Советничка во општина Центар, Јана Белчева, во гостување во Топ Тема, смета дека јавната расправа за деталниот урбанистички план „Мал Ринг” е отворена во погрешен миг, кога во државата нема функционални институции по парламентарните избори и во екотот на пандемијата корона вирус, што го потврдува и фактот дека досега во расправата се вклучиле претставници на само две институции.
Таа додаде дека голем проблем во ДУП-от не е само фактот дека во него се содржани повеќе објекти планирани со озлогласениот проект на претходната власт „Скопје 2014”, туку тој и не нуди визија за срцето на една европска метропола.
– Се она што го гледаме на терен од „Скопје 2014, стои и во планот. Градоначалникот објаснува дека ги поништил одобренијата, но во планот објектите ги има и никаде не е опишано дека за нив се води постапка, дека има правно дејствие и било што друго. Заради тоа спорев и мислам дека овој план заслужува друга мобилизација, а не формално донесување во чекорите како што се предвидени за донесување на ДУП-от – рече Белчева.