„БЕХТЕЛ И ЕНКА“ РАБОТИ НА 6 МОСТОВИ НА АВТОПАТСКИТЕ ДЕЛНИЦИ НА КОРИДОРИТЕ 8 И 10Д Државата во август на конзорциумот му исплатила 19,5 милиони евра
Активно се работи на поставување столбови, темели, греди на мостови, надвозници и подвозници за делниците Тетово-Гостивар, Гостивар - Букојчани и Прилеп - Битола.
Преку Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) државава во август годинава исплатила 19,5 милиони евра на конзорциумот „Бехтел“ и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар, 18 километри), (Гостивар-Букојчани, 30 километри) и (Прилеп-Битола, 40 километри).
Според Извештајот од надзорот за прогрес на работите, во август изведувачот продолжил да извршува работи главно за геотехнички истражни работи, дизајн и спецификации на автопати, дизајн на експропријација, привремени работи за управување со сообраќајот, уривање и отстранување на постоечки објекти и други елементи на патот и градежни активности главно за земјени работи, дренажа и конструкции.
Активно се работи на поставување столбови, темели, греди на мостови, надвозници и подвозници за делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани и Прилеп – Битола. Се работи на 6 мостови, 4 надвозници и 3 подвозници.
Во активностите, изведувачот заклучно со јули ангажирал 2.090 лица и 1.202 градежни машини.
Како што објави директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Коце Трајановски по увидот во изградбата на автопатот Тетово-Гостивар, на почетокот на месецов, на делниците 1 и 2 (Гостивар-Тетово и Гостивар-Букојчани) работат околу 1200 лица и вклучени се повеќе од 750 различни машини и механизација. Во наведните бројки вклучени се и подизведувачите.
– Во моментов 60% од снабдувачите и 90% од подизведувачите се домашни компании – изјави Трајановски.
Активности на терен согласно со Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра се спроведуваат од 22 април 2023 година.
Се уште нема работи за третата делница Требеништа – Ќафасан (22 километри), каде што треба да се ревидира трасата за да се зачува заштитениот статус на Охридско Езеро и регионот.
Од почетокот на годинава, кон „Бехтел и Енка“ имаше две исплати во април, од 599.794.350 денари и од 524.972.228 денари, како и по една во мај од 681.026.665 денари во јуни од 830.336.364 денари и во јули 1.022.217.192 денари. Заклучно со минатата година, пак, беа исплатени 261 милион евра