📷 БЕСКОМПРОМИСНА АКЦИЈА НА „ПЛАСТИЧАРСКА“ Градот казни 20 прекршители и утврди неправилности во Зимзоленд

Инспекторските служби на Град Скопје изрекоа над 20 казни на „Пластичарска“ и утврдија неправилности во Зимзоленд, а градоначалникот Ѓорѓиевски најави продолжување на акциите за воспоставување ред.

0

Градот Скопје денес спроведе широка акција за воспоставување ред на улицата „Пластичарска“, во координација со Инспекторатот, Државниот пазарен инспекторат и Министерството за внатрешни работи. Во акцијата биле изречени повеќе од 20 казни за неправилно користење на јавниот простор и за узурпација на површини што им припаѓаат на граѓаните.

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски изјави дека градот ќе продолжи со бескомпромисни мерки за воведување ред.






– Како што најавив, така и постапуваме. Нема отстапки, нема компромиси со хаосот – рече Ѓорѓиевски, нагласувајќи дека целта на акцијата е „да се врати редот и достоинството на јавниот простор на целата територија на градот“.

Вработените од ЈП „Градски паркинг“ отстранувале неправилно паркирани возила долж „Пластичарска“, додека инспекторските служби постапиле и по повеќе пријави од граѓани за состојбите во Зимзоленд. Инспекторатот утврдил дека градот нема издадено дозвола за вршење дејност на оваа локација, а биле констатирани и бројни неправилности, особено во делот на дејност надвор од објект.

За реквизитите и забавните содржини што не се дел од програмата на Општина Аеродром, наложено е градежниот инспектор од општината да постапи согласно законските регулативи.

– Градот Скопје и јас како градоначалник ќе продолжиме бескомпромисно да се бориме против секоја неправилност, секој обид за узурпација и секој хаос кој го загрозува јавниот простор. Овој град заслужува ред, а скопјани заслужуваат достоинствено, безбедно и уредено место за живеење – додаде Ѓорѓиевски.

Поврзани содржини