Бело измачување

Па дајте бре луѓе, некој сериозно нека запали некакво светло во тој нивен тунел! Па зарем некој сериозно таму може да види некаква „голема активност која е за пофалба и тоа е опозиција каква што треба да биде!“? И уште бараат поддршка од „демократската јавност“, дури и пофалби. За што? За белиот терор?

99

Уште некаде од 2018 година, па до денес – 2017-та сепак им беше малку поразумна! – што ќе рече во еднo такво убиствено темпо на шарлатански егзибиционизам, нè измалтретираа, исполажаа, испокрадоа…, упропастија сè што допреа и каде што (божем) се ангажираа. Испревртеа наопаку сè што можеа – па и она што никој не можеше! – и преораа секоја нормалност, за да засадат некаков квазилиберален плевел што гуши сè околу себе. А сепак, иако слепи гледале „светло во тунелот“, биле „на главната маса“ иако со голи задници, мислат дека имале „држава со отворени перспективи во сите правци“ а всушност прокоцкаа сè што генерации и генерации пред нив тешко стекнуваа.

Не ги интрересира што целиот тој период, сè до крајот на годинава што изминува, го изложија македонскиот граѓанин на нивното садистичко „бело измачување“, беспризорно провинциско малтретирање на секој кој не мисли како нив.






Инаку, „белото измачување“ – експертите го нарекуваат уште и сензорна депривација – е метод на тортура при што сите сетила (очи, уши, нос и уста) се целосно „исклучени“ (покриени). Веројатно чувството е како да сте мртви – ама не сте. Сетилата не ви функционираат – не гледате, не слушате, не мирисате, не можете да говорите – но, сепак чувствувате, размислувате, можеби се надевате дека сте живи…?! Слика и прилика на македонскиот граѓанин после седумгодишното дивеење на елитите на сдссм и дуи (малите букви се…)!

Токму до таква состојба нè доведоа, но продолжија и по „метлата“ во 2024 година, до денес. Вакво јавно тормозење на граѓаните, вакво дрско и безобразно континуирано кокодакање е без преседан во македонската политика. Нема ден без нивниот логореичен егзибиционизам, без нивното лицемерие и лаги.

Очигледно е веќе дека на некои шутраци овде им е дозволено да гледаат на слободата на мислата и говорот, а често и на своето вкупно однесување, како на нивно загарантирано лично право, претворајќи го така јавниот простор во приватна прчија. Па следствено со нивните глупости и простотилаци – дури и идиотизми – создаваат јавни тензии, плукаат по сè и секого, самобендисано беснеат само заради фактот што ги „покрива“ некаква партиска налепница или клиентелистички „медиум“, иако тие „покривки“ одамна се претвориле во нешто нечесно и неморално, нешто многу грдо… И многумина тоа „право“ дебело го користат од 2017 година наваму, несвесни дека нивните јавни шарлатански егзибиции се одамна ужасно напорни, дури садистички, како и „белата тортура“.

И, за да нема двоумење во манирите на настапот, целосно се дополнуваат, до срж, со криминалецон од Будимпешта, кој сега дели лекции што и како требало во Македонија да се прави, почнувајќи од „метро, трамвај, Гасни централи, централи на отпад (ѓубре), парно греење насекаде, обновливи извори, вештачка интелегенција, роботика, автоматика…“! А за да нема дилеми, она „Гасни централи“ – со големо „Г“, којзнае зошто – и она „интелегенција“, се негово веќе историско „познавање“ на македонскиот јазик. Па и тука има сличности со сегашниве, со некои од сектана кои никако да научат дека „незнае“ се пишува одвоено, кои пишуваат „ДЕФИБЛИЛАТОР“, „авторитаризам“, „суверенизам“, „ХЕРМЕНТИЗАМ“…, или сите оние позајмувања од „српскиот свет“ од којшто сега така неубедливо се обидуваат да се дистанцираат! Тоа е истата арогантна неукост и сељачизам, истата мисловна матрица од којашто и еднион од Будимпешта и другиве од „Бихаќка“ неуспешно се обидуваат да се одлепат.

Одеднаш, речиси прекуноќ, овие ликови се спојуваат во една слика, генерално лоша, на мигови, мизерна, зачудувачки проста…, во едно купче карикатурни ликови кои се обидуваат да ни одглумат некаква елита, а не се ни за милиметар погоре од оној пазарџијана од Горњи или Доњи Милановац кој сега отвора тезга во Дубаи! А слепциве му завидуваат до сто-и-едно, и назад.

Се разбира, кога сликата би останала само на тие периферни на умот шеми, на таквите провинциски опаничарско-политикантски гимнастики, верувам дека и ние, па и историјата, би им простиле односно би ги сместиле во некое ќоше каде што ќе можат непречено да се дружат. Но, тие не остануваат на таквите маргиналии, тие и понатаму се обидуваат да импресионираат некого со нивните идиотизми. Кого? Па белки оние од нивната сорта, оние кои и понатаму им се поклонуваат како на ќорави меѓу слепите.

Зашто, видете што вели еден „големец“ кој беше на самиот врв – (екс) претседател на земјава! – за државата кадешто претседателствуваше цели пет години: „Македонија е одамна прокси држава. Не е само транзиторна држава или држава реципиент на пропагандни вести, на лажна пропаганда, на хибридни закани, и тоа се одвива минимум во последните 7-8 години.“ Па кој, по ѓаволите, беше власт во тие „последни 7-8 години“? Од кои токму тој, директно и неотповикано, цели 5 години? Сегашната претседателка, сегашниот премиер, сегашната владеачка коалиција…, кој? Но, згора на тоа, тој е уште поконкретен, па тврди дека „Во Македонија постојат сериозни политички структури (…) кои мислат дека клучните вредности кои ги пропагира идеологијата наречена руски свет се подобри за нас, отколку клучните вредности на евроатлантската алијанса и НАТО (…)“ (sic!). Ете, одеднаш, покрај „српскиот свет“ исползи и – „руски свет“. И повторно истото прашање: па кои бре, шутрак еден, „политички структури“ беа на власт во тоа време? И што правеа на тој план или само си ги грееа задниците во фотелјите и дремеа во резиденциите?

Или, всушност, сето тоа се безбедносни измислици на еден грст политикантски шушумиги, односно „структури“, со тогашниот „руски свет“ да го оцрнат референдумот што им влепи таков звучен шамар, како што сега им треба некаков „српски свет“ да им ги покрие актуелните катастрофи? И пред претстојниот конгрес на сектата да го поткрене моралот кај оние остатоци од членството и да ги спречи да ги избркаат на клоци? Има ли крај на ваквите нивни измислици и манипулации?

Тоа што тие немаат излез освен да го измачуваат остатокот на сектата со такви лажливи тортури мора ли да го трпи и нормалниот македонски граѓанин? Или тие навистина веруваат дека се способни да имплементираат некаков „американски антикорупциски нормативи“? Па што не го спроведуваа кога беа на власт, туку ја оковаа цела држава со корупција и криминал? И за каква „безбедност и функционалност на институциите“ имаат смелост да говорат после сè што направија со/во нив? Дури повторно се дрзнуваат да говорат „против партизацијата на судството“ и за некакво „агресивно меѓународно алармирање“ сега, но не и во времето кога токму тоа беше нивна надлежност!

А најсмешна епизода во овој нивен најнов изблик на политикантски кореографирана чесност, загриженост за државата и борбата против криминалот се критиките на нивното второ „лице на Јанус“, она на нивниот партнер во сите црни дејанија во изминатиот период и повикот против неговите „опасни и ретроградни провокации“ и обиди за дестабилизација! И сето тоа запечатено со трагикомичната парола дека токму сектата – онаа иста од 2017 година, со претседател тогашен катастрофален министер и потпретстедателка тогашна катастрофална министерка во најкриминалната власт во поновата македонска историја – „се профилира како ЕДИНСТВЕНИОТ, во моментов!, автентичен заштитник на државниот интегритет“.

Па дајте бре луѓе, некој сериозно нека запали некакво светло во тој нивен тунел! Па зарем некој сериозно таму може да види некаква „голема активност која е за пофалба и тоа е опозиција каква што треба да биде!“? И уште бараат поддршка од „демократската јавност“, дури и пофалби. За што? За белиот терор?

За жал, сето ова не се знаци на некаков политички ривајвл или научена лекција туку сигнали дека тој бел терор, онаа иста долгогодишна тортура на македонскиот граѓанин продолжува во недоглед. Продолжува, односно се повторува, сиот оној кошмар од пароли, етикети, флоскули и лаги, ни се удира од глава и денес несопирливата сенка на тоа измачување.

Оттука, ако сериозно треба нешто да си посакаме во Новата 2026 година, тоа би било токму спротивното од она што тие ни го нудат.

 

Поврзани содржини