БЕСПЛАТНО ЧЕТИРИ ПАТИ МЕСЕЧНО ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ПОДИГНАТ ПАРИ ОД БАНКОМАТ НА ДРУГИ БАНКИ Славески најавува и национална мрежа од банкомати
Според предлогот, секое подигање на пари од банкомат ќе може да изнесува до 2.000 денари.
Народната банка предлага граѓаните да добијат право на четири бесплатни подигнувања месечно од банкомати на други банки, во износ до 2.000 денари по трансакција. Според гувернерот Трајко Славески, целта е да се обезбеди достапност до готовина за сите граѓани, без разлика на тоа во која банка имаат сметка. Мерката би требало да стапи во сила на почетокот на 2026 година.
„Готовината и понатаму ќе ја користи мнозинството граѓани, иако во помал обем. Препорачливо е дома да се има готовина за основните потреби за период од барем неколку дена до недела“, наведе гувернерот на социјалната мрежа X.
🏧 Народната банка предлага 4 бесплатни подигнувања месечно од банкомати на други банки (до 2.000 денари). Целта: достапност до готовина за сите, независно од која банка е банкоматот. Рок: почетокот на 2026 година.
Готовината и понатаму ќе се користи од мнозинството граѓани, се…
— Trajko Slaveski (@TSlaveski) August 10, 2025
Тој додава дека приврзаниците на кешот ја истакнуваат анонимноста и слободата, што, според него, е став кој треба да се почитува.
„На современите луѓе треба да им се остави самите да одлучат во која мера, според сопствените потреби и преференции, ќе користат комбинација од платежни картички, апликации за плаќање и готовина за извршување на плаќањата“, наведува грувернерот во пораката.
Славески забележува дека постои нерамномерна покриеност со банкомати низ земјата, поради што ќе се иницира создавање на национална мрежа на банкомати. Таа мрежа ќе се потпира на постојната инфраструктура на банките, со план за надградба и оптимизација во интерес на граѓаните и самите банки.
Според плановите, националната мрежа на банкомати треба да заживее до крајот на 2026 година.