Бегство од националната свест
Во Франција, со сложен етнички состав, сите станаа и се Французи. И комшилакот ни опстојува во национални држави на народ со конкретно име, кое име го носи и државата. Зошто ние да бидеме поинаку? Ни се одзеде името Македонци, за да ни се одземе и државата Македонија?
Како студент, професорот по уставно право Евгени Димитров ме обори на испит откако на поставеното прaшање „зошто Тито е избран за доживотен претседател“ остана незадоволен од мојот одговор. Години покасно, случајно, од паркиралиштето зад Стопанска комора го качив во автомобилот за да го однесам до дома му. Тогаш, со „професорски глас“ го прашав: „зошто другарот Тито е избран за доживотен претседател, а, аа… професоре?“. Тој, смеејќи се на цел глас, одлучно ми рече – „не ти кажувам!“.
Со погорното, нагласувам дека не сум и не се правам стручњак по уставно право, амааа, читајќи пишуваници и слушајќи разни говоранции на „по стручни“ од мене, раководени, се разбира, од лични дневно – политички интереси и домашно – странски наложби и уцени, кога е во прашање нашиот Устав, односно промената, или додавање и одземање од истиот, посебно на сега намерачените како цицка да ја ботоксираат преамбулата за да нѐ шармираат, земам за право да го споделам следното:
Прво, категорично стојам на мојот повеќе пати истакнат и образложен став дека, сега, во наша општопозната и незавидна домашна и надворешна ситуација, поточно притисок, не треба да се чепка Уставот. Во догледно време истиот ќе мора да се ревитализира во правец – Македонизација на Македонија – граѓанско општество – нација – држава, ако сакаме да опстоиме како Македонци и држава Македонија! Тоа е вредноста која со години ја губиме поради сопствената недораснатост како објективна состојба, но повеќе како субјективно чувство – развиениот комплекс на помала вредност и чудно всадена во нас вина што нѐ прави инфериорни во решавањето на сопствените проблеми без туѓо влијание, кое го зајакнува комплексот на вина доколку не прифатиме сѐ што ќе ни биде побарано како чинидба, силум или милум. Ова ни се случува во време кога со самооткажување ја губиме националната свест, додека во светот нацијата се воскрева како идеал, збир од низа вредности кои идеолошки и морално го обединуваат народот – нацијата во државата, а воедно и обврзуваат за учество и воспоставување критериуми за соживот, со кои се игнорира шовинизмот.
Второ, само гледачите во ѕвезди веруваат дека „нема да пропадне државата ако се внесат и Бугарите…“ посебно што, пред нив, или со нив треба да биде „решено“ и поставеното барање на Албанците… А, јасно е – и едните и другите, или заедно, нѐ чекаат Македонците со сѐ македонската држава, на кривина. Се работи на тоа!
Трето, отворено е прашањето: – што добивме досега и добиваме сега со промена на Уставот, посебно со „разубавена“ Преамбула, а што губиме Македонците и со нас Македонската држава конституирана како национална држава на Македонскиот народ (нација), со откажување од истата? Кому му е во интерес во екот на светското теориско и практично искуство – формирани држави со нагласени современи нации, овие македонски простори никогаш да не еволуираат од ниво на феудални „мултиетнички“ колонии (двонационални, како историска фаза на патот на албанскиот експанзионизам), во современ политички и економски субјект, одбегнувајќи ги наметнатите прешалтувања на вредностите, од типот „отворено општество“; „општество за сите“…, како бегство кон доброволна национална самонегација во единствениот национален простор, во кој, нашиот идентитет ако не е способен да опстане, станува причина за исчезнување на Македонецот и македонската држава.
Вака, како што пошло да се врти тркалото забрзувано од повеќе раце, со натурени и нефилтрирани прекутрупа барања за граѓанска држава со граѓански устав, буквално сфатен со тенденција на елиминација… ќе дочекаме конечно затворање на вековното македонско прашање, со демакедонизација на Македонија и Македонците. Македонецот со изгубено име, „демократизиран“ ќе стане граѓанин. Нема ни нација – народ Македонци, а со тоа ни држава со името Македонија. И? – Некогашното „Македонија на Македонците“, ќе биде заменето со „Државата (која?) на граѓанинот (?)“ – безимена држава со безимени граѓани, каква што светот не познава.
Прашањето е: дали нашиот Устав е граѓански, етнички, или никаков, и каков сакаме да биде. Толкуван од многу страни кои се грижат да внесат хаос во поимите „нација“ , „држава“, „граѓанско општество“, „етнички малцинства“… се создаде збрка на секој чекор, вклучувајќи го и Уставот. Последните децении кога со светот сме во непосредна врска како суверена нација – народ, и во ОН, нашето гледање и употребата на овој поим, полека, со тенденција излегува од рамките на меѓународната практика.
Зборот „нација“ означува исто што и зборот „етнос“, или зборот „народ“. Кога ќе се рече „македонска нација“ се мисли на народот кој живее во државата Македонија. Зборот „етнос“, се употреба кога се говори за посебноста на одделни заедници – етнички заедници, групи, или, за односите меѓу нив, кај нас именувани како меѓуетнички односи. Тој означува јазични, културни, обичајни и други особености.
Подруг развој доживува зборот „нација“. Во западна Европа, развојот и централизацијата на државите постепено доведе до тоа, принципот на територијалноста на државата да стане основен инструмент во создавањето и во одржувањето на националната заедница. Нацијата не се двои од државата иако тоа не се идентични категории, но се комплементарни и дозволуваат еволуирање од степен на „народ“ до степен на „политички народ“ кој владее со сопствената судбина.
Ваквиот единствен пристап кон поимот држава – народ – нација, чија творба е граѓанското општество, беше најизразен во Франција која со посебен Декрет, по Револуцијата од 1789 година ја прогласи единствена Француска нација, а Францускиот јазик го прогласи за единствен во земјата. Нагласка беше ставена на универзалните права на човекот, без оглед на неговите етнички посебности. Државата и нејзиното население беа прогласени за нација – народ. На тој начин поимот нација се претвори од етнички во правно – политички поим – народ. Во Франција, со сложен етнички состав, сите станаа и се Французи. И комшилакот ни опстојува во национални држави на народ со конкретно име, кое име го носи и државата. Зошто ние да бидеме поинаку? Ни се одзеде името Македонци, за да ни се одземе и државата Македонија?
Пристапот е единствен и во Обединетите нации, или Обединети народи. Така беше и во Лигата на нациите, или Лигата на народите. Ваквиот територијален и современ пристап кон поимот нацијата или народ, е прифатен како политички поим и се применува во мнозинството земји во светот. Само за нас Македонците не важи тоа што важи за сите. Сакаме да го исфрлиме од Уставот зборот нација – народ, одвоен од категоријата држава, да го замениме со зборот граѓанин? Ќе правиме „делбен биланс“ ама само од нашето, како божемна рамнотежа со малцинствата, кои рамноправни граѓани на Македонија си имаат свои матични национални држави во соседството. Зошто ние да немаме? Треба да ни е јасно дека без македонска национална држава, нема опстанок на Македонецот и Македонската кауза. Тоа е крај!
Дародајката Македонија треба да престане со постојано регенерирање синдромот на експеримент самата со себе , движејќи се по работ на самонегацијата, до исчезнување, секогаш усмерувана или манипулирана од дома и соседите. Како срам се отфрла „националното“, иако, модерните нации не прават поделба на граѓанско и национално, и самите се сметаат како производ на граѓанското општество.
Македонското општество ако правилно се гради како граѓанско со лик на модерните современи нации, повеќе ќе ја развива сликата на македонската нација и држава, избегнувајќи, за да удоволи на другите, да се претвора во полигон за експериментирање со Македонците, кои во мир се однародуваат од своето име, а со тоа и името на државата, на која, по „исчезнувањето“ на Македонците ѝ претстои веќе планираната и позната делба на обезимената територија, од тие, кои се горди на своето име, идентитет и своја матична земја. Буквално сфатениот „граѓански концепт“, одговара за манипулирање од типот на глобални, геостратешки, или регионални цели и интереси кои не се кријат…
Ете, кон тоа нѐ водат „компромисите“ кои се чисти недоветни отстапки во прилог на лажниот соживот, добрососедските односи… Сѐ, со намера да се растури македонската држава со збришување на постоењето на Македонците, почнувајќи од името…, на чие место (би) стапува именката „граѓанинот“ како замена. И сега како народ сме само за внатрешна употреба, нарекувајќи се само меѓу себе со своето вековно име кое ни е одземено. Решен ни е и проблемот со македонското малцинство во соседните земји. Таму нема Македонци!
Со ова наше откажување од самите себе, сведувајќи се од народ во заедница, па во граѓани како фолклорно здружување, дефинитивно ќе се потврди привремениот статус на македонската нација и нејзиниот „титоистички – коминтерновски“ карактер, како вештачка творба опасна за соседите. Од внатре и од надвор веќе се работи на реализација на оваа стратегија…
Македонија се руши од внатре, како нација разнебитена од т.н. мултиетничка демократија, фактички анархија, која ја збриша волјата на мнозинскиот Македонски народ и воведе диктатурата на малцинството Албанци. Нарушен е и територијалниот интегритет… Македонија е Апартхејд!
„Будала е оној, кој им дал и дава сѐ, на оние кои не заслужуваат ништо!“.