и специфичност од 96,6 %. Од дијагностички аспект, тоа е најдобриот тест што можеме да го понудиме – велат од Универзитетот во Вашингтон и додаваат дека овој тест е уште еден пресврт во борбата против коронавирусот.

Финален пресврт во стратегијата на тестирање

Покрај квалитетот на тестот на „Abbot“, за кој се тврди дека веќе е одобрен од Американската агенција за примена на храна и лекови (FDA), пресвртот се однесува и на стратешкиот пристап кон тестирањето. Како што наближува моментот кога сојузните држави во САД ќе се „отворат“, серолошките тестови стануваа сѐ поважни. Во болницата на Ејмори Универзитетот во Аталанта, на пример, која разви сопствен серолошки тест, меѓу првите кои доживеа шок беше еден од директорите на болницата, кој дозна дека веќе бил заболен од ковид-19, иако никогаш немал симптоми. Универзитетот сега го тестира целиот персонал на болницата. Во САД се смета дека серолошките тестови ќе бидат услов за враќање на луѓето на работните места, но ќе покажат и вистинска слика за реалната распространетост на вирусот, со оглед на тоа што многу луѓе заразата ја поминуваат асимптоматски или со симптоми на сезонскиот грип. Во Италија, на пример, се проценува дека серолошките тестови ќе покажат дека во таа земја повеќе од 6 милиони луѓе биле заразени од коронавирусот.

Брзите тестови во почетокот и во Македонија беа дочекани непријателски, наспроти укажувањата во мал дел од јавноста дека и тие се дел од стратегиите во земјите светски шампиони во битката против заразата. Се оспоруваше и нивната „точност“, но и нивната вредност од епидемиолошки аспект. До пресврт дојде кога министерот за здравство Венко Филипче обзнани дека земјата веќе добила донација од 20.000 тестови од компанијата „АТС Груп“ и потоа го најави првиот масовен скрининг во Дебар. Плусинфо откри дека станува збор за брзи серолошки тестови произведени во Кина. Претходно, како што е познато, првите тестирања со брзи серолошки тестови од холандски производител почна да спроведува клиничката болница „Аџибадем Систина“.

Се чини дека до финалниот пресврт во стратегијата на тестирање во Македонија сепак ќе дојде со тестовите на „Abbott“, компанија која ќе ја донира опремата за тестирање. Експертите во светот се надеваат дека серолошките тестови би можеле да означат и пресврт во проценките колкав дел од населението веќе ја „прележал“ болеста, што се вели, „од нога“. Да се надеваме дека најавените масовни скрининзи ќе влеат доза на оптимизам и кај нас, во Македонија, а кога кризата ќе заврши, епидемиолозите ќе имаат доволно време да пронајдат одговор на прашањето дали брзите серолошки тестови можеа да бидат вредна алатка во справувањето со коронавирусот уште на почетокот на кризата.

 

Поврзани содржини